Македонија

Детали: Какви дозволи ќе им требаат на компаниите и работниците за време на полициски час

07 апр 2020

Владата објави насоки за тоа како да се организираат компаниите, работниците и транспортот по заострениот полициски час.

Според насоките, економските оператори што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно забраната и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и до сега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец. 

Производствените погони, фабрики и транспорт ќе продолжат да функционираат и во време на полицискиот час кој од утре почнува од 16 часот и ќе трае до 5 часот следното утро секој работен ден, како и за време на викенд (од петок од 16  часот до понеделник до 5 часот). 

За оваа намена самите работодавачи ќе издаваат посебни дозволи за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место. Станува збор за истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица во компанијата. 

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи лицето. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата при контрола ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.

Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел - во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје. Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19, соопштија од Владата. 

Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките:

- Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до2м.

- Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.

- За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена.

- Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).

- Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.

- Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.

- Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.

- Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).

- Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.

- Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.

- Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на мејл.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...