Актуелно

Горан Теменугов: Половични луѓе

21 окт 2020

Нашиот менталитет на половични и на јуриш направени решенија кои во моментот се добри, на среден и на долг рок покажуваат слабости што многу нè чинат.

Почна учебната година. Единствената националната платформа за онлајн-учење која беше направена во 12 часот и 5 минути ги даде очекуваните резултати. Повеќе беше оф отколку он. Како што кажав, очекувано. Работата на нејзиното создавање реално почна откако пред еден и пол месец на позицијата министерка за образование стапи Мила Царовска. Претходните пет месеци, од април, кога веќе јасно беше дека здравствената криза ќе предизвика тектонски поместувања во начинот на образование, од физичко присуство кон онлајн-учење, беа изгубени. Ништо не се работеше, само се зборуваше, се дебатираше, се најавуваше. Поранешниот министер за образование Арбер Адеми ќе остане запомнет како министер кој за сите проблеми во неговиот сектор одговараше дека ќе почне да се решаваат од наредната недела.

А главниот проблем оваа есен е како до ефикасно и одржливо образование. Кога го пишувам текстов, тестирањето на онлајн-платформата покажуваа исклучителна нестабилност. Системот паѓаше. Јавноста бурно реагираше, се создаде притисок дека Министерството е неспособно за да се бори со предизвиците. Дури, само по еден месец министерување, опозицијата побара од Царовска оставка.

Во вакво опкружување Министерството за образование треба да најде најдобро решение за наставата, за заштитата на децата, за спроведување на протоколите, за унапредување на образованието. За еден и пол месец треба да се надомести пропуштеното од пет месеци, но и пропуштеното со години, ако не и со децении.

Поради ваквиот пристап на половични решенија, мора да се детектираат клучните слабости кои ќе бидат појдовна точка на градење долгорочни и функционални решенија. Тоа се: борба против корупција, владеење на правото и преструктурирање на буџетот.

Секако, ова не е можно да се стори за кратко време. Но, реалноста вели дека треба итно да се дејствува. А при итно дејствување се стегаат забите, се завршува работата и се добива некаков резултат. Некаква функционална платформа, некакви функционални решенија за образованието. Но, веројатно тоа ќе бидат крпеници. Ќе бидат направени само за да ги задоволат моменталните потреби. Да се преброди моменталниот предизвик. Кога реалноста, а и јавноста ќе наметне друг приоритет, во друг сектор, сите сили ќе се впрегнат во крпење на состојбата таму. И таму ќе се добие крпеница.

Ваков заклучок за нецелосни решенија црпам од времето на воведување на принципот на бруто-плата во 2009 година. И тогаш информатичката технологија закажуваше, а софтверот имаше милион пропусти. Но, по притисок на јавноста и голем ангажман на Управата за јавни приходи и на Министерството за финансии, проблемите се решаваа. Се решија, но оттогаш многу малку е направено да се подобри системот. Да се заокружи и да нема технички проблеми особено при поголемо оптоварување. Решение, крпеница. И така сме си навикнати.

Ваквиот менталитет на половични и на јуриш направени решенија кои во моментот се добри, на среден и на долг рок покажуваат слабости кои многу нè чини. Во моментов во речиси сите сектори на државна управа имаме нефункционални институции бидејќи сè е крпеница. Законите, правилниците, ако ги има, работната етика, сè е подредено само да дејствува во извонредно вонредни околности. Во нашата секојдневна рутина, кога треба професионално работење со 100 отсто од капацитетите, ова воопшто не се испорачува.

Поради ваквиот пристап на половични решенија, мора да се детектираат клучните слабости што ќе бидат појдовна точка на градење долгорочни и функционални решенија. Бидејќи капацитетите се ограничени и не може да се реформира од темел целиот систем, најдобро би било сите сили во државата да се впрегнат во три сегменти. Тоа се борба против корупцијата, владеење на правото и преструктурирање на буџетот. Ако се успее да се изгради долгорочен функционален систем во овие три точки, каде што секојдневно ќе имаме 100 отсто посветеност на луѓето во спроведување на реформските решенија, многу полесно ќе биде да се среди и образованието, и економијата, и екологијата, и социјалата и сè друго. Но, како што напишав, веројатно веќе во нашата матрица е сè да правиме половично.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...