Локално

Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска: Ниту еден сектор нема да остане имун на кризата

02 апр 2020
Во каква кондиција се домашните компании во ек на пандемијата со коронавирусот, какви мерки предлага Стопанската комора, како функционира Кризниот штаб за поддршка формиран пред една недела, кои индустрии се најпогодени, какви мерки им се неопходни на компаниите....на овие прашања одговара д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанска комора на Македонија и член на Кризниот штаб на комората, во интервјуто за InStore
 
Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore,mk
 
Стопанската комора на Македонија(СКМ) формира Кризен штаб за да им излезе во пресрет на компаниите при актуелната ситуација. Што конкретно тоа значи – кој може да Ви се обрати, кога, на кој начин можете да им помогнете?
 
Во периодот од 19 март до 25 март раководството на Стопанската комора на Македонија одржа многу состаноци со компании и институции. Најпрво одржавме работен состанок со дваесетте најголеми извозници, заедно со директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија, м-р Ѓоко Танасоски. Потоа состаноци имавме со претседателите на сите здруженија во Комората, како најзначајни облици на нејзиното организирање, во присуство на потпретседателката на Владата задолжена за координација на економските ресори, Мила Царовска. Потоа бевме во Владата на состанок на Економскиот совет кој го води премиерот, Оливер Спасовски....На сите овие состаноци се разговараше за актуелната состојба во нашата земја предизвикана од корона кризата.
Сите овие средби ги предводеше претседателот на Комората, Бранко Азески со останатото раководство и соработниците-експерти во своите области. Исто така, во периодов беа направени консултации и средби со компетентни личности, кои ги изнесоа своите мислења врска состојбите, а одржавме и работна средба со потпретседателите на Стопанската комора на Македонија, на која присуствуваше и премиерот Спасовски. Врз основа на сите тие разговори, и врз основа на проценката дека заради состојбата со корона кризата е неопходна уште поголема и покоординирана поддршка за компаниите, во Комората се формираше Кризен штаб кој почна со работа од 26 март и кој 24-часовно ја следи состојбата и е ставен на располагање на компаниите. Секако, останува функционирањето на службите на СКМ кои исто така неуморно со целиот свој капацитет и експертиза се ставени на располагање за нудење поддршка на компаниите. 
Оттука, заради поорганизирано дејствување на Комората во насока на справување со последиците од кризата настаната со појавата и ширењето на Коронавирус COVID-19, во Стопанската комора на Македонија формираниот Кризен штаб е во состав:
- м-р Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија,
- д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија,
- м-р Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања и 
 - Билјана Пеева-Ѓуриќ, Извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
Кризниот штаб ќе ги врши своите активности за времетраењето на вонредната состојба на територијата на Република Северна Македонија а негова основна цел е да им се даде поддршка на компаниите во кризната ситуација, преку обезбедување на континуирана достапност до информации и преземање на активности врзани за полесно поминување низ кризниот период. 
Кризниот штаб функционира непрекинато 24/7, со дежурство на секој член од Кризниот штаб во текот на едно деноноќие.
Дежурниот член на Кризниот штаб е организиран така што дава поддршка за сите информации за уредби, одлуки и препораки усвоени од Владата и другите надлежни органи, интерни информации од Комората поврзани со прашања кои ги покренуваат компании-членки на Комората, и информации од регионот, а особено од Коморскиот инвестициски форум.
Кризниот штаб е меѓусебно комуникациски поврзан заради обезбедување на непречена комуникација со одржување состаноци секој ден каде се даваат препораки за брзи ургенции врз основа на посочените проблеми врзани за работата на компаниите. Кризниот штаб има одлична комуникација со надлежните државни органи на највисоко ниво од каде се добиваат сите појаснувања, препораки, заклучоци и сл. Инаку, поддршка од страна на членовите на Кризниот штаб се дава на секоја компанија, без разлика дали истата е членка или не на Стопанската комора на Македонија. Ова од причина дека во ваква состојба мора да се помогне на секого. Државата на компаниите, компаниите на државата, секој на секого  првенствено заради здравјето на поединецот а секако и заради економијата.
Со цел поголема видливост и достапност за постоењето на Кризниот штаб, на ударно место на веб-страницата на Стопанската комора на Македонија е назначено секое дежурство со контакт податоци за тековно дежурниот член од Кризниот штаб.
 
Со какви проблеми се соочија компаниите, па е неопходен ваков начин на функционирање? Кој е најголемиот проблем што во моментов им го кочи работењето?
 
