Локално

Дејан Павлески: Ќе придонесеме за видливост на македонските брендови

17 фев 2021

Околу 150 милиони евра инвестираа домашните компании во последните три години (2018, 2019 и 2020), со поддршка од Владата. Кај странските директни инвестиции, во првиот квартал од 2020 година има двојно повеќе инвестиции во споредба со истиот период во 2019 година. Ова се податоци од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, од каде што велат дека и покрај актуелната криза, интерес за инвестирање има. 

Што се случува со инвестициите во време на пандемија, дали ќе дојдат странските инвеститори, како да им се помогне на домашните производители за извоз на производите, се темите со кои InStore разговараше со Дејан Павлески, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот. 

Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска 

Неодамна ги посетивте „Витаминка“ и „Гурмано“, најавивте поголема поддршка од државата за извозот од прехранбените компании. Колкава би била и што точно ќе подразбира таа поддршка?

Целта на овие посети е да се направи поголема промоција преку брендирањето и затоа во работата на Агенцијата, меѓу другото, акцент се става и на развојот на брендови на компаниите. Креирањето бренд од домашните производи кој овозможува поголема додадена вредност на производството на прехранбени производи е важно во насока на одржливоста на компаниите и зголемувањето на нивната конкурентност. Тоа претставува тешка и напорна работа со големи вложувања и инвестиции. Но, доколку компаниите се насочат кон стратегијата на брендирање и зголемување на сопственото производство преку сопствени брендови, би можеле да бидат во чекор со регионалните текови на развојот на индустријата. За подобрување на имиџот на македонските производители, потребно е да се пласираат што повеќе квалитетни и нови производи. Агенцијата планира активна  соработка со Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) и активно работи на зголемување на конкурентноста на производите и ги поддржува напорите на домашните компании преку активности за промоција, заедничко претставување на меѓународни саеми и остварување на контакти со потенцијални партнери, но и преку делот што се однесува на државната помош за конкурентност за набавување нови машини, опрема, модернизација на производството и освојување нови пазари.

Компанијата „Витаминка“  е една од најуспешните и најголеми македонски компании со асортиман од 400 производи и извоз во над 30 земји, а годинава „Витаминка“ го прави својот пробив и на пазарот во Јапонија. На работната средба со г. Сашо Наумоски, директор на „Витаминка“,  се дискутираше за предизвиците со кои се соочува и ги надминува компанијата, но и за потребата од заеднички и организиран настап за зголемено присуство на македонските прехранбени производи особено во земјите од регионот, каде што се препознатливи по својот одличен квалитет. Тоа се гледа и во приказната за „Гурмано“, која е импресивна. За само три години веќе го освојува светот. Бројката од 23 земји каде што се врши редовен извоз постојано расте. „Гурмано“ е македонски бренд на преработени земјоделски производи од Пелагонискиот Регион, изготвени по оригинални традиционални рецепти. Следејќи го примерот на вака успешни домашни компании, за компаниите да станат препознатливи, потребно е да се насочат и кон промовирање за да можат да ги запознаат купувачите со производите што ги нудат и да се прошират на пазарот, во земјата и надвор од неа. Токму во овој дел се гледа улогата на Агенцијата, која преку своите активности во делот на промоција и поврзување со клиенти може многу да придонесе кон зголемување на видливоста на македонските бренд-производи.  Како резултат на активностите, во поглед на освојување нови пазари,  планирани се учества на компании со свои производи на национален штанд на меѓународни саеми за прехранбени производи и активна соработка со Министерството за земјоделство за заеднички организиран настап.

Една од Вашите ингеренции е да го промовирате извозниот потенцијал на домашните компании на странските пазари. Што конкретно е направено на тој план во 2019 и 2020 година, особено за компаниите од прехранбената индустрија? Какви се плановите за 2021 година?

