Локално

Виолета Митковска: Лојалноста е темел на нашето работење

22 фев 2023

Виолета Митковска, генерален директор на „Атлантик Гранд“ – Скопје

Од 2005 година кафето Grand се произведува во Северна Македонија и оттогаш е постојано присутно на овој пазар. Освен на македонскиот пазар, кафето што се произведува во „Атлантик Гранд“ - Скопје се продава на косовскиот, црногорскиот пазар, а често и на албанскиот и бугарскиот пазар.

За регионално познатиот бренд, кој се произведува и кај нас, одлучивме да позборуваме со Виолета Митковска, магистер по финансиски менаџмент, која веќе 15 години работи во „Атлантик група“. Нејзината основна функција е раководител на секторот за контролинг, известување, план и анализа, а истовремено е и на позицијата управител на „Атлантик Гранд“. Во интересниот разговор со неа дознавме повеќе за позицијата на овој бренд и кои се клучните карактеристики што го разликуваат од другите брендови, но и за предизвиците во синџирот на снабдување со суровини, во наоѓањето соодветни кадри...

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Модерниот погон во Скопје е местото каде што се произведува познатото кафе Grand.  Кога почна производството на Grand во нашата земја и дали сте присутни на други пазари?

Сакавме кафето кое се продава на овој пазар, исто така, и да биде произведено таму бидејќи пазарот Северна Македонија е исклучително важен за позицијата на кафето Grand како регионален лидер во категоријата на турско кафе. Па така, од 2005 година ова кафе се произведува во Северна Македонија и оттогаш е постојано присутно на овој пазар.

Освен во македонскиот пазар, имаме производствени погони за Grand во Србија и во Босна и Херцеговина, а квалитетот на кафето е ист во сите наши погони бидејќи сакаме нашите потрошувачи да уживаат во нивниот омилен вкус и во беспрекорниот квалитет, без разлика во која земја го пијат нашето кафе. Кафето е присутно на целиот пазар на Балканот и пошироко, и навистина сме горди што сме препознатливи како бренд.

Целосното портфолио на Grand кафе кое се продава во Северна Македонија се произведува во фабриката во Скопје. Освен за македонскиот пазар, кафето се извезува и продава во Косово и Црна Гора, а често и на албанскиот и бугарскиот пазар.

Со какви капацитети располага производствениот погон во Македонија? Каде гледате можност за понатамошен пораст и напредок на производството на овој пазар? 

„Атлантик група“, како најголем производител на кафе во регионот, и кафето Grand, како значаен бренд во нејзиното портфолио, постојано ги следат случувањата и трендовите на глобалните пазари за да обезбедат редовно снабдување во производството, и поради тоа на дневно ниво се приспособуваат на реалните потреби на пазарот. Со гордост можеме да кажеме дека побарувачката од година на година е сѐ поголема, што се должи на континуираниот квалитет од кој не отстапуваме, како и обемноста и разновидноста на нашето портфолио. Целосното портфолио на традиционално кафе кое се продава во Северна Македонија се произведува во фабриката во Скопје. Од основањето на производството се работи во согласност со сите локални, регионални и глобални барања кои се поставени пред производителите на кафе, со цел да ги задржиме нашите високи стандарди. Освен за македонскиот пазар, нашето производство има доволен капацитет да произведе кафе и за извоз, па така кафето што го произведуваме тука се извезува и продава најмногу во Косово и Црна Гора, а често и на албанскиот и бугарскиот пазар.

Колку вработени има во фабриката? Колку е тешко денес да се најдат работници, особено во професиите каде што има дефицит?

Нашата компанија има вкупно 52 работници во редовен работен однос и сме горди на тоа што сите вработени не само што ја доживуваат компанијата како свое второ семејство, туку и како место каде што можат да стекнуваат нови пријателства, да напредуваат и да се усовршуваат. Освен тоа, среќни сме и поради фактот дека и покрај предизвиците на пазарот на труд со кои се соочуваат голем број од компаниите, ние успеваме да го зачуваме кадарот и да имаме навистина мала флуктуација во поглед на вработените. Лојалноста е еден од темелите на нашата организација и сме среќни што истите вредности ги пронаоѓаме и во нашите потрошувачи, работници и партнери.