Стопанската комора на Македонија, активно, постојано, ја следи вонредната ситуација и во таа насока врз основа на сите средби и разговори кои ги води со претставниците на органите и телата на Комората од една страна како и од состаноците со претставниците од владините институции и сите надлежни органи од друга страна, потенцира дека во моментот најважно е со заеднички сили на сите чинители најпрво да се зачува човечкиот живот и секако да се намалат економските импликации врз македонското стопанство.
Затоа, за здравствениот аспект од кризата максимално пред се и како луѓе,  и како вработени во одговорна институција, даваме поддршка на сите надлежни институции во справување со овој “непознат непријател” како што здравствените стручњаци знаат да кажат, во насока на зачувување на здравјето и животот на нашите граѓани. 
Бидејќи од позиција на Комора коментираме за стопанството и потребите на компаниите, затоа сега и како претставници на бизнис заедницата даваме приказ за економијата и проблемите во стопанството од оваа криза, со напомена дека здравствената и економската криза се меѓусебно поврзани и се наоѓаат во истиот синџир на кризната ситуација. Оттука, потребно е и понатаму стопанството и Владата да дејствуваат заеднички и на распоалагање да се стават сите ресурси со кои располагаме.
Кога станува збор за посочување на тековните проблеми со кои се соочуваат компаниите во кризнава ситуација, од страна на компаниите, акцентот е ставен на тоа дека е потребно олеснување на влез и излез на стоки и репроматеријали кои се неопходни за редовно производство на индустриските капацитети.
Затоа, стопанството апелира и во соработка со надлежните се реагира за побрзо воспоставување на коридори и ефикасни протоколи за непречено одвивање на транспортот во целиот регион. Истовремено се апелира во максимален капацитет да се стави железничкиот сообраќај како алтернатива, но се потенцира дека и авионскиот карго превоз исто така е на располагање и компаниите максимално можат да го користат.
Тука, од особено значење е тоа што беше прифатена иницијативата од Стопанската комора на Македонија за дефинирање на посебни протоколи за овозможување на непречено вршење на дејноста на компании од специфични сектори. Со овие протоколи, со оглед на специфичноста на работењето на некои сектори, ќе се дефинираат посебни начини за постапување во случај да се појават заболени од редот на вработените во таквите компании, кај кои, поради специфичноста на дејноста што ја вршат не е можно запирање на производните процеси или чие што непрекинато работење е од клучна важност за справување со можното ширење на вирусот (компании од фармацевската дејност, металуршкиот сектор и прехранбената индустрија, како и компаниите кои снабдуваат медицински гасови или снабдуваат храна во здравствените институции, како и компаниите со голем број на вработени (над 1.000)). 
Стопанствениците потенцираат дека стопанството е соочено со еден од најголемите предизвици и дека треба да се реагира брзо за поддршка на целиот приватен сектор, а не само на секторите кои досега се погодени. И покрај поединечните проблеми со кои се соочуваат сите чинители на домашната економија, потребно е да се најде заедничко решение како да се зачуваат работниците, кои стопанството и онака тешко ги наоѓа, и максимално да се помогне во вакви услови во кои владее неизвесност и страв помеѓу луѓето. Моменталната ситуација на пазарот на труд им налага и на компаниите дека мора и тие да креираат мерки за да ги зачуваат луѓето. 
 
Какви се Вашите проценки – колку компании ќе го намалат обемот на работа, или можеби ќе бидат принудени да отпуштаат работници? Колку се намалени производството и извозот? Колку пандемијата со вирусот ќе ја чини македонската економија?
 
