Регионално

Петар Ќорлука, „Виолета“: Ќе останат оние кои ќе се издвојат од конкуренцијата

22 апр 2020

Брзо реагиравме, преземавме мерки за најголема превенција за да се заштитат здравјето и сигурноста на работниците,а производството се одвива континуирано, без застој 

Разговараше: Едина Мизиќ, edina.mizic@instore.ba

Во последните неколку недела додека светот се бори со пандемијата од коронавирусот, компаниите во БиХ работат со полн капацитет. Нема одмор во погоните. Компанијата „Виолета“ со забрзано темпо се обидува да го снабди домашниот пазар и во ниту еден момент да не се почувствува паника, страв или недостаток на хигиенски производи поради новонастанатата ситуација. Производството е засилено, а снабдувањето-уредно. Во време кога можеме да влијаеме врз малку случувања, светлите примери треба посебно да се истакнат. Таков е Петар Ќорлука, кој веќе три децении успешно управува со својата компанија, а неговата подготвеност да им помага на другите е се поголема и на тоа посебно му честитаме. Од претходно позната по општествената одговорност кон заедницата, компанијата и овојпат му помогна на здравствениот систем на БиХ, со донација вредна околу 200.000 евра. 

Во каква ситуација ве затекна пандемијата?

-Како и сите други, бевме изненадени, но не и неподготвени. Брзо реагиравме, презедовме најголеми мерки за превенција за да се заштитат здравјето и сигурноста на работниците, а производството се одвива според планираниот распоред. Се надевам дека така и ќе продолжи. Сметам дека во овие моменти домашното производство е многу важно. 

Дали ве изненади зголемената побарувачка на тоалетна хартија, не само кај нас, туку во целиот свет? 

-Во свеста на човекот е за време на некоја непредвидена ситуација, да се снабди со производите кои секојдневно ги користи. Очекувано беше дека ќе се зголеми потрошувачката на тоалетна хартија. Секако, станува збор за вештачка продажба која ќе се избалансира во следниот период, кога ситуацијата ќе почне да се враќа во нормала. 

Во периодот што следи, во сите индустрии, ќе останат оние кои ќе нудат дополнителна вредност и кои ќе се издвојат од конкуренцијата.

Суровините се клучни за производство. Каква е ситуацијата во „Виолета“, ќе биде ли редовно снабдувањето со вашите производи? 

-Наш посебен фокус е набавката на суровини, односно организацијата на континуирана логистика за носење на истите. Освен тоа, важно ни е производите да стигнат до купувачите и да ги испочитуваме роковите. Достапноста на производите на „Виолета“ не е доведена во прашање и граѓаните не треба да бидат загрижени. 

Имавте барања и од други пазари за вашите производи, колку извезувате и каква ви е политиката за извоз во вонредно ситуации како актуелнава? 

-Во последно време, имавме доста барања за извоз на хигиенски производи. Наш приоритет е да ги задоволиме потребите на нашите редовни пазари, првенствено на оние каде имаме сопствено производство. На домашниот пазар имаме верни потрошувачи кои го препознаа нашиот квалитет и логично е тие да ни се на прво место. 

Дали ги зголемивте производствените капацитети, или вработивте дополнителен број работници? 

- На почетокот од пандемијата, производството беше зголемено. И претходно производството се одвиваше во три смени и така се продолжи. Повеќето погони се автоматизирани и роботизирани и сите капацитети се пополнети. 

Многумина се одушевени од начинот на кој ѝ враќате на заедницата. Потрошувачите станаа и ваши големи симпатизери, особено по низа хуманитарни акции што ги спроведовте. Нема да ги набројуваме сите, ќе се осврнеме на најзначајната: шест респиратори и медицинска опрема вредна 200.000 евра. Како течеше набавката, бидејќи побарувачката на респиратори низ светот е огромна?

-Сакавме да му помогнеме на здравството во БиХ во ситуацијата во која сега се наоѓа, за да се заштитат и лекарите и пациентите. Самиот процес на набавка беше поинаков, бидејќи нарачката ја направивме од Кина, од добавувачи со кои не сме соработувале и поради вредноста, ризикот беше многу голем. Секако, контактиравме и производители на медицинска опрема од Европа, но рокот за испорака беше во август, што нам не ни одговара. Со оглед на тоа дека бројни транспортни линии се откажани, а цените на транспортот се зголемија за неколку пати, испораката беше отежната. За среќа, нарачката стигна во саботата, на 18 април. Донацијата ќе биде распоредена во 38 болници. Целата ситуација бара сега да му се помогне на општеството, заедништвото е сега најважно.

Што побрзо сфативме дека мора да се прилагодуваме на новите услови за работење, толку ќе биде поедноставно да се вратиме во „нормала“. 

Кој, според вас, е начинот да се спасат стопанството и работните места и да се ублажи падот на економијата?

-Ако гледаме според вкупната ситуација, економијата веќе ги почувствува последиците од Ковид-19. Моменталната ситуација најмногу ја одржуваат наменските индустрии чии производи сега не им се приоритет на потрошувачите за да ги купат. Сметам дека особено брзо треба да се донесат одлуки за помош на малите стопанственици кои сега се присилени да ги затворат своите продавници. Повеќето од нив немаат средства за сервисирање на обврските во овој период, кога не работат и немаат приход. 

Можете ли да им дадете совет на компаниите кои потешко се снаоѓаат во ситуацијава, како успешно да управуваат со брендовите во време на криза?

-За секоја кризна ситуација, основен елемент е управување со дадените предизвици и способност да се развие деловна стратегија и покрај неповолните услови. Во новонастанатата ситуација не можеме да го предвидиме развојот на настаните и вкупните последици, но можеме да развиеме план за организацијата на синџирот на снабдување и релациите со купувачите, дистрибутерите и потрошувачите.Во периодот што следи, во сите индустрии, ќе останат оние кои ќе нудат дополнителна вредност и кои ќе се издвојат од конкуренцијата, а за тоа е потребно да се познава крајниот купувач, неговите потреби, барања и каналите за комуникација. Мислам дека вистинските последици од актуелната ситуација ќе се почувствуваат дури наесен, во септември и октомври, кога се надевам дека сето ова ќе заврши. Потребно е властите што побрзо да реагираат со конкретни мерки кои ќе ѝ донесат добро на целата економија, за да може по завршувањето на пандемијата да се почне со работа. Ако навреме реагираме, имаме поголема можност да ги ублажиме последиците. Со заедничка и посветена работа, со почитување на превентивните мерки, можеме брзо да ја надминеме моменталната ситуација. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...