Маркетинг

КАМПАЊА: Бебешки пелени од 120 долари

27 мај 2022

Goop предизвика големо негодување при најавата на луксузните пелени од 120 долари. Сепак, излезе дека станува збор за добро осмислен ПР-потег.

Голем број луѓе беа фрапирани кога Goop, бренд во сопственост на американската актерка Гвинет Палтроу и познат по чудните и луксузни производи, објави дека планира да продава премиум еднократни пелени за бебиња по цена од 120 долари за пакување од 12 парчиња.

Запознајте ја Diapér. Новата еднократна пелена е обложена со девствена волна од алпака, во која се вткаени килибарни камења, познати по древните својства за емоционално прочистување. Проникната е со мирис на јасмин и бергамот... пишува на постот на „Инстаграм“.

Очекувано, првичните реакции од јавноста беа негативни, но потоа беше откриена вистинската идеја на кампањата.

Веста дека Goop лансира луксузни пелени по цена од 120 долари предизвика бес кај многумина. Добро, вели Палтроу во видео објавено на „Инстаграм“, и продолжува: Таа беше и смислена за да ве разбесни. Ако ве налути третирањето на пелените како луксуз, треба да бидете лути и поради нивното оданочување како луксузен производ. Нашата пелена е лажен производ кој треба да го расветли вистинскиот проблем.

Според Goop, во 33 американски држави пелените се третираат како луксузни производи, поради што и се оданочуваат како такви. Од таа причина се и високите продажни цени на пелените, поради кои голем број семејства не можат да си ги дозволат.

Според пресметките на брендот, секое семејство годишно плаќа по 120 долари данок на пелени, колку што е и цената на овој луксузен производ. Целта на кампањата е да се зголеми јавната свест за овој проблем и пелените да се оданочуваат според стапката „основен производ“ наместо како „луксузен“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...