Свет

ЕУ: Трговски суфицит од една милијарда евра во вториот квартал на 2023

29 Aug 2023

По шест последователни квартали на дефицит, трговскиот биланс на ЕУ во вториот квартал годинава бележи суфицит од една милијарда евра, пред сè, како резултат на падот на цените на енергенсите, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат.

Според податоците на Евростат, извозот од ЕУ во вториот квартал годинава се намалил за два отсто, а увозот за 3,5 проценти, што резултири со остварениот суфицит. Во вториот квратал лани ЕУ забележа дефицит во трговската размена од 155 милијарди евра, што претставуваше највисоко ниво на дефицит од 2019 година.

Намалувањето на обемот на увозот во вториот квартал од 2023 година се должи на намалувањето на цените на енергенсите за 15,6 отсто и на суровините за 10,9 проценти споредено со првиот квартал од годината.

Во делот на извозот, најголемо намалување има во секторот енергија за 22,5 отсто и во сферата на суровините од 9,3 проценти. Пад на извозот во периодот од април до јуни 2023 година се бележи во сите сектори во ЕУ, освен во секторот машини и возила, каде е остварен пораст од 2,5 отсто.

Во овој сектор трговската размена се зголеми трет квартал по ред и достигна 52,4 милијарди евра, што сепак сè уште е далеку од рекордната вредност од 60,7 милијарди евра остварена во првиот квартал во 2019 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...