Актуелно

Благица Ангелковиќ: За моментот на избор

19 окт 2017
Гостин-воведничар: Благица Ангелковиќ, менаџер за истражување, „Ипсос"

Пазарот на FMCG-производите секојдневно се менува под влијание на мноштво фактори. Денешниот потрошувач никогаш не бил позбунет во изборот, поради огромната понуда на производи и на информации. Потрошувачот во Македонија е свесен за својот избор на производи, бара квалитет за дадената цена, но сепак, тој е особено чувствителен во поглед на цените.

Многу е важно да знаеме дека потрошувачите го избираат брендот кога ќе се сетат на него во моментот на избор. Во тој момент, потрошувачот посегнува по брендот во зависност од силата на мемориското истакнување во неговата потсвест, во комбинација со сите елементи и стимулации што го привлекуваат вниманието.

Преку комуникациски канали (touchpoints) може да го свртите вниманието на потрошувачот и емотивно да допрете до него. Додека традиционалните медиуми постепено ја губат моќта во секојдневната комуникација со потрошувачот, моќта на дигиталните рапидно се зголемува.

Како да изградиме силен бренд кој ќе биде избран?

За да постои силно мемориско истакнување во свеста на потрошувачот, пред сè, треба да се задоволат функционалните и емотивните потреби на користење и да се создаде свесност, силни и релевантни асоцијативни мрежи, кои го поврзуваат брендот со нештата што значат најмногу. Во моментот на избор, вашиот бренд несвесно да биде земен предвид.

Изградете бренд кој се истакнува, дејствувајте во насока тој секогаш да биде достапен и да биде најлесната опција во моментот на избор.

Правилната распределба на комуникациските канали преку кои ќе пристапите до потрошувачот, водејќи сметка дали тие меѓусебно се дополнуваат или разидуваат, ќе ви овозможи максимален ефект со оптимизирани трошоци и многукратно враќање на инвестициите.

„Ипсос" како компанија е присутна во околу 90 земји и врз основа на искуствата, развивајќи ги и дополнувајќи ги своите алатки, трудејќи се да допре до (пот)свесното размислување на потрошувачот, работи за да им помогне на клиентите да изградат посилни брендови и да ги навигираат промените.

На македонскиот пазар, лидери во продажбата во повеќето категории сè уште се интернационални брендови или тие од соседните држави, но во неколку категории, како конкуренција се појавуваат и домашни брендови. Тие компании знаат дека „знаењето е моќ" и вложуваат исклучиво врз основа на пресметани ризици, развивајќи ги стратегиите и градејќи силни брендови. Во последно време, забележувам дека еден дел од македонските компании ја согледуваат важноста на истражувањата и веќе не ги гледаат како трошок, туку како инвестиција. Се надевам дека во блиска иднина ќе се зголеми таа свесност и кај другите македонски компании.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...