Работење

Како да го освоите онлајн-просторот?

01 фев 2023

Секој бизнис треба да биде онлајн. Тоа не е нов совет, туку само здраворазумска констатација.

Приреди: Редакцијата на InStore

Интернетот продолжува да се развива и долгата листа на работи што луѓето можат да ги прават онлајн, постојано се зголемува. Луѓето се чувствуваат поудобно од кога било досега кога одржуваат онлајн-состаноци, пазаруваат, се дружат или планираат одмор преку интернет – без разлика дали тоа е на телефон, компјутер или на некој друг поврзан уред.

Сепак, барем засега, луѓето сè уште го поминуваат поголемиот дел од времето во реалниот свет. За повеќето брендовите, офлајн-искуствата остануваат суштински. И покрај тоа, онлајн-присуството е од витално значење за брендовите и тоа не е ограничено само на градење елегантна веб-страница. Постои цела низа онлајн-алатки, во кои брендот може да инвестира – од социјални медиуми до мобилни апликации.

Најпрвин, да дефинираме што точно е офлајн-бренд. Тоа е бренд што е фокусиран првенствено на интеракциите што се одвиваат во реалниот свет. Некои од најголемите брендови во светот, како на пример Coca-Cola, McDonald’s и Ikea, се офлајн фокусирани. Сепак, само затоа што основниот начин на кој потрошувачот се ангажира со брендот е офлајн, тоа не значи дека тие брендови не треба да се најдат и на интернет. Најуспешните брендови знаат дека користењето на онлајн-присуството е од витално значење за да се поврзат со потрошувачите.

Неколку различни начини...

Постојат различни начини на кои офлајн-брендовите можат да го изградат своето онлајн-присуство.

  1. Направете веб-страница

Уште од доцните 90-ти години од минатиот век, од суштинско значење за секој бизнис е да има веб-локација. Оттогаш, тоа што може да се постигне со веб-страницата значително се разви. Сепак, дури и тие први примитивни веб-страници извршија многу важна функција, затоа што компанија без веб-страница е како куќа без адреса. Во најмала рака, таа им овозможува на корисниците од целиот свет да видат за каков бизнис станува збор, каде се наоѓа и како можат да контактираат со производителите.

Веб-страницата му дава кредибилитет, видливост и пристапност на брендот. За офлајн-брендовите, веб-страниците се како центри што пренесуваат важни пораки за брендот, детали што може да помогнат да се подобри офлајн-искуството, линкови до други онлајн-простори (апликации и социјални медиуми), информации за понуди и промоции. Веб-страниците може да бидат и места за хостирање содржини – видеа, блогови и поткасти, кои помагаат да се гради идентитетот на брендот.

  1. Искористете ја моќта на социјалните медиуми

Еден од најпопуларните начини да се изгради и да се искористи присуството на интернет е преку социјалните медиуми. Преку присуството на платформи како „Фејсбук“, „Твитер“, „Линкдин“, „Инстаграм“ и „Тик-ток“, брендот може да доставува органска содржина до ангажираните потрошувачи, да го развива идентитетот и да се вклучи во важните – и тривијални – дискусии што се одвиваат таму.

Социјалните медиуми може да функционираат и како алатка за услуги на потрошувачите, но и како алатка што се користи за маркетинг-цели. Целната публика добива можност да поставува прашања, да поднесува поплаки или да дава предлози, а фидбекот е одличен начин за подобрување на искуството на купувачите.

  1. Диверзифицирајте ја понудата со е-трговија

Само затоа што примарното искуство со брендот се одвива офлајн, тоа не значи дека понудата не може да се диверзифицира и да се понудат алтернативи на интернет. Доколку на потрошувачите им се овозможи да купуваат и онлајн, брендот може да се оддалечи од офлајн-искуствата, доколку се појави потреба за тоа.

Компаниите дури и не мора онлајн да го продаваат основниот производ. Добар пример за тоа е е-продавницата на „Кока-Кола“, каде што купувачите можат да купат други стоки, да направат големи нарачки за настани, да купуваат персонализирани шишиња...

Ако сака да се развива, брендот треба да инвестира во стратегија за онлајн-содржина, услуга за поддршка на купувачите и во апликација.

  1. Направете апликација

Создавањето апликација за брендот може да биде скапа вежба, но има многу добри причини да се направи тоа. Како и веб-страниците, и апликациите можат да дејствуваат како центри – да нудат богата содржина, линкови до други платформи или начини за интеракција на потрошувачите. Но, тие се и фантастични алатки за развој и проширување на понудата на брендот.

