Актуелно

Врз чиј грб ќе паднат новите даноци?

14 сеп 2022

Ако ја прашате власта – даноците нема да се зголемуваат, туку ќе се прошири даночната основа. Ако ги прашате економистите и фирмите – најавената даночна реформа ќе донесе нов товар на грбот на приватниот сектор. Кој ќе добие, а кој ќе изгуби со реформите?

Подготви: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Хамим Даути, генерален менаџер на „Даути комерц“:

Како што нагло се зголемија цените во последните 10 месеци, изгледа ѝ дојде редот на државата, ајде сега и ние да ги зголемиме даноците. Сведоци сме на зголемување на цените на нафтата, особено на зголемување на цената на струјата, како и на платите... притоа да не заборавиме дека уште сме во период на ограничени маржи, што некои компании особено ги засега. На крај се прашуваме кој ќе го плаќа сето ова? Па, граѓаните и фирмите, нема кој друг. 

Затоа требаше да се почека некој подобар момент за да се воведува даночна реформа. Ние, преку нашето членство во коморите, сме вклучени во редовни консултации и за ова и за други прашања, а истото го дебатираме и меѓу нас, компаниите. Колку нашиот глас ќе допре до Владата, останува да видиме. Како и да е, Владата ќе го помине редот на консултации со бизнисот, а резултатите од оваа реформа (позитивни или негативни) отпосле ќе се видат. Кога станува збор за сивата економија, (ако намерата е да се сузбие), треба да ни биде јасно дека причина за сивата економија не се ниските даноци и таа не се намалува со зголемување на даноците, туку се стимулира. Сивата економија се сузбива со функционирање на државните институции. За тоа каква е економската ситуација во моментов – ова е време кој како ќе се снајде. Во сите сегменти е нарушен балансот на бизнисот, особено во синџирот на снабдување. Големо влијание имаат транспортот и логистиката каде што енормно се зголемени цените и нарушен е континуитетот на доставата. Големо е влијанието и на цените на нафтата и на струјата. Но, и овој момент е предизвик за „Даути комерц“ да заврши една успешна година со добри резултати. Тоа што му е потребно на бизнисот сега е целосна либерализација на пазарот, укинување на тарифни и нетарифни бариери, особено со пазарот на ЕУ, и ефикасно функционирање на државните институции.

На крај се прашуваме кој ќе го плаќа сето ова? Па, граѓаните и фирмите, нема кој друг.

Славко Лазовски, даночен експерт:

Јас даноците не ги сфаќам единствено како одземање, туку и како создавање нешто ново што ќе произлезе од тоа.

Бизнисот треба да биде прв за даночни реформи. Со нив се подобрува конкурентската положба во меѓународната трговија. Погледнете што направија со своите даночнисистеми успешните земји одЈугоисточна Европа. За околу 30 години направија даночни системи кои силно ја поддржуваат нивната национална економија во меѓународната трговија.

Не може да бидеш „борец“ против сивата економија, а да бидеш против некои,,нови“даноци, кога тие ,,нови“ даноци се проширување на предметот на оданочувањето и намалување на листата со даночни ослободувања. Кога носителите на даночната политика предлагаат даночна реформа, нема зошто да не се прифати. Со секоја даночна реформа даночниот систем станува сѐ подобар. Во денешниот свет и во даночната историја речиси да нема неуспешна даночна реформа. И да има, политиката го презема ризикот, сите други добиваат или не се губитници.

Има многу проверени и потврдени решенија кои треба да ги прифатиме и да ги применуваме. Како нашата економија севклучува со поголем обем во светската, така расте потребатаод т.н. тивка хармонизација на даночните системи. Заостанување во тој процес значи заостанување на нашата економија. И на крај даноците не се толку,,глупави“ да си ја сечат гранката на која седат. Даночната реформа значи и засилување на даночните извори,а даночните извори се во бизнисот.

Бизнисот треба да гледа на даночната реформа како на неопходен лост за побрз економски развој.

Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори: 

Кризата, или подобро кажано кризите кои се надоврзуваат една на друга во изминатите три години и имаат глобални засегања го стеснуваат обрачот за маневрирање на креаторите на економските политики, а притиснати од одржување на финансиската кондиција на државниот буџет го актуализираат прашањето за креирање нови даночни политики. Во такви услови наместо во соработка со реалниот сектор да се креираат решенија кои ќе дадат вистински резултати, се избираат инстант решенија кои во себе носат голем ризик да предизвикаат поголема штета отколку корист.