Кризата предизвикана од Корона вирусот и нејзиното влијание врз домашната економија ќе го почувствува целокупното стопанство. Многу извесно дека нема да има сектор кој ќе остане имун на негативното влијание од кризата COVID-19. Секако, различни стопански гранки се соочуваат со различни потешкотии во работењето како резултат на болеста која предизвика пандемија во светски размери. 
Дел од индустриите реагираат први, дел, негативните ефекти ќе ги чувствуваат подоцна. Но она што секако е важно дека негативните резултати во секоја стопанска гранка ќе има удел во вкупниот минус на домашната економија. 
Ако анализираме неколку сектори, состојбата е следната. Во автомобилската индустрија кризата од 2019 година која на глобално ниво е резултат на намалената продажба на пазарите во Кина, САД и Европа кулминираше со несогледливи последици како резултат на  светската пандемија во 2020 година. Актуелната криза со коронавирусот најмногу нескани последици ќе остави на автомобилската индустрија и ќе трае многу подолго од економската криза во другите сектори. Најпрво, затворањето на фабриките во Кина влијаеше на намалување на економската активност на компаниите од автомобилската индустрија. Потоа, откако епидемијата се прелеа во Европа, речиси сите големи автомобилски корпорации го запреа производството, ставајќи ги своите европски фабрики во мирување. 
На тој начин се прекина или се отежна и синџирот за снабдување и на македонските автомобилски компании, особено на оние кои произведуваат електронски делови и компоненти за познати светски брендови. 
Компаниите активно ја следат состојбата и развојот на настаните поврзани со Корона вирусот и согласно препораките и насоките дадени од Владата ги преземаат сите потребни мерки за превенција и заштита на здравјето на луѓето. 
Поголемиот дел од компаните работат со преполовен капацитет и со редуцирани смени, а некои целосно го запреа производството на неодредено време додека се нормализира состојбата. Ваквата одлука е наметната од вонредните мерки кои се превземаат и во земјите каде што се транспортира нивното целокупно производство, како и согласно упатствата и инструкциите од фирмите мајки стационирани во Европа и САД.
Доколку се пролонгира кризата со корона вирусот на подолг период, во услови на намалени или целосно откажани нарачки од големите автомобилски производители, странските компании во слободните зони ќе бидат принудени да преземат драстични мерки за оптимизирање на производството во услови на вонредна состојба. Целта на стопирањето на производството е првенствено да се заштитат вработените. Покрај тоа, прекината е испораката на делови во цел свет, а воедно се случува и огромен пад во продажбата на возила во светски рамки. Никој не може точно да предвиди до кога ќе трае кризата, колкави последици ќе има истата и колкави штети ќе претрпат македонските добавувачи од автомобилскиот сектор. Во овој сектор во Македонија се вработени над 20.000 луѓе додека учеството во извозот веке надмина 55 отсто од вкупниот извоз од државата. Сепак извесно е дека автомобилската индустрија на глобално ниво ќе се се соочи со многу силен удар, штетите ќе се бројат во милијарди евра и ќе помине подолг период за нејзина целосна консолидација.
Домашните текстилни и кожарски компании кои претежно соработуваат со компании од Европската Унија, беа меѓу првите дејности кои изреагираа на ширењето на корона вирусот во Европа. Посебно погодена од почетокот на ова криза е кожарската индустрија, односно фирмите кои произведуваат чевли, а најголемиот дел од нив се лоцирани во кумановскиот регион и соработуваа т.е вршат лон производство за италијански партнери.
Текстилните компании пак информираат дека веќе ги завршуваат нарачките од претходната сезона и поголем број од вработените ќе користат годишни одмори, но како резултат на периодот на меѓусезона. Следува период во кој треба да се потпишуваат нови договори со традиционалните партнери за следната сезона и тоа е всушност и најголемата непознаница во моментов. Бидејќи, поголем дел од компании т.е партнерите од Германија со кои и најмногу соработуваат нашите текстилни фабрики ги затвараат своите капацитети, a најголем дел од договорите за следната сезона не се потпишани. Со оглед дека се работи за трудоинтензивни дејности, каде околу 85% од додадената вредност на производството отпаѓа на вредноста на трудот, т.е оди за плати, а немаат на располагање други финансиски средства со кои би можеле да издржат неколку месеци да плаќаат плати, дел од компаниите ќе бидат приморани да ги затворат своите капацитети а воедно и можеби и да ги отпуштат своите вработени. Според статистиката во текстилната и кожарската дејност се вработени околу 40.000 работници. 
Корона вирусот целосно го парализира работењето на угостителско-туристичкиот сектор во државата. Оваа дејност која изминатиот период имаше тренд на брзо растечка индустрија во светот, сега е во целосен колапс. Не функционираат ресторани, затворени се хотелите, откажани се летови и дестинации. Следствено на тоа туристичките агенции немаат работа. Нема ниту планирања за патувања за претстојниот период од неколку месеци. Според статистиката околу 30.000 работници се ангажирани во секторот. Следејќи ја состојбата меѓу компаниите членки, но и водејќи се од препораките на Светската туристичка организација (UNWTO), бизнис секторот од дејноста во два наврати понуди сет мерки во насока на минимизирање на штетите и намалување на последиците од кризата предизвикана од CORNA – 19 вирусот. Проблемот во секторот угостителство и туризам има краткорочни и долгорочни негативни ефекти. На краток рок важно е да се обезбеди поддршка за задржување на работниците на своите работни места, пред се поради фактот што ова е сектор каде и така исклучително тешко може да се најде и да се задржи работната сила во хотелите, рестораните, туристичките агенции, но и сите оние деловни субјекти кои се директно и индиректно поврзани со дејноста. На долг рок, за да опстои туризмот од исклучително значење е да се изготват акциски планови за обнова на секторот што ќе значи враќање на атрактивноста на дестинацијата како туристичка понуда, обезбедување организирани туристички патувања. Само на ваков начин ќе може да се очекува раздвижување на секторот, подигнување на работата во хотелите, туристичките агенции, рестораните.  
 