Каква е моменталната ситуација на македонскиот пазар на кафе? Дали на нашиот пазар постојат стандарди кои мора да се почитуваат при производството на кафе? Каква е ситуацијата во регионот?

Во Северна Македонија, како и во регионот, законскиот минимум за произведувачите на храна е да имаат имплементиран HACCP-систем. Меѓутоа, ние како лидер на пазарот се определивме да бидеме сертифицирани со еден од најстрогите стандарди за безбедноста на храна IFS, потоа стандардот за квалитет ISO 9001, стандардот за заштита на животната средина 140001 и стандардот за енергетска ефикасност ISO 50001. Врз основа на наведеното, ние како компанија сме многу построги отколку што бара од нас законската регулатива и се обидуваме да бидеме одговорни кон нашата локална заедница и кон потрошувачите.

Лојалноста е еден од темелите на нашата организација и сме среќни што истите вредности ги пронаоѓаме и во нашите потрошувачи, работници и партнери.

На кој начин успевате да ја подобрите отпорноста на синџирот на снабдување?

По случувањата што го зафатија светот во претходниот период, дојде до поголеми или помали турбуленции во речиси сите пазари низ светот. Нам ни стана јасно дека од ова искуство може нешто да научиме, но само ако успешно се адаптираме на новосоздадените услови. Се наметнаа прашања за набавката и дистрибуцијата на намирници, па така и за кафето, без кое практично и не можеме да го замислиме секојдневието. Кризата предизвикана од коронавирусот во еден момент создаде неповолен ефект врз глобалниот пазар на кафе бидејќи производството, извозот и увозот на овој пијалак и неговите сродни производи во даден период значително се намалија.

Меѓутоа, ние најголемиот дел од кафето го набавуваме преку нашите централни набавки на „Атлантик група“, директно од земјата на потекло, без разлика дали се работи за Бразил, Колумбија, Хондурас, Виетнам или Гватемала. На тој начин, во ниту еден момент не бевме врзани само за еден пазар и поради тоа имавме можност да се приспособиме на секаква ситуација.

Што значи контролата на квалитетот на суровините и следењето на потеклото на суровините за производителите, а што за потрошувачите? Како „Атлантик група“ се справува во овој поглед со конкуренцијата?

„Атлантик група“ и кафето Grand се посветени на обезбедување целосна следливост, што гарантира дека производите се со константно врвен квалитет, од изборот на суровини до готовиот производ. Сѐ почнува со изборот на најквалитетните намирници, така што нашите експерти одат на плантажите каде што се бере кафето и прават процена на квалитетот. Првата проверка на кафените зрна се врши во периодот кога бербата се ближи кон крајот и кога веќе се знае какво е зрното. По обиколката на плантажата и утврдувањето на квалитетот на новата берба, експертите и професионалните дегустатори (т.н. „cup tester“) ги посетуваат извозниците на кафе со кои се договараат комерцијалните услови за следната година.

Патот на зрното од плантажа до шолја е точно дефиниран по етапи и е подложено на контрола на квалитетот на секој од тие процедурални чекори. Одбраното зрно кафе од плантажата до производството се контролира четирипати: еднаш на плантажата, еднаш пред да биде натоварено на бродот за транспорт, еднаш кога ќе се истовари на пристаништето во Копар или Трст и последен пат кога ќе стигне во некоја од нашите пржилници. Секако, дури и откако ќе биде произведено, кафето е подложено на контрола на квалитетот. Ваквиот тип строга и детална контрола веќе со години ни гарантира дека во промет ќе го пуштиме само најдоброто кафе со конзистентен квалитет.

