Регионално

Мери Кени, ФАО: Во време на пандемијата, секој мора да се приспособи

09 јун 2020

Ковид-19 влијае на начинот на снабдување, тргување и купување на храната, што носи нови или различни ризици што треба да се земат предвид за да се осигура безбедноста на храната во секое време. Мери Кени, службеник за безбедност на храна и заштита на потрошувачите од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, по повод Светскиот ден за безбедност на храната (7 јуни), зборува за тоа како ФАО им помага на земјите од регионот во овие напори.

Извор: www.fao.org

Кои конкретни проблеми во врска со безбедноста на храната се појавија во Европа и во Централна Азија поради пандемијата со Ковид-19?

Кога почнаа мерките на затворање, првите две главни грижи беа: дали вирусот се пренесува преку храната и дали ќе има доволно храна, достапна за сите? Научни истражувачки тела, признати на глобално ниво, посочија дека нема докази оти храната може да го пренесе вирусот.

Додека некои индустрии се затворија, прехранбената индустрија беше меѓу тие што мораа да продолжат да работат, колку што дозволуваше ситуацијата. Во некои земји, операторите за храна беа загрижени дека некои состојки или суровини ќе бидат недостапни или со исцрпени резерви, како и дека дека клучниот персонал нема да може да работи поради рестриктивните здравствени мерки. Дел од грижите на надлежните органи беа и дистрибуцијата на небезбедна храна, продажбата на храна во нехигиенски услови, како и измами со храната.

Пандемијата ја нагласува важноста од примена на добрите принципи на санитација, лична хигиена и воспоставените практики за безбедност на храна за да се задржи синџирот на снабдувањето со храна безбеден. Потребата од ефективна комуникација и соработка меѓу сите во синџирот на исхрана (академија, влада, производители, оператори, потрошувачи) за да се спречат опасностите и да се минимизираат ризиците, стана уште поочигледна.

Луѓето бараат доверливи информации, кои во случајот со безбедност на храната, доаѓаат од националните власти и од меѓународните организациии.  Можете ли да ни дадете неколку примери од регионот?

Надлежните власти имаат клучна улога во текот на оваа пандемија за информирање на потрошувачите за практиките што треба да се почитуваат, како и да работат со прехранбената индустрија за да осигури континуирано снабдување со безбедна храна.

Многу земји воспоставија информативни веб-страници и споделија упатства поврзани со Ковид-19 за производителите на храна, увозниците, угостителскиот сектор и потрошувачите. Неколку примери се Норвешка, Унгарија и Турција, кои изработија упатства специфични за секторите храна, аквакултура и сточарство, додека Ирска отвори веб-страница со најчесто поставувани прашања и консултативна линија за совети по електронска пошта.

Романските власти организираа видео-конференции за трговците на мало и рестораните за храна, за да ги информираат за мерките потребни за повторно отворање и безбедно производство, подготовка, испорака и сервирање на храна и за тоа како да го обучуваат персоналот за општите хигиенски практики и плановите за дезинфекција. С. Македонија објави практични совети и препораки за бизнис-операторите со храна за спречување на ширење на вирусот кај персоналот и потрошувачите, мерки за безбеден и непречен проток на храна, стоки и добиток, како и препораки за безбедно купување храна во маркетите и преку интернет.

На глобално ниво, ФАО и СЗО исто така развија упатства за безбедност на храната во време на Ковид-19, наменети за властите одговорни за безбедност на храната, операторите со храна и потрошувачите.

Кои навики се сменија и кои се импликациите за безбедноста на храната?

Секој мораше да се приспособи. Многу луѓе почнаа да готват почесто дома и го сменија начинот на купување храна. На пример, се префрлија на домашни испораки и купување преку интернет, кога рестораните и кафулињата беа затворени. Ова ја истакнува важноста на зголемувањето на свеста кај потрошувачите за практики за безбедно ракување со храна. Многумина почнаа да купуваат храна од локални извори или директно од земјоделците. Оттука, малите бизниси за храна треба да бидат информирани и да ги применуваат практиките за безбедноста на храната.

Исто така, постојат иновативни методи за намалување на отпадот од храна преку банки за храна и електронски платформи, кои ги поврзуваат доставувачите со купувачите и со потрошувачите.

Бизнисите за храна и производствените капацитети мораа да вложат во дезинфекција и санитација, воведоа правила за физичко дистанцирање и заштитна опрема за персоналот.

Што се однесува до службените контроли, како пример ќе ја наведеме Норвешка, која ја зголеми употребата на електронски сертификати за контрола на увоз на животински и растителни производи и подготви брза проценка на ризик за евентуално зголемено незаконско работење со храна за време на пандеимјата. Овие практики имаа цел и да ја спречи нелегалната онлајн-продажба на производи што лажно се рекламираат дека спречуваат или лекуваат Ковид-19.

Некои од овие навики веројатно ќе останат. Што можеме да очекуваме во областа на безбедноста на храната во блиска иднина, и што значи тоа за регулаторите на храна и за надлежните органи?

Надлежните органи за безбедност на храната во целиот регион активно размислуваат за потенцијалните влијанија врз безбедноста на храната и го приспособуват начинот на работа, бидејќи ограничувањата во движењето и работата од дистанца влијаат и врз нивниот персонал. Балансирајќи ги ограничувањата на персоналот со потребата да се одржи безбедноста и интегритетот на синџирот на снабдување со храна и да се поддржи меѓународната трговија, регулаторите за безбедност на храната треба да им дадат приоритет на клучните услуги за време на пандемијата и евентуално да намалат некои рутински активности. Искуството од пандемијата со Ковид-19 може да даде поттик за зголемена употреба на информатички технологии за безбедност на храна, како што се е-сертификација, бази на податоци и зголемена употреба на електронска документација.

Некои промени во синџирот на снабдување со храна веројатно ќе продолжат и по пандемијата, како што се нарачките преку интернет, е-трговија, што ќе носи нови ризици за безбедност на храната и предизвици што треба добро да се анализираат и соодветно да се решат. Тука ќе бидат клучни следењето на информациите, споделувањето информации, генерирање податоци и анализи.

Покрај зголемената продажбата на храна преку интернет, бизнисите со храна ќе продолжат да се приспособуваат, па дури и да ги менуваат нивните бизнис-модели. На пример, од ресторани во услуги за готова храна за носење. Како што се намалуваат рестриктивните мерки, бизнисите со храна ќе заживеат и ќе се адаптираат на новата нормалност, спроведувајќи мерки за физичко дистанцирање, санитација и заштита на здравјето на нивниот персонал, што ќе бидат дел од секојдневната рутина.

Што прави ФАО во регионот?

ФАО поддржува мерки што обезбедуваат континуитет на синџирите на снабдување, со цел луѓето да имаат пристап до безбедна и хранлива храна за време на пандемијата. Ова вклучува поддршка за земјите да ги проценат краткорочните и среднорочните влијанија, давање насоки за политиките за земјоделство и системите за храна што ја истакнуваат безбедноста на храната, организирање тематски вебинари, олеснување на заемното учење и споделување добри практики.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...