На пример, „Најк“ има најмалку пет апликации: Nike SNKRS, Nike Training Club, Nike Run Club, Nike Athletic Studio и Nike Adapt. Притоа, сите апликации не се поврзани со е-трговија – наместо тоа, тие се дизајнирани да ангажираат различни сегменти од публиката со различните аспекти на брендот Nike.

Што можат да постигнат офлајн-брендовите со онлајн-присуството?

  • Да го поддржат главниот тек на приходите со е-продавница. Е-трговијата може да помогне да се диверзифицира бизнисот, нудејќи онлајн-алтернатива за главното офлајн-искуство. На пример, Ikea е бренд со светски познато офлајн-искуство за купувачите. Тоа е клучен USP (Unique Selling Proposition – единствена продажна понуда) на „Икеа“, кој беше толку силен што брендот се воздржа од продажбата на производите преку интернет сè до 2018 година, кога ја доби првата директорка за дигитални операции, Барбара Мартин Копола. Таа доби мандат од извршниот директор Џеспер Бродин да промени речиси сè. Оттогаш, сè поголем дел од асортиманот на „Икеа“ на одредени пазари е достапен онлајн. Во 2019/20 година онлајн-купувањето сочинуваше 11% од вкупните приходи на брендот, а до 2021 година тој се искачи на 26%. Ова огромно зголемување делумно се должи и на пандемијата на ковид-19, поради што беа затворени физичките продавници. Сепак, онлајн-опцијата беше овозможена бидејќи компанијата веќе инвестира во диверзификација на понудата и во поддршка на офлајн-искуството.
  • Да ја зголемат релевантноста на брендот. Присуството на брендовите на социјалните медиуми се разви од нивниот почеток како фан-страници на „Фејсбук“ до целосно развиени идентитети што прават многу повеќе од само пренесување на маркетинг-пораки. Администраторите на социјалните мрежи мора да го одржуваат жив идентитетот на брендот со постојани коментари на културните настани и со промотивна содржина. За офлајн-брендовите, тоа е одличен начин да се пробијат низ бучавата на интернет и да ги потсетат потрошувачите дека сè уште се тука. Добар пример за тоа е „Вендис“, американски синџир ресторани за брза храна, кој иако постои од доцните 60-ти години на минатиот век, неговото вешто изработено присуство на „Твитер“ го направи еден од најголемите брендови на социјалните мрежи. Познат по острите реплики и духовитите одговори, во 2019 година „Вендис“ доби награда за најиновативна компанија во категоријата социјални медиуми.
  • Да го поттикнуваат успехот на купувачите. Еден од најважните начини на кои присуството на интернет може да му помогне на брендот е да ја прошири понудата за поддршка на купувачите. Постојат огромен број начини на кои на купувачите може да им се овозможи брз и лесен начин да дојдат до посакуваниот производ или услуга. Веб-страницата може да има секција со често поставувани прашања или дури и чет-бот за да помогне на купувачите во решавањето на едноставни прашања. За посложените прашања, може да биде ангажиран тимот за социјални медиуми. Богатата онлајн-содржина може да го подобри искуството на купувачите и да им помогне на вистинскиот начин да го користат производот. На пример, освен со промотивни содржини, брендот DJI го пополнува каналот на „Јутјуб“ со видеа „како да се направи“, кои им помагаат на купувачите да извлечат максимум од нивното купување. Логиката зад овој пристап е едноставна – инвестицијата во успехот на купувачите значи дека е поголема веројатноста тие да го користат истиот производ и во иднина.
  • Да зборуваат директно со ангажираните потрошувачи. Офлајн-каналите сè уште не се застарени – директната пошта и радиото сè уште може да имаат предност во одделни случаи. Но, за директен разговор со ангажираните потрошувачи, најдобрата опција за брендовите е да го водат разговорот онлајн. Без разлика дали станува збор за апликација или за њуслетар, брендовите треба да им обезбедат на потрошувачите можност да се поврзат, вклучат и да бидат во тек со новитетите на доверлив начин. Апликациите се најсофистицираниот начин за тоа, но и е-поштата може да биде ефективна. Supreme е бренд што одлично ја користи својата мејлинг-листа за да ја зголеми офлајн продажбата.

Заклучок

Офлајн-брендовите имаат на располагање мноштво алатки со кои можат да се поврзат со онлајн-публиката, а тоа денес е од суштинско значење. Не е важно за каков бренд станува збор – ако сака да се развива, брендот треба да инвестира во стратегија за онлајн-содржина, услуга за поддршка на купувачите и во апликација.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...