Локално

Александра Паланкова, „Колид фудс“: Семејна приказна која секојдневно се пишува

02 ное 2022

Во 1994 година „Колид фудс“ почна интензивно да ја шири својата дистрибутивна мрежа, за денес да биде препознатлива со широко портфолио на производи од различни категории. Екипата на InStore го направи интервјуто со Александра Паланкова, која 15 години работи во компанијата и која им е добро позната на FMCG - компаниите на македонскиот пазар. Кариерата во компанијата ја почнува како унапредувач на продажба, за во 2012 година да стане одговорна за менаџирање со големите синџири маркети. Постепено чекорев низ кариерата, што ми е особено драго бидејќи ги поминав сите скалила и се надевам дека нема да застанам тука, истакна Паланкова

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Кажете ни повеќе за почетоците на компанијата, но и за Вашата кариера во неа? Со кои предизвици се соочувавте тогаш, а со кои денес?

„Колид фудс“ е една од водечките дистрибутивни компании за производи за широка потрошувачка во Македонија, основана во 1991 година како мала семејна компанија, а во 1994 година почнува со интензивно градење на својата дистрибутивна мрежа. Денес, високо котираме меѓу првите топ-5 дистрибутивни компании во Македонија.

На тимот му се приклучив во 2007 година како единствена жена во екипата, за денес, што ми е особено драго, жените во продажните тимови и во сите други сектори да се во ист број како и мажите. Моите почетоци во компанијата беа на позицијата унапредувач на продажба, тоа беше период кога првпат зачекорив во оваа работа. За краток период преминав во продажба на позиција комерцијалист и тука останав сè до 2012 година, кога бев унапредена од страна на топ-менаџментот и ја зазедов позицијата кey account manager, на која сум и денес.

Постепено чекорев низ кариерата, што ми е особено драго, ги поминав сите скалила и се надевам дека нема да застанам тука.

Околу предизвиците, секој ден е нов предизвик, секојдневно се соочуваме со разни ситуации и нови проблеми кои тековно ги решаваме.

Но, тоа што можам со сигурност да го кажам е дека пазарните промени од пред 10, 15 и 20 години се големи. Ништо не е исто, ниту понудата, ниту побарувачката, ниту пак потребите и вкусовите на потрошувачите, пазарот воопшто не беше дефиниран и тоа беа почетоците на неговото креирање.

Денес е сосема поинаку, може да се каже дека понудата на пазарот ги создаде навиките на потрошувачите, a еднаква улога во неговото креирање и креирањето на понудата има и потрошувачот со наметнување специфични потреби и нутритивни навики и следење трендови.

Колку брендови нуди „Колид фудс“? Кој од нив е предводник на продажбата?

Широко е портфолиото на брендови што ги работиме, но печатот и по тоа што сме препознатливи како компанија секако е Чипита - 7 Days, локомотивата на компанијата. Впрочем и приказната е почната оттука.

Вршиме дистрибуција на производите на „Перутнина Птуј“, а директни увозници и дистрибутери сме и на добро познатиот Златиборац, потоа нудли на „Индо фуд“ производи кои се во експанзија, производите на „Чипс веј“, Hell, Kri Kri, Viotros, Ilirija, тука се и производите на „Жито леб“, Fungi, Pastry house, како и приватните трговски марки на „Колид фудс“ - флипсовите Pizza Italiana и Yes и уште многу други брендови.

Каков е статусот на приватните трговски марки на македонскиот пазар? Сметате ли дека има простор за поголем развој?

Македонскиот пазар е мал пазар и е особено ценовно сензитивен, но приватните марки кои се ценовно подостапни за потрошувачите се делумно застапени, особено во дисконтите. Нашиот пазар сè уште не е доволно развиен ако се споредиме со западните пазари, но со влегувањето на странските синџири маркети на пазарот се подигнува и квалитетот на снабдувањето. Со тоа се разбива и митот на недоверба кај потрошувачите во однос на приватните марки.

Простор и можност за пораст и развој секако дека постои, особено во однос на цената на производите споредена со познатите брендови, а воедно и квалитетот што го нудат во однос на цената.

Но, да се надеваме дека со влегувањето на „Лидл“ на македонскиот пазар овој статус ќе се смени. Се покажа дека влезот на „Лидл“ ја промени ситуацијата на другите пазари, пред сè, поради големата моќ на приватните трговски марки кои нудат одлична вредност за парите.

На кој начин се справувате со клучните потреби и барањата на партнерите, купувачите и на крајните потрошувачи?

За една компанија да стане наш партнер, неопходно е првично да се препознае потенцијалот на брендот, перспективата за пораст и развој и секако и најзначајно - можноста за долгорочна соработка. „Колид фудс“ го темели својот успешен пораст на долгорочната соработка со своите принципали, со некои и повеќе од 20 години.

Со купувачите секогаш гледаме да имаме фер и коректна партнерска соработка на најпрофесионално можно ниво.

Преку различни стратегии и механизми, маркетинг-миксови и трејд-инвестиции сакаме да бидеме конкурентни на пазарот. Преку нашата професионална услуга и грижа сакаме да  испорачаме максимални вредности. Нашата мисија ја остваруваме кога нашите партнери се комплетно и максимално задоволни.

