Актуелно

Како и кога ќе заздрават македонските компании?

02 сеп 2020

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Секој четврти човек, кој изгубил работа за време на пандемијата на коронавирус во земјава, е помлад од 29 години, објави Агенцијата за вработување. Според нивните податоци, од 11 март до 31 мај годинава, без работа останале речиси 12 илјади луѓе, а 3.300 од нив се под 29 години. Тука не се пресметани и оние кои работат „на црно“. Тоа ја зголемува и онака големата младинска невработеност во Македонија, која е една од највисоките во Европа. Според податоците на Државниот завод за статистика, младинската невработеност во земјава е 35 проценти.

Извозот од земјава во првите четири месеци од годинава бележи пад од 23,8 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците објавени од Државниот завод за статистика. Од податоците се забележува и пад на увозот за 19 отсто.

Статистичките податоци бележат и намалување на месечната нето-плата. Ако во март таа изнесувала 26.422 денари, во април била 25.830 денари.

За справување со кризата, Владата досега донесе три сета економски мерки во вредност од над 550 милиони евра. Со мерките им беше овозможена помош на фирмите за исплаќање плата и аплицирање за бескаматни кредити. Директна помош добија и граѓаните кои преку домашната платежна картичка го поддржаа македонското производство. До средината на јули биле издадени вкупно 276.272 картички на кои биле префрлени 24,6 милиони евра. До овој период со картичките биле реализирани 1,25 милион трансакции и потрошени вкупно 17,7 милиони евра. Од тоа во маркетите со овие картички биле потрошени вкупно 982 милиони денари за купување домашни производи (или речиси 16 милиони евра).

Ова се бројки кои покажуваат дел од состојбата во која се наоѓа македонската економија и кои, според ветувањата на политичките партии, ќе бидат подобрени. Во предизборната кампања ветени беа вложувања во инфраструктура, зголемување на плати и пензии... Но, додека се формира новата влада и додека се остварат ветувањата, се случува вистинската битка на бизнисите, битка која некои компании, за жал, ги фрли на колена. За влијанието на предвремените избори и корона-кризата врз бизнисот зборувавме со Дрилон Исени од Стопанската комора на Северозападна Македонија, Пенка Мукаетова од „Консалтинг интер груп“ и со Павле Гацов, даночен експерт. Тие истакнаа кои се главните проблеми со кои се соочуваат компаниите, што треба да направат за да ја надминат кризата, но и за тоа дали сега е време за инвестиции.

Дрилон Исени, извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија

Трансформација на пристапот на државата кон компаниите

Изборите како процес секогаш претставувале прекин или забавување на економската активност, но во околности кога имавме техничка Влада и кога изборите беа неминовни, и сега поради пандемијата на Ковид-19, кога економијата е силно погодена, нашиот став беше дека на земјата ѝ се неопходни избори од кои ќе произлезе стабилна влада која ќе се справува со создадената криза.

Негативното влијание на пандемијата врз нашата економија е неоспорно. Нашите истражувања и анализи покажуваат дека компаниите во земјата претрпеле големи загуби од аспект на приходи, број на вработени и во нивната деловна активност во целост, особено во првите 3 месеци од пандемијата.

На пандемијата ѝ претходеше и вообичаеното економско забавување кое се случува на почетокот од годината. Токму во периодот кога економијата заживува, поради ситуацијата со Ковид-19, бизнисите принудно се затворија, оставајќи многу микро и мали компании на работ на егзистенција. Вообичаени проблеми за сите сектори и категории во моментот се недостигот на ликвидност, опаѓање на присуството на компаниите во домашни и странски пазари, драстичен пад во извоз, а со тоа и генерален економски пад на земјата. Вреди да се напомене дека пандемијата ни откри една голема слабост, а тоа се дигитализацијата и алтернативните методи на водење бизнис, во кои многу од компаниите од земјата се покажаа неподготвени. Сепак, кризите, освен предизвици често претставуваат и можности. Ова го потврдува фактот дека само во март граѓаните потрошиле над 10 милиони евра во е-продавниците.

Пандемијата ни откри една голема слабост, а тоа се дигитализацијата и алтернативните методи на водење бизнис, во кои многу од компаниите од земјата се покажаа неподготвени.

Од аспект на бизнис-инвестициите, освен што периодов е соодветно време за тоа, исто така претставува доказ за тоа колку е важно да се трансформираат бизнисите и нивниот пристап, и сметаме дека инвестирањето во тој аспект е од клучно значење особено на долгорочен план, бидејќи нашата иднина како земја треба да биде Европската Унија и нејзините софистицирани економски пазари.

