Македонија

Владата не ги прифати новите анти - ковид мерки, побара дополнителни анализи

26 ное 2021

Владата побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените анти - ковид мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.

Тоа значи дека владата на синоќешната седница не ги прифати предлог препораките на Комисијата од пред неколку дена. Меѓу нив беа сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа и сите институции за одење на работното место да покажат потврда за примена најмалку една доза вакцина против ковид-19 или да имаат негативен ПЦР-тест кој важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние што го прележале вирусот, според предлогот, треба да приложат потврда за прележан ковид во изминатите 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. 
 
Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително, соопштија од Владата. 
 
Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација.

Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемиска болест КОВИД-19, се вели во сооопштението. 

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...