Како особено ризично решение ја истакнувам предложената мерка за укинување на даночната дедукција со која се намалува даночната основа за реинвестирање на добивката. Даночното ослободување на реинвестираната мерка е значаен стимулирачки фактор за претпријатијата да вложуваат во развој и инвестиции, односно проширување на капацитетите, зголемување на обемот на производство, модернизација и осовременување на технологијата, зголемување на продуктивноста на трудот, нови шанси за вработување, привлекување странски инвестиции. Затоа сметам дека укинувањето на даночното ослободување е погрешна, неразвојна и дестимулативна мерка, контрадикторна со поддршката на новите инвестиции за средните и големите компании за кои се исплатуваат средства од буџетот. Таргетирањето на реинвестирањето само на зелената транзиција и енергетиката ќе има многу ограничен бенефит. Бараме и пролонгирање на почетокот на примена на прогресивното оданочување бидејќи неговата примена во 2018 година даде спротивни резултати од очекуваните, а сѐ уште не се исполнети потребните предуслови без кои не може да се добијат потребните ефекти.

Од друга страна, сериозно загрижува и тоа што во сетот предлози не гледаме никакви мерки за рационализација во јавниот сектор, туку напротив, се зголемуваат платите и трошоците за негово одржување. Имено, се запоставува една многу важна компонента во овие моменти, а тоа е дека ефектите од кризата треба да ги поделиме сите заедно солидарно, а не приватниот сектор самостојно да ги поднесе последиците, додека јавниот сектор континуирано да го зголемува комфорот. Во таа насока, за да се демонстрира волја за рационално и одговорно трошење на средствата од страна на јавните институции, за почеток предлагаме да се укине можноста за ангажирање по договор на дело во буџетски сектор. Целокупното општество да се мобилизира и да одговори на ниво на својата задача бидејќи само така може да го надминеме предизвикот пред кој сме исправени без катастрофални последици.

Наместо во соработка со реалниот сектор да се креираат решенија кои ќе дадат вистински резултати, се избираат инстант решенија кои во себе носат голем ризик да предизвикаат поголема штета отколку корист.

Бранимир Јовановиќ, економист, Виенски институт за меѓународни економски студии: 

Првото прашање што треба да си го поставиме за најавената даночна реформа е дали на Македонија воопшто ѝ треба даночна реформа? Tука одговорот јасно и гласно мора да биде – да. Даночна реформа е повеќе од потребна, и поради тоа што Македонија има еден од најмалите буџети во Европа, но и поради тоа што постојниот даночен систем е крајно неправеден – тој е заснован на даночење на посиромашните луѓе и на малите фирми, а не на богатите и големите компании.

Второто прашање што треба да си го поставиме е дали сега е вистинското време за даночна реформа? Јас би кажал дека реформата е дури и задоцнета! Но ако изборот е сега, или можеби за година-две, мојот одговор е дефинитивно сега. Аргументите дека сега е криза и треба да се почека таа да помине не се издржани. Најголемите реформи секогаш се прават за време на кризи. Кризата е всушност аргумент во прилог на реформата - во време на кризи државата треба да ги помага фирмите и граѓаните, а за да може да го прави тоа, потребни се пари.

Третото прашање е дали оваа реформа што сега се предлага е она што ни треба? Тука мојот одговор е негативен. Предлогот не ја коригира неправедноста која постои во сегашниот даночен систем, туку напротив, ја засилува. Тој е заснован на даночење на хонорарците, кои се веројатно најексплоатираната категорија работници, и на реинвестираната добивка, што особено ќе ги погоди малите фирми, кои немаат лесен пристап до финансии. Односно, предлогот продолжува да ги даночи повеќе оние што немаат наместо оние што имаат.

Четвртото прашање е дали во предложената реформа има сепак нешто добро, и тука мојот одговор е позитивен. Добра е намерата да се укине максималната основица кај придонесите за социјално осигурување, бидејќи ограничувањето кое постои сега прави оние со месечни плати над 10.000 евра да плаќаат помали придонеси од другите. Добра е и намерата да се намалат даночните намалувања и ослободувања бидејќи ги има премногу и го прават даночниот систем швајцарско сирење. Во основа, добра е и намерата да се даночат каматите на штедните влогови затоа што и тоа е вид доход. Но тука треба да се прави разлика помеѓу луѓето што имаат заштеди од неколку илјади евра и луѓето што имаат заштеди од милиони евра. Вторите треба да се даночат, првите не.

Петтото, можеби најважно прашање е како треба да се приспособи предлогот за да биде подобар? И тука мојот одговор е краток и јасен – прогресивен данок. И на личен доход и на добивка. Приближно, да бидат опфатени најбогатите 1% од луѓето и најпрофитабилните 200 фирми во државата. Со тоа би можеле да се соберат повеќе од 100 милиони евра годишно, двојно повеќе од ова што го најавува Владата сега. Пари кои ќе може да се искористат за да им се помогне и на фирмите и на луѓето што се погодени од кризава.

Даночна реформа е повеќе од потребна, поради тоа што Македонија има еден од најмалите буџети во Европа, но и поради тоа што постојниот даночен систем е крајно неправеден.

 

 

 

 

 

 

 

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...