Локално

Никица Кусиникова, „Конект“: Потребен е поттик од повеќе страни

21 окт 2021

На кое ниво е сега општествената одговорност во Македонија, InStore разговараше со Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението на граѓани „Конект“, кое, меѓу другото, поттикнува и промовира приватното донирање и општествена одговорност

Вие како „Конект“ подолго време работите на темата општествена одговорност. На кое ниво е таа во моментов во Македонија, дали би одела во нагорна линија ако не беше пандемијата?

Она што го гледам како напредок и што особено ме радува е тоа што темата стана секојдневие во работата на компаниите. Општествената одговорност и одржливиот бизнис не се повеќе теми на маргините на јавниот дискурс. Компаниите сфаќаат дека јавноста очекува тие да практикуваат општествена одговорност во својот бизнис, односно да ги минимизираат негативните влијанија од својот бизнис врз животната средина и луѓето, а да го зголемат позитивниот учинок. Пандемијата уште повеќе ја истакна потребата од одговорност на компаниите како работодавци и како нераскинлив дел од заедницата.

Каде сега компаниите најчесто спроведуваат општествено одговорни практики, а каде би требало да дадат поголема поддршка во иднина?

За компаниите сè уште најатрактивни се еднократните донации бидејќи тие се релативно едноставни и носат видливост и промоција. Но, ние очекуваме компаниите постратешки да ја вградат општествената одговорност во својот бизнис преку трансформација на бизнисот во насока на одржливиот развој. Она што на глобално ниво е актуелно, а ние го пренесуваме и им помагаме на компаниите да го интегрираат е: почитувањето на човековите права, спречувањето на корупцијата, остварувањето на Целите за одржлив развој и нефинансиското известување. Компаниите сè повеќе ни се обраќаат за поддршка во оваа сфера бидејќи тоа од нив го бараат нивните деловни меѓународни партнери.

Дали општествено одговорните практики нужно им носат на компаниите зголемена продажба, попрепознатлив бренд, повеќе купувачи....?

Општествената одговорност и посветеноста на одржливиот развој не само што носат попрепознатлив бренд туку стануваат и „лиценца“ за работа на компаниите. Во ЕУ големите компании имаат обврска јавно да известуваат за своето влијание врз човековите права, животната средина и општеството, а годинава се усвои и резолуција која ги обврзува компаниите да прават длабинска проверка на ризиците што нивниот бизнис ги има врз човековите права и да преземат соодветни мерки. Секако дека компаниите што практикуваат општествена одговорност имаат полојални вработени и купувачи, особено меѓу новите генерации, што на долг рок им помага полесно да се справат со шоковите (финансиски кризи, пандемии). 

Кои се Вашите предлози, како концептот на општествена одговорност повеќе да заживее во Македонија? Има ли некои добри примери што можете да ги споделите?

Концептот е заживеан, но треба да го издигнеме на повисоко ниво, тој да стане дел од бизнис-стратегијата на компаниите. За тоа е потребен поттик од повеќе страни. Државата може да прати силен сигнал доколку во рамките на своите јавни набавки вгради еколошки и социјални критериуми и ги зајакне даночните и другите стимули. Големите компании преку своите синџири на снабдување можат да градат нова култура на водење бизнис. Медиумите, исто така, играат важна улога бидејќи можат да наметнат очекување компаниите јавно да известуваат што прават за животната средина, човековите права, одржливиот развој. Ние преку нашите програми ги вклучуваме компаниите во меѓусекторски партнерства за Целите на одржлив развој. Така имаме компании и бизнис-менаџери што со локални здруженија работат на проекти за поквалитетно неформално образование на младите, искоренување на гладот, за самохрани родители преку концептот на урбани градини, достоинствена работа и приходи за жените земјоделци, здравствена превенција од Ковид - 19 кај децата од Шуто Оризари и сл. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...