Погоре се набројани некои од секторите кои се погодени од кризата, но според информациите од компаниите, ниеден сектор нема да остане имун на најголемиот предизвик во моментов со кој се соочува нашата и светската економија.
Сепак останува ризикот дека неизвесноста од временското траење на кризата може да предизвика и штети во делот на пропаѓање на дел од бизнисите, што ќе повлече и отпуштање од работа и евидентирање на нови невработени лица. Во таа насока, се и барањата на бизнис секторот за обезбедување поддршка на стопанството преку минимална плата, придонесите, кредитирањето, одложување на плаќање на парафискални давачки и сл.  
Како се снаоѓаат компаниите од прехранбениот сектор и што нив може да ги „извади“ од кризата?
 
Целата прехранбена индустрија е максимално мобилизирана. Компаниите од прехранбениот сектор засега добро функционираат, секако, со одредени проблеми согласно настанатата ситуација. Увозот на суровини се одвива непречено, истиот доаѓа по значително повисоки цени, од земјите на ЦЕФТА или пак ЕУ, иако компаниите не ги променија цените на своите производи на пазарот. Според податоците од Здружението на земјоделство и преработувачка индустрија при Комората домашната прехранбена индустрија има резерви да ги задоволи потребите на домашниот пазар во наредните два месеци.
Со доволно суровини (и домашни но и од увоз за кои е потребен и се работи за поддршка на непречен тек), ќе бидеме во можност да го покриеме не само домашниот пазар туку и регионот, но потребна е максимална искористеност на  капацитетите и домашните ресурси. 
 
Комуницирате со Владата ѝ и давате свои предлози за што побезболно да се надмине ситуацијата. Кои од предлозите не беа усвоени, а вие како Комора сметате дека се важни и итни?
 
Во првиот налет на кризата иницијално истата ја почувствуваа секторите туризам, угостителство и сообраќај, а потоа и многу претпријатија од други сектори. Нема сектор кој на некој начин, директно или индиректно е погоден од кризата, некој повеќе, некој помалку. За решавање на проблемите, Стопанската комора на Македонија е во постојана, секојдневна комуникација како со Владата, со надлежните органи и институции во земјата, така и со меѓународните институции, така што голем дел од проблемите се решаваат „во од’’, како проблемите со транспортот на добра, со гужви на границите и долго чекање на истите, но и проблеми кои секојдневно се јавуваат заради ограничувањето на движењето кое предизвикува потешкотии при организацијата на сменското работење, забраните за извоз на одредени продукти, кај нас, но и во други држави. 
Состојбите поврзани со мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот COVID-19, кај нас, но и во државите со кои нашите компании соработуваат, доведе до отежнато работење, откажување на нарачките и директни загуби во компании, покрај во туризмот, угостителство и сообраќај и во многу други дејности и гранки како: преработувачката индустрија, особено металопреработувачката, текстилната, чевларската индустрија, но и градежништвото, гранки од трговијата, услужниот сектор и други. 
На Владата постојано и се укажува на состојбите, по што таа веќе усвои два сета на мерки. По првиот сет на мерки, кој се однесуваше на туризмот, угостителството и сообрќајот, Стопанската комора на Македонија нсистираше да се прошири нивниот опсег, со цел да им се помогне на сите дејности, односно директно на компании кои поради неликвидност, односно на компании чија економска активност е погодена од коронавирусот, независно од дејноста на која припаѓаат. Исто така, инсистиравме да се разгледа можноста да не постои праг на ограничување од аспект на бројот на вработени лица во компанијата или да се зголеми истиот. 
Вториот сет на мерки е донесен и очекуваме да ги согледаме реакциите на компаниите на истиот.

