Актуелно

Горан Теменугов: Земјо моја

24 јун 2021

 Пишува: Горан Теменугов, новинар 

Како што најави, Владата го претстави Законот за продажба на земјоделско државно земјиште. Нацрт-законот беше објавен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР) за да можат сите заинтересирани да дадат коментари, предлози и забелешки на предложеното решение. Очекувано, предлогот наиде на остри реакции. Се побунија граѓанските организации, земјоделските стручњаци, граѓаните, опозицијата. Секоја група има свои причини зошто смета дека Нацрт-законот не е добар. Во него се предвидува да се дадат на продажба 50.000 хектари слободно државно земјоделско земјиште и 130.000 хектари кои се под закуп. Цената е од 0,20 центи до едно евро за квадратен метар, во зависност од категоријата на земјиштето. Слободното земјиште, или 50.000 хектари ќе се продаваат со јавно наддавање, додека земјата која е под закуп прво ќе им се понуди на тие што ја изнајмиле од државата. Обврска на купувачите е да не го пренаменат земјоделското земјиште најмалку 10 години. По истекот на деценијата, сопствениците со него ќе може да прават што сакаат.

Генералните забелешки на понуденото законско решение се дека градежната мафија ќе ја искористи можноста и за мали пари ќе дојде до големи парцели земја кои за 10 години ќе станат градежни и на нив ќе никнат згради, населби, хациенди. Со ова трајно би се изгубило земјоделското земјиште. Проблем е и ниската цена, но и можноста само богати поединци или компании да купат огромни парцели земја. Притоа, само една деценија постои обврска за вложување во земјоделско производство. Потоа може да биде само голо искористување на земјата, без грижа за нејзиниот квалитет.

Во ваква атмосфера на целосна недоверба, која се заснова на секојдневното уривање на кредибилитетот на институциите од политичарите и свесното и дрско уривање на јавниот интерес, невозможно е да се водат успешни економски политики. 

Во бројки, ако се продадат 180.000 од вкупно 248.000 хектари државно земјоделско земјиште, тоа значи дека 7% од вкупната територија ќе преминат во приватни раце. Односно, национално богатство кое сега е во сопственост на сите нас ќе стане приватно и по истекот на 10-те  години за оваа земја ќе важат сите пазарни правила, без ограничувања.

Но, зошто ова звучи страшно? Лично, сметам дека оваа земја треба да се стави во економска функција. Второ, освен заштитени подрачја каде што не би смеело да се чепне природата, земјоделското земјиште е економска категорија. Плус, во Македонија проблем се малите површини кои попречуваат модерно и интензивно земјоделство. Ние како држава сме голем увозник на храна. Ако на вистински начин се стави во функција ова земјиште, тогаш ќе имаме бенефити. Знаеме дека без менување на природата, тешко е да се постигне економски напредок. Но, вистинскиот проблем е во нашата огромна, навистина огромна недоверба кон институциите. Како граѓани не веруваме дека целта на Владата, на политичарите, е да ни донесат економска благосостојба, да ја заштитат природата и да се потрудат земјоделското земјиште да остане за својата примарна цел, а тоа е производство на храна.

Во ваква атмосфера на целосна недоверба, која се заснова на секојдневното уривање на кредибилитетот на институциите од политичарите и свесното и дрско уривање на јавниот интерес, невозможно е да се водат успешни економски политики. Затоа, пред да се носат одлуки за големи реформи, пред да се најавуваат инвестициони циклуси, како Интервентниот план за инвестиции 2021 – 2027 каде што треба да се реализираат над осум (8) милијарди евра економски проекти, меѓу кои и давање под концесија на туристичкиот комплекс Попова Шапка на Шар Планина или проектот за добивање енергија од согорување отпад во Дуброво, Општина Неготино, мора да се врати довербата во институциите и мора политичарите да нè убедат дека системот е кадарен да ги заштити јавниот интерес и здравјето на граѓаните. За жал, реалноста нè демантира во ова. Сетете се колку ни доцнеше вакцинацијата, како се постапува со дивоградбите во Охрид и во Струга, поради што овој регион, според УНЕСКО, ќе стане загрозено подрачје, па како не (нè) заштитија институциите од канцерогеното масло за горење чиј чад со години го дишевме, па како е уништено скопското централно градско подрачје со огромни згради итн. Едноставно, на секој чекор целосно фијаско во функционирањето на централните и локалните институции. Со ова, економија нема да има или ќе има, ама од типот на транзицијата во 90-тите години. 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...