Работење

Како производството на сладолед да биде во чекор со пазарот?

07 јул 2021

Вкусот на консументите за сладолед се развива со огромна брзина, а тоа има импликации врз производителите што сакаат да бидат во чекор со пазарот и да ја задоволат побарувачката

Приреди: Редакцијата на InStore

Вкусот е веројатно најважниот фактор за избор на сладолед. Сепак, постојат и други трендови во развојот на оваа категорија кои им помагаат на производителите да ја изградат натамошната конкурентска предност.

Во продолжение се претставени четири клучни глобални трендови во категоријата сладолед, а тоа што е особено важно за производителите – е начинот на кој може да ги искористат, т.е. да ги капитализираат.

  1. Задоволство: богато, но не премногу

За современите консументи, сладоледот е синоним за задоволство за сите сетила. Што е сладоледот ако не момент на луксуз, блаженство, декадентно уживање што треба да се вкуси до последната капка?

Производителите реагираат на овие „сили“ на пазарот со премиумизација на производите, што ги прави пораскошни, повкусни и покремави. Премиумизацијата вклучува додавање иновативни вкусови и понапредни конструкции за да се обезбедат нови сензации и луксузно искуство при консумацијата. Вклучувањето парчиња од чоколадо, колачи, јаткасти плодови и чоколадни трошки е брз премиум тренд. Истото се однесува и на усвојувањето посложени дизајни – вители, повеќе слоеви на глазура и софистицирани форми.

Особено важно за производителите кога ги развиваат производите е новите состојки да бидат во хармонија со базата на сладоледот. Ако се додаваат прилози на веќе раскошен производ, ќе се појави ризик сладоледот да биде премногу богат.

Вообичаено, премиум сладоледот има содржина на масти од 15 до 16% и е прилично густ, содржи релативно малку воздух. Додавањето состојки, како што се парчиња од колачи, чоколадо или карамела, ќе создаде понапреден производ, но и со поголема содржина на маснотии. Тоа може да биде премногу богат и тежок сладолед, дури и за потрошувачот што бара уживање.

Решение? Производителите треба да размислат за адаптација на рецептурата, со што базата на сладоледот би ја направиле малку полесна. Тоа можат да го направат со намалување на содржината на маснотиите или со зголемување на содржината на воздухот за време на процесот на производство, што ќе создаде леснотија која ќе ги компензира дополнителните состојки или слоеви на глазура.

  1. Практичност: како да се запре топењето

Сладоледот е класика што се консумира во движење. Консументите не сакаат ништо повеќе од тоа да купат сладолед во корнет и да шетаат уживајќи во освежителното задоволство.

Но, практичноста не е поврзана само со преносливоста. Денешните консументи сè повеќе сакаат да избегнуваат неред и да ја одржат личната хигиена во ерата на ковид-19. Премиум сладолед на стапче, кој капе врз екранот на паметниот телефон, облеката или врз седиштето во автомобилот, многу брзо ќе ја изгуби атрактивноста.

Корисен совет за производителите е да го оптимизираат чоколадото што го користат во производот. Чоколадните глазури често имаат тенденција да пукаат, но ако се развие рецептурата за помеко чоколадо, можно е да се избегне тоа. Рецептурата за чоколадо е од витално значење за производителите на сладолед.

Практичноста, исто така, е прашање и на големина. Големиот производ веројатно ќе се стопи пред консументот да го дојаде, за разлика од малиот или сладоледот во чаша, кои полесно можат да се консумираат и да не создадат неред.

Проблемот на топењето на сладоледот може да се реши со употреба на емулгатори и стабилизатори. Но, тоа може да биде во спротивност со примарниот концепт на сладоледот – тој сепак не е толку десерт колку што е забавен производ што се консумира „ал фреско“. На крајот на краиштата, сладоледот треба да остане сладолед.

Особено важно за производителите кога ги развиваат производите е новите состојки да бидат во хармонија со базата на сладоледот.

  1. Здравје: сладолед што е добар за консументот

Здравиот начин на исхрана е светски тренд и современите потрошувачи постојано бараат поздрави алтернативи. Луѓето што практикуваат здрав начин на живот сѐ повеќе избираат храна со природни функционални состојки.

Сладоледот не е исклучок. Развојот на поздрави рецепти за консументот веќе е на стратешкиот радар на многу производители. Предизвик е да се создадат производи што се поздрави, без да се загрозат посакуваниот вкус и текстурата на сладоледот. Дали сладоледот истовремено може да биде и задоволство и здравје? Одговорот е да!

Еден од начините е производителите да додадат здрави состојки, како што се овошје и протеини. Постојат бројни можности да се создадат привлечни производи со висока содржина на овошје и нискокалорични.

Фортификацијата (збогатување) со пребиотици или пробиотици, замената на млечните производи со растителни алтернативи... – се некои од начините на кои производителите можат да создадат нови видови сладолед, кои се подобри за здравјето на дигестивниот систем на консументот. Додавањето протеини може да го трансформира сладоледот од „забрането овошје“ во привлечна награда по вежбање.

Употребата на здрави состојки во сладоледот бара компетентност од експерти и темелно тестирање. Сепак, особено е важно да не се прави премногу компромис со примарната одлика на сладоледот, а тоа е задоволството, кое е суштината на овој производ.

  1. Етика: предизвиците на растителното млеко

Сладоледот е добар за сопственото задоволство на консументот. Сепак, потрошувачите исто така сакаат и видови сладолед што се добри за планетата или барем имаат помало еколошко влијание.

Производителите го искористуваат овој тренд нудејќи локално произведени, вегански и органски сладоледи, според принципите на фер трговијата, како и видови со помалку пластично пакување и помало климатско влијание.

Според „Минтел“, во 2020 година 6% од новопласираните сладоледи биле органски, двојно повеќе од пред една деценија. Растителните видови млеко, кои имаат помал јаглероден отпечаток од млечните производи, исто така забележале солиден пораст.

Голем дел од сладоледите на растителна основа се извонредно добри. Но, производителите треба да имаат предвид еден многу важен факт – млекото во прав што се користи за традиционалните сладоледи е високо стандардизиран и дефиниран производ. Спротивно на тоа, растителните млека се разликуваат многу не само според видовите, туку и во зависност од тоа кој ги произведува. На пример, овесното млеко од различни производители честопати значително се разликува.

Растителните видови млеко се помалку генерички и стандардизирани во споредба со стандардното млеко, па затоа производителите на сладолед треба да разберат дека производот ќе се разликува во зависност од изборот на снабдувачот и оти се неопходни поблиски деловни контакти со доставувачите.

Кога станува збор за пакувањето, денес постојат бројни опции што имаат помало влијание врз животната средина. Картонските чаши се појавија на пазарот пред повеќе години и се многу подобра алтернатива за разлика од пластичните. Лажичките може да бидат направени од шеќерна трска или едноставно да се користат дрвени стапчиња. При изборот на материјали клучна е едноставноста.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...