Дополнително, согласно укажувањата на членките неопходно е Владата да ги има предвид и следните барања на фирмите меѓу кои се:  

1. Да се продолжат роковите за реализација на проектите во кои инвеститор е државата или државните институции, односно да се продолжат роковите за изведба на потпишаните договори со договорни органи од државата за времето за кое трааат мерките и препораките на Владата во вонредна состојба;
2. Да не се прекинува со започнатите проекти кои се предвидени за периодот од месец март до месец декември, како и да не се прекинува со објавување и спроведување на тендерските постапки и со реализирање на предвидените капитални инвестиции;
3. Да се исплаќаат редовно и без задоцнувања заостанатите обврски на државните институции кон приватниот сектор, како би се задржала ликвидноста на компаниите кои и самите имаат обврски спрема своите добавувачи;
4. Домашните компании да имаат предност при спроведување на јавни набавки од страна на државните органи и институции (потребна е максимална искористеност на домашните капацитети и домашните ресурси).  
5. Максимално да се контролира буџетот на државата и максимално наменски и транспарентно да се користат буџетските средства.

Најважно за подвлекување е дека ние како Стопанска комора на Македонија заедно со Царинската управа и другите надлежни институции во земјава постојано ќе се заложуваме за што поефикасен проток на стоки преку ослободување на коридорите за снабдување  со репроматеријали за непречено работење за нашите компании.

Токму транспортните проблеми се во нашиот заеднички фокус. Ги следиме случувањата и на ниво на ЕУ и ЦЕФТА и се координираме, со цел да се постави зелен коридор и низ земјите од Западен Балкан, за непречен проток на медицински и прехранбени производи, но и репроматеријали потребни за целата индустријата. Нашата Царина се координира со царинските управи од земјите во регионот, обврзувајќи се за непречено функционирање на компаниите. Исто така, тука важно е да се потенцира дека од Царинската управа се охрабруваат компаниите да го користат системот за безхартиено работење што е можно повеќе. Безхартиеното работење на компаниите им овозможува полесно обезбедување на потребните документи за извоз, избегнување на директен контакт на царините и зголемување на протокот на стоки. Според информациите на Царинската управа, моменталната пракса покажува дека 95% од безхартиениот извоз поминува без никакви пречки. 
Во овој контекст сакам да ја наведам и поддршката на членките од ИКТ Здружението при Комората за помош при дигитализација на институциите и компаниите бидејќи неминовно треба да се дигитализираат многу хартиени процеси, со оглед на тоа што се инсистира и на работа од дома, особено во оние сектори каде тоа може да се аплицира. Затоа тие упатија поддршка и до Владата да ги испорача сите потреби за дигитализација на институциите како би се овозможило целосно издавање на документи во дигитална форма.  
 
Со оглед на тоа дека се очекува кризата да потрае уште најмалку 2-3 месеци, кои ќе бидат приоритетите на Комората во овој период?
 
Никој не може да предвиди уште колку време ќе трае кризата предизвикана од корона пандемијата, ни кај нас ни на светско ниво. Оттука, здравствената и кризата во економијата неминовно е дека ќе траат а последиците потребно е сите ние и компаниите и државата и сите поединци во општеството да ги амортизираме и да се поддржуваме заедно. 
И во следниот период ќе бидеме максимално мобилизирани. На секојдневно ниво, Кризниот штаб на Стопанската комора на Македонија и цела Комора продолжуваме со одличната соработка и комуникација со Владата и другите државни институции, а компаниите ја нудат својата поддршка од различен вид и се ставаат на располагање на државните институции, секако доставувајќи и свои предлози за нивна поддршка и помош во оваа многу тешка ситуација кои преку коморите се преточени како барања на стопанството. 
Сега нашите приоритети како Комора се насочени да даваме поддршка на компаниите во информации и сл., да ги слушаме барањата на компаниите и истите да ги проследуваме до Владата, постојано да комуницираме со сите институции во земјава (со државните институции, со меѓународните институции во државата, со сите комори и сл.), со институциите од регионот и пошироко, да ги почитуваме сите препораки и Одлуки на Владата, да бидеме сите на ниво на својата задача и секој да покаже дека преку максимална одговорност, посветеност и дисциплина може да се дојде до побрзо совладување на кризната ситуација во интерес и на здравствениот и на економскиот аспект на истата. 
 



Слична содржина

@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 



Петар Лазаров: Време е за вложување во трејд-маркетинг

08 апр 2020

Вера Димовска, психолог: На раководителите најмногу им треба психолошка поддршка

08 апр 2020

Сузана Јанкуловска Бицевска: Дигиталниот маркетинг добива се поголемо значење

08 апр 2020

Аљајдин Хавзиу, Трудов инспекторат: Сите фирми постапија по решенијата на инспекторите

08 апр 2020

Александар Чатлески: Не ни помислуваме да го намалиме бројот на вработени

08 апр 2020

Душан Марковиќ: Зарем некој во оваа ситуација би се гордеел доколку профитира?

08 апр 2020
Вчитува уште новости...