Свет

Усвоен договорот за Брегзит со Северна Ирска

04 May 2023

Велика Британија и ЕУ конечно го усвоија договорот за Северна Ирска по Брегзит. Потпишувањето се случи по години напнатост за предизвиците од имплементацијата на претходниот протокол на Северна Ирска.

Новиот договор, со кој ќе се отстранат препреките во трговскиот тек меѓу Велика Британија и Северна Ирска, ќе биде големо олеснување за прехранбената индустрија. Благодарение на договорот, стоките што одат преку границите ќе се разграничуваат во две ленти – зелена и црвена. Британските стоки што се наменети да останат во Северна Ирска ќе ја користат зелената лента и ќе бидат предмет на многу помалку контроли, ќе поминуваат со помалку документација и речиси без рутински физички проверки по должината на границата со Ирското Море. Стоките што се движат кон Република Ирска или кон други земји на ЕУ ќе ја користат црвената лента и ќе треба да обезбедат детални царински информации.

Бизнисите ќе мора да се регистрираат како доверлив трговец според новата Шема за внатрешен пазар на Велика Британија (UKIMS – UK Internal Market Scheme) за да можат да ја користат зелената лента. Голем број трговци на мало, вклучувајќи супермаркети и доставувачи, ќе се квалификуваат за UKIMS. Откако ќе се квалификуваат, трговците и доставувачите ќе може да ја користат зелената лента и да влезат во Северна Ирска доколку стоката е наменета да остане таму. Тоа ќе го намали времето што превозниците го поминуваат на граница и ќе го зголеми протокот на стоки во Северна Ирска.

Трговците ќе мора да воведат нови ознаки „не за ЕУ“ (not for EU) на одредени прехранбени производи што се продаваат северно од границата. Етикетирањето ќе се спроведува во фази, со што бизнисот ќе има време да се приспособи. Производите како што се месото, млечните продукти, производите од растително потекло и преработките од животинско потекло се сметаат за високоризични и ќе мора да бидат означени од октомври.

Допрва треба да се утврдат деталите околу потребната документација, како ќе се одвиваат проверките и како точно тие ќе влијаат врз синџирите на снабдување.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...