Извозниците од Обединетото Кралство велат дека дел од нивните маршрути во земјите на Европската Унија станале неостварливи. Органските и производите од животинско потекло се дел од стоките што се најтешко погодени од новите правила.
Откако на почетокот од годината стапија во сила новите трговски правила со ЕУ, производителите наидоа на голем број препреки при усогласувањето со новите прописи. Голем дел од компаниите правеа пресметки колку тоа им е исплатливо и одлучуваа дали трајно да го запрат извозот на одредени пазари во ЕУ.
Освен тоа, постои и Северноирскиот протокол, кој е дел од билатералниот договор меѓу владата на Велика Британија и ЕУ за регулирање на трговијата по Брегзит со Северна Ирска. За да се спречат контролите на стоките по должина на границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, беше одлучено царинските правила да се спроведуваат на пристаништата во Северна Ирска, со што беше создадена вештачка морска граница.
За да можат доставувачите на прехранбени производи и малопродажните трговци да се приспособат на промените, постои грејс-период, кој завршува во октомври годинава. Според топ-трговците „Теско“, „Асда“, „Сеинсберис“, „Кооп“, „Ајсланд“ и „Маркс & Спенсер“, следува фаза во која ќе има зголемување на трошоците и за нив и за потрошувачите од Северна Ирска. Шесте трговски синџири испратија заедничко писмо до владата на Велика Британија и до Европската комисија, во кое ја изразуваат нивната загриженост.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.