Македонија

Продавачка во маркет: Чекаш што побрзо да заврши!

20 мар 2020

...Работам во маркет. Пред новонастанатава ситуација со коронавирусот не беше вака напнато,стресно и под притисок. Работниот ден не почнува како претходно, кафе пред работа со колешките, шега,смеа....

Тргнуваш од дома на работа, како се да е нормално, а знаеш дека не е. Стигнуваш пред работа и самата глетка е драматична: гужва и редици пред маркетот, нервозни купувачи. Влегуваш, ги поздравуваш колешките  набрзина климајќи со главата и брзаш да се подготвиш за работа. Облекуваш униформа , ставаш маска и ракавици и стартуваш. Чуството е ужасно. Демек заштитни мерки, а знаеш дека заштита немаш – најголем дел од купувачите се собираат пред каса, не почитуваат растојание од еден метар, со сите си лице в лице...

Седнуваш на каса, дезинфецираш со алкохол и почнуваш со „добар ден“ и „повелете“, се обидуваш да се насмееш. Пред себе имаш цела редица купувачи со полни колички, но ти продолжуваш со работа. Пред каса слушаш и гледаш луѓе млади, постари, некои ноншалантни, други загрижени, по некој редовен муштерија ќе ме праша како сум...  Напнатоста и турканиците се константни. Има и кавги, и нив ги слушам. Но, мојата работа е да го услужам купувачот, и јас си сите сили се обидувам да си ја вршам работата. Со едниот крај на окото ги гледаш колегите како носат кутии, ги полнат празните рафтови. Додека да се свртиш следниот пат, рафтовите веќе се полупразни. Од почетокот на кризата, побарувачката на храна е огромна, неколкупати повеќе од тоа на што бевме навикнати. Едвај постигнуваме и да наредиме и да наплатиме.

И така е од почетокот до крајот на работното време. Искрено, чекаш што побрзо да заврши. Да заврши работното време, а и целата оваа ситуација. Да се врати спокојството во мојот маркет.

А што да кажам јас? И јас имам семејство, а сепак си ја работам работата знаејќи дека и себе и семејството го изложувам на ризик. Но тоа е,купувачот секогаш има предност!

(Писмо од вработена во маркет)

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...