Сепак, пред сè, во време на криза компаниите мора да се приспособат на реалноста со која се соочуваат веќе неколку месеци. Наоѓањето алтернативни решенија и освојувањето нови пазари се клучни елементи на закрепнувањето. Но, пред сè, потребна е трансформација и на пристапот на државата кон бизнис-заедницата. Во оваа критична фаза на економијата државата мора да продолжи со поддршка на реалниот сектор, и новата влада треба да ѝ биде целосно на располагање на бизнис-заедницата со цел да се овозможи полесен пристап до финансии, да се елиминираат даночните и административните бариери кои ја спречуваат економијата да функционира. Мерките во иднина треба да бидат насочени кон погодените сектори кои имаат потенцијал за трансформација и кон фирмите кои од кризата ќе излезат многу посилни.

Пенка Мукаетова, генерален менаџер на „Консалтинг Интер груп“

Дигитализација и реструктурирање на работењето

Имајќи предвид дека последниве неколку години се наоѓаме во постојани изборни циклуси, а сега и состојбата предизвикана од пандемијата, како дополнителен проблем, најмногу ја почувствуваа малите и средните компании, кои се столбот на нашата економија. Како специјализирана консултантска компанија за деловно право и обезбедување полесен пристап до финансии за МСП, успеавме да дадеме значителен придонес во обезбедувањето средства на компаниите за полесно справување со кризава. Имавме компании кои не ја реализираа планираната економска активност, но и компании за кои ситуацијата влијаеше освестувачки. Па преку советите и поддршката за изработка на проекти кои им ги дадовме, за искористување можности за пораст и развој аплицираа на јавниот повик „Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19“ од Фондот за иновации и технолошки развој, на јавниот повик за „Финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост КОВИД-19 периодот“ од Министерството за економија на РСМ, како и на бескаматните кредитни линии КОВИД 1 и КОВИД 2 преку Развојна банка на РСМ.

Најголеми проблеми со кои се соочија компаниите беа одржувањето на ликвидноста, нефункционалните институции, сивата економија која зема сè поголем замав во последен период, како и селективната правда која ја има државата во однос на владеење на правото.

Во ера на иновативно претприемништво македонските компании се соочуваат со одржување на ликвидноста, нефункционални институции, сива економија, селективна правда...

Во поглед на инвестициските планови во овој период, има интерес од компаниите за инвестирање и развој, но потребна е поголема поддршка и сигурност на подолг рок. Ова е ера на иновативно претприемништво и многу е нормално инвестициите во најголем дел да бидат во дигитализација и комплетно реструктурирање на работењето.

За да ја надминат кризата, компаниите треба да ги следат глобалните трендови, да ги искористат сите пристапни средства што им стојат на располагање преку сите фондови и финансиски институции, да побараат поддршка од консултантски куќи и паметно да ги инвестираат своите пари.

М-р Павле Гацов, даночен експерт

Заздравувањето ќе се одвива побавно од очекуваното

Компаниите можат да бидат успешни и да ги исполнуваат своите бизнис-планови и предвидувања само во услови на предвидлива бизнис-околина. 2020 година не може да се стави во категоријата „предвидлива“, особено од аспект на пандемијата и последиците врз економијата предизвикани од здравствената криза. Влошувањето на сите економски индикатори, најпрво во транспортната, туристичката и угостителската дејност, преку системот на врзани садови ја зафати целата економија. Денес, со исклучок на неколку сектори, нема дејности што не се погодени од корона-кризата. 

Непредвидливоста и неизвесноста се главниот проблем, на тоа е додадена намалената домашна приватна и јавна потрошувачка, намалените можности за извоз, но и проблемите со увоз од азиските и други далечни дестинации, намалената понуда и кревките доставувачи, високите трошоци пред сè за плати на вработените, како и за фиксните трошоци кои и во услови на криза не се намалија.

Инвестициските активности на компаниите се главно замрзнати. Се чекаат подобри времиња. Продолжуваат со инвестиции само оние компании чиј бизнис е добро позициониран поради пандемијата, како и почнатите инвестиции за кои финансиските средства се веќе обезбедени (од компаниски или од банкарски извори). Инвестирањето во здравјето на граѓаните е полн погодок, производството на храна и енергија, модернизација на технологиите, во ИТ-секторот и дигитализацијата на процесите...

Приходите и понатаму ќе бидат слаби, а пазарите варијабилни и затворени. Затоа компаниите треба да влијаат на тоа што е под нивна контрола, на трошоците.

Компаниите треба да воведат кризен менаџмент. Изгледите за подобрување на економијата до крајот на 2020 не се добри. Заздравувањето ќе се одвива побавно од првично очекуваното, приходите и натаму ќе бидат слаби, а пазарите варијабилни и затворени. Затоа компаниите треба да влијаат на тоа што е под нивна контрола, на трошоците. Да ги намалуваат до оптимумот. Пресилното кратење на трошоците би се одразило на темпото со кое компаниите би излегувале од кризата. Имено, слабите ресурси наместо да бидат предност, како што се во услови на криза, стануваат хендикеп и ограничувачки фактор во фазата на заздравување.

(Текстот е објавен во августовскиот број на магазинот InStore) 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...