Свет

Италија: Замрзнување на цените на основните прехранбени производи од домашната индустрија

02 Oct 2023

Италијанската премиерка, Џорџa Мелони, најави договор со домашната индустрија, чија цел е да се задржат ниските цени на основните производи, како што се храната, производите за лична нега и бебешките производи, кои, според застапниците на потрошувачите, ќе донесе огромни заштеди на семејствата.

Експерименталната програма трае од 1 октомври до 31 декември и вклучува 32 деловни здруженија кои се договориле да ја намалат или задржат горната граница на цените на одредени артикли во овој период.

„Мислам дека ова е првпат целиот италијански систем, од производството на храна до производите за широка потрошувачка, да потпише пакт со Владата за да ги држи потрошувачките цени под контрола, да им помогне на семејствата, особено на оние во тешкотии“, рече Мелони.

Организацијата на потрошувачи Асунтенти го пофали проектот и пресмета потенцијална заштеда од 4 милијарди евра, иако рече дека сè уште има многу непознати, вклучително и списокот на производи кои ќе бидат покриени со програмата за ограничување на цените.

Во програмата се вклучени синџири на супермаркети, мали трговци на мало, како и производители на храна и лекови.

Се очекува продавниците кои учествуваат во проектот да го сигнализираат своето учество со налепници во зелена, црвена и бела боја - боите на италијанското знаме.

Адолфо Урсо, италијанскиот министер за економски развој, рече дека инфлацијата во земјата паднала под просекот на Европската Унија, од 11,7 отсто кога Мелони ја презеде функцијата минатиот октомври на 5,4 отсто во септември. Заводот за статистика на ЕУ во петок ќе објави нови податоци за инфлацијата.

Во август потрошувачките цени во 27-те земји на ЕУ се зголемени за 5,9 отсто во однос на претходната година, како и за 5,2 отсто во 20-те земји кои го користат еврото. Ова е помалку од рекордните 10,6 отсто измерени во еврозоната во октомври 2022 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...