За потрошувачите, ова значи дека во секој момент им е достапен производ со постојан квалитет на кој се навикнати и тоа е она што тие го препознаваат и го бараат со години. Всушност, трета година по ред кафето Grand го добива признанието Најпрепознатлив бренд во категоријата традиционално (свежо мелено) кафе во Северна Македонија, според истражувањето кое го спроведува Insider ID.

И денес, кога живееме во дигиталната ера, брендовите мора да бидат поврзани со своите потрошувачи и постојано да им нудат нешто повеќе освен квалитет на производот, нешто што ќе ги истакне меѓу конкуренцијата и ќе ги доближи до потрошувачите.

Какво влијание имаше ковид-кризата врз производството и набавката на суровини?

Правовремената реакција на нашиот кризен штаб и менаџментот, доброто разбирање и согледување на ситуацијата, а потоа и стратешкото планирање, како и силата на нашиот колектив беа пресудни да ја искористиме кризата за подобрување на сите наши процеси и да воведеме нови развојни стратегии. Бевме доволно свесни и доволно одговорни, но и финансиски стабилни дека со сите предизвици ќе се соочиме на вистински начин, и да не дозволиме еден вака голем корпоративен систем да застане, макар и на момент, во својата работа.

Како успевате да ја задржите лојалноста на потрошувачите? Колку наградните игри помагаат во тоа?

Реакциите на потрошувачите на наградните игри се од година на година сѐ попозитивни, а приказните и доживувањата на нашите милионери и добитници на другите награди... нивните реакции се прераскажуваат со месеци по извлекувањето и врачувањето на наградите. Само во последните три години израдувавме 11 наши потрошувачи со по милион денари, како дел од нашата наградна игра „Стани Гранд милионер“. Освен тоа, поделивме повеќе од 1.600 други вредни награди. Имаме намера да го продолжиме тоа и оваа година, но и во годините што следуваат.

Можеме ли да кажеме дека денес грижата за потрошувачите е еднаква со грижата за брендот? Што конкретно значи тоа?

Грижата за потрошувачите е во суштина и грижа за брендот. Успешноста на брендот на долг рок зависи токму од довербата на потрошувачите и нивната лојалност. За брендот да ја стекне и да ја задржи довербата на потрошувачите, мора најпрвин да понуди квалитет, но и добар однос на цената во споредба со квалитетот, како и транспарентна и искрена комуникација во најширока смисла. Брендот мора да настапи храбро и да биде иновативен. Слушајќи ги желбите на потрошувачите, го произведовме и лансиравме на пазарот кафето Grand Strong, кое наиде на одличен прием кај потрошувачите. Горди сме и на иновацијата наречена Grand Black’n’Easy, „традиционално кафе подготвено за минута“, кое секоја следна година има сѐ повеќе љубители и е сѐ попрепознатливо на македонскиот пазар.

Потрошувачите ги препознаваат искреноста, посветеноста и емоциите кои ние ги споделуваме со нив. И денес, кога живееме во дигиталната ера, брендовите мора да бидат поврзани со своите потрошувачи и постојано да им нудат нешто повеќе освен квалитет на производот, нешто што ќе ги истакне помеѓу конкуренцијата и нешто што ќе ги доближи до потрошувачите. Мислам дека една од клучните причини зошто бренд како Grand толку долго време истрајува, расте и се развива е токму тоа што ние ги слушаме и се трудиме да ги разбереме потребите на потрошувачите и се трудиме да ги задоволиме нивните очекувања и секогаш да го испорачуваме истиот квалитет, постојано да го надградуваме со иновација, да го прошируваме портфолиото, да ја зајакнеме комуникацијата и да обезбедиме соодветни вредни награди преку програмите за лојалност или преку наградните игри. Кафето Grand ја има оваа позиција на пазарот поради потрошувачите – ние се грижиме за нив и нивните потреби, а тие го препознаваат тоа!

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...