Нашата компанија континуирано вложува време и ресурси за градење успешна соработка со сите трговски синџири присутни на нашиот пазар, а тоа се околу 5.000 купувачи на годишно ниво.

Бројките од продажбата на постојните брендови се доказ за успешноста, но што е со новите брендови, производи и партнери. Како знаете дека тоа се правилните производи што се испорачуваат до крајните потрошувачи? Што треба да има потенцијалниот партнер за да стане дел од вашето портфолио?

Секако дека бројките се показател за успешно завршена работа, но на прашањето што е со новите брендови и изборот на брендови, па тоа е последователно - најдобрите ги одбираат најдобрите. Секако дека за еден производител најважно е при изборот на дистрибутер тој да биде најдобриот на пазарот. А морам да нагласам дека и нашите сопственици и директори едноставно имаат чувство за избор на добар производ. Тоа не се учи, тоа чувство за бизнис за избор или го имаш или го немаш, некако ти е всадено во гените.

Секако дека се посетуваат сите можни саеми каде што се остваруваат првите контакти за воведување нов бренд и производ за кои претходно се прави истражување и анализа на пазарот.

Понекогаш се преземаат веќе постојните реномирани брендови на пазарот од компании кои ги немаат работено според одредени стандарди и квалитети. Тоа најчесто се случува на барање на производителот и некако по некој природен тек, како и во природата, поголемите риби ги јадат помалите, некои компании окрупнуваат, а некои ја намалуваат вредноста.

За жал, така е и во бизнисот.

За една компанија да стане наш партнер, неопходно е првично да се препознае потенцијалот на брендот, перспективата за пораст и развој и секако и најзначајно - можноста за долгорочна соработка.

Колку е тешко денес да се формираат професионални тимови кои навремено ќе ги извршуваат задачите? Дали се соочувате со проблем во поглед на вработување, ако се земе предвид заминувањето на младите во странство?

За една компанија најважни се тимовите, луѓето! Сопствениците инвестираат пари и секако знаење, но без добар и посветен тим и најдобрата компанија може да биде ништо.

За среќа, работиме во компанија каде што вработените се вреднуваат на највисоко можно ниво со сите можни предуслови за работа, во одлична и пријатна атмосфера за работа. Во компанија која вложува и инвестира во луѓето преку доедукации, посетување семинари, обуки итн.

Свесни сме за фактот дека вработените се главниот двигател на компаниите и затоа постојано се работи на процесите и на луѓето за тие да бидат мотивирани за понатамошен напредок во системот.

Секако дека е тешко да се состави професионален тим, особено со луѓе од повисоките структури од менаџерските тимови, луѓе на кои може да им се верува.

Проблем со вработување секако дека има со оглед на ситуацијата во државата и одливот на младите, но ќе повторам - со условите што ги нудиме, досега сме немале проблем, што не значи дека не е намален бројот на понудата на работна сила. Ако некогаш за една работна позиција пристигнувале по 50 апликации, сега се само 10 и треба да се направи избор од понуденото.     

     

Што покажуваат бројките, како работевте во периодот на ковид-кризата?

Ниту еден сектор не остана имун на кризата, која имаше големо влијание врз домашната економија и го почувствува целокупното стопанство. Од пандемијата секако дека бевме погодени сите, поминавме исклучително тешки години, но сепак целта ни беше никој да не биде отпуштен од работа.

Економскиот дел од пандемијата го поминавме добро, секако дека имаше зголемени трошоци, но во тој период не гледавме да профитираме, туку да ја одржиме стабилноста на компанијата.

Во однос на продажбите, едни брендови ја покриваа продажбата во однос на други.

Особено беше тешко во делот со импулсивните производи бидејќи таргет-групата, младата популација, односно учениците одржуваа онлајн настава и во тој период имавме намалени продажби. Но, сега веќе сѐ си дојде на свое место и продажбите се стабилизирани.

И како тоа да не беше доволно, сега сме соочени со економска криза како последица на конфликтот меѓу Русија и Украина, со зголемени оперативни трошоци и зголемување на цените од производителите.

Зголемените трошоци кај производителите повлекуваат и зголемување на цените во маркетите. Како тоа се одразува врз продажбата на вашите производи?

Како последица на ковид-пандемијата и, како што споменав, како последица на конфликтната ситуација и економската криза, беше очекувано да се зголемат цените од производителите. Врз цените влијаат зголемените цени на горивото, транспортот и суровините за производство...

Изминатава година на некои брендови имавме и трикратно зголемување на цените на одредени категории производи, а до крајот на годинава не е исклучена можноста за нови зголемувања.

Како дистрибутивна компанија, останавме да работиме со истите дистрибутивни маржи со надеж да ги намалиме нашите оперативни трошоци, за на крајот да не биде оштетен крајниот потрошувач.

 Факт е дека и зголемувањето на цените не може да оди до бескрај, мора да се внимава и на стандардот на граѓаните затоа што е сведен на минимум.

Како компанија, во моментов приоритет ни е приспособување кон потребите на потрошувачите и намалување на тежината врз нивните буџети. И да бидеме среќни и задоволни ако ги остваруваме ланските количински продажби.

.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...