Македонија

„Пакомак“ ги постави првите повратни вендинг машини за амбалажен отпад во Скопје

16 јул 2021

Во „Веро центар“ во Скопје беше промовирана првата од трите вендинг машини на територијата на Скопје, кои ќе работат со специјален систем и ќе доделуваат „зелени поени“ на секој кој ќе го одложи својот отпад во нив. Преостанатите две машини се поставени на различни локации, исто така во маркети од синџирот „Веро“.

Повратните вендинг машини беа развиени од страна на “Пакомак“, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации. Како македонски производ направен според потребите на локалното население, повратните вендинг машини имаат пониска цена на производство и на одржување, додека истовремено придобивката од селектирањето преку нив претставува соодветна награда која ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе ги поттикне да го селектираат отпадот почесто.

На промоцијата на првата вендинг машина покрај претставници на „Пакомак“ беа присутни и министерот за животна средина Насер Нуредини, деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер, австрискиот амбасадор д-р Георг Вуцас, и директорот на „Веро“, Петар Денковски. 

Повратните вендинг машини се голем тренд во светот, особено во општествата каде се става поголем фокус на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Меѓутоа, уникатноста на машините на „Пакомак“ е во системот за повратни поени кои ги добива секој кој го одложува отпадот во нив, кои ние ги нарековме ‘зелени поени’. Во зависност од тоа колкава количина на отпад ќе одложите, толку поени ќе добиете, а потоа ќе може да ги искористите за плаќање сметки, јавни услуги или за шопинг. На граѓаните преку зелените поени им се враќа реална вредност на материјалот кој го селектираат, колку што би добиле секаде во светот. Ова не е класичен депозитен систем како во некои земји, каде граѓаните ги добиваат назад своите пари кои ги дале кога го купиле производот. Преку овој систем, стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот, изјави Филип Ивановски, генерален директор на „Пакомак“.

Поставувањето на овие повратни вендинг машини даваат нова димензија на отпадот од пакување за сите нас како граѓани. Дадена ни е можност свесно да го селектираме отпад и да го одложуваме на соодветно место, од каде истиот низ процесот на рециклирање ќе се искористи како секундарна суровина и ќе добие нова употребна вредност. Со ваквите машини кои се тренд во светот, секој граѓанин има пристап и може да го одложи отпадот и додека пазарува, лесно се применува системот на кауција со што се стимулира поеколошко пакување и задолжителен поврат на амбалажата, а граѓаните добиваат финансиски поттик за одговорното однесување, рече министерот Нуредини.

Денкоски најави дека „Веро“ ќе продолжи да поддржува проекти од општествена важност.  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...