Македонија

Угостителските објекти бараат да бидат затворени до крајот на зимата

16 ное 2020

Комисијата за заразни болести да препорача целосно затворање на сите угостителски објекти до крајот на зимата и со тоа да им помогне да ја оттргнат дамката од угостителската индустрија, да покажат и докажат дека тие ни оддалеку не се последните одговорни жаришта за несразмерно зголемените бројки на заболени од ковид-19, апелира денеска Независната угостителска комора (НУК).

НУК предупредува дека угостителската индустрија ќе колабира ако Владата, без да обезбеди безусловна директна финансиска поддршка, ја прифати мерката најавена од Комисијата за затворање на некои економски оператори.

За да ѝ ја олесниме работата на Комисијата за заразни болести, ако досега не сфати и не научи дека угостителите се најмалку одговорни за зголемениот број заболени од ковид-19, ѝ препорачуваме и ја поддржуваме да не дава повторно препораки за цепкање на работното време или нови крпеници кон постојните протоколи, туку да даде препорака за целосно безусловно затворање на сите угостителски објекти, не само на една недела, две или месец дена, до крајот на оваа зима, како би можеле навреме да донесеме одлуки вработените да ги пратиме на зимски одмор, а ние угостителските објекти да ги конзервираме до доаѓањето на пролетта, вели претседателот на НУК, Здравко Јосифовски во денешното соопштение.

Според него, додека бројките на заболени по донесувањето на последните ограничувања на работа на угостителските објекти расте експоненцијално, угостителската индустрија тоне во долгови, обврски, проблеми со извршители, добавувачи и драстичен недостиг на гости. Резултат на енормното смалување на посетата на угостителските објекти, оценува Јосифовски, е и негативната кампања со која Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Владата придонесоа изминатиот период со изјавите дека најголемите жаришта на заболувања од ковид-19 потекнуваат од угостителските објекти.

Утрово очекуваме Комисијата за заразни болести да ја препорача најавената мерка за целосно затворање на некои економски оператори со која, ако Владата ја прифати, а не реагира веднаш паралелно, со директна безусловна поддршка за угостителите, Комисијата директно ја праќа во кома целокупната угостителска индустрија. Со новата препорака на Комисијата очекуваме од Владата итно да донесе одлука со која неискористените средства од претходните сет мерки веднаш ќе се пренаменат за угостителската индустрија во нов безусловен сет финансиска поддршка на угостителите и целокупната угостителска индустрија, потенцира претседателот на НУК.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Стопанска комора предложи итни мерки за пост-ковид развој на земјоделството

19 ное 2020

Ново XL Бриош пакување од „Жито Лукс“

19 ное 2020

Почна повратот на ДДВ за граѓаните за третото тримесечје

19 ное 2020

„Зендолино“ маркети донираа брзи ковид тестови во Клиничката болница во Штип

19 ное 2020

Вкупно 400 компании ќе добијат финансиска помош од 17,2 милиони евра

19 ное 2020

ДЗС: Просечната нето плата во септември изнесувала 27.405 денари

19 ное 2020
Вчитува уште новости...