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, согласно Програмата за активности за 2019 година во делот на промоција на извоз, а на предлог на бизнис-заедницата, на 5 ноември 2019 година, заедно со Здружението на вина и Проектот за зголемување на пазарната вработливост  финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, организира настан за промоција наменет за македонските винарници кои имаа можност да ги промовираат своите вина во Цирих, Швајцарија.

На промотивниот настан во Цирих седум македонски винарници („Тиквеш“, „Стоби“, „Далвина“, „Бовин“, „Камник“, „Попов“ и „Езимит“) заедно ги презентираа своите вина пред дистрибутери, увозници, ХОРЕКА и други професионални купувачи на вино на швајцарскиот пазар. При претставувањето на македонските вина посебен акцент е ставен на сортата „вранец“, како најголем репрезент на македонските вина, и беа организирани две мастерклас-дегустации кои ги водеше реномираниот вински сомелиер и вински новинар Карстен Фус. По завршувањето на мастерклас-дегустациите се одржа дегустација на вината на сите винарници-учесници на овој настан од страна на сите посетители и професионални купувачи на вино од Швајцарија. Се ангажираме и во настани со кофинансирање на организирани прес-тури на вински новинари во Република Северна Македонија. Ваквите посети им овозможуваат на странските медиуми, новинари, вински и гастро-блогери и инфлуенсери одблиску да се запознаат со можностите што ги нуди македонската винска индустрија, винските региони, сортите на грозје. Винските новинари ќе имаат можност понатаму да го презентираат своето искуство и доживување на социјалните медиуми или на онлајн-вински портали, со што ќе ја шират приказната за македонското вино во светот. Искуството со организирање вакви посети е најголемата промоција за винската индустрија. Предвидено е посетите да се организираат на почетокот на октомври 2021 година, со што ќе се обезбеди директна поддршка за Светскиот ден на вранецот со генерирање странски вински познавачи.

Во 2021 година Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот планира да прави истражување на пазарите од аспект на промоција на извозните активности.

Колку странски директни инвестиции имаше во 2019 и 2020 година? Каков е соодносот во споредба со инвестициите од домашните компании во истиот временски период?

Во 2018 година привлекувањето на СДИ бележи рекордна реализација од 625 милиони евра странски нето-инвестиции, со девизен прилив во земјата.

Заокружувањето на реформските процеси во последните две години во земјата и реализацијата на новите економски политики на Владата ја зацврстија позицијата на земјата како една од најатрактивните инвестициски дестинации во Европа.

Северна Македонија во 2018 година имаше најголем раст на директни странски инвестиции меѓу државите од Западен Балкан според извештајот на УНКТАД. Тенденцијата за раст на инвестициите беше видлива кај нас на крајот од 2019 и почетокот на 2020 година. Споредбено, во првиот квартал  од 2020 година има двојно повеќе СДИ во споредба со истиот период во 2019 година.

Нашите заложби и спроведувањето на економските политики во делот на привлекување на СДИ во земјата се позитивно оценети и во извештајот на американскиот Стејт департмент, каде што се оценува дека инвестициската клима во земјата е поволна и дека правната рамка за инвестирање во голема мера е во согласност со меѓународните стандарди, оттука произлегува и еднаквиот третман на странските и домашните инвеститори.

Она што ме радува и охрабрува е фактот дека постои оптимизам и кај странските и кај домашните компании, а истовремено постои слободен капитал и се бараат начини за инвестирање, а ние имаме одлични услови за инвестирање.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Ласко Јованов: Секоја промена e иницирана од желбата за развој

26 мај 2020

Резеарта Малиќи: Предизвиците се можност за пораст

26 мај 2020

Висар Јакупи, „Киппер“: Вработените се вистинските херои на успешната приказна

26 мај 2020

Ванчо Постоловски: Следењето на трендовите и иновациите ни се движечка сила

26 мај 2020

Драган Јосифовски, Paket.mk: Ја јакнеме лидерската позиција

26 мај 2020

Марио Мирсинов: Квалитетот и пристапните цени ни отвораат нови пазари

26 мај 2020
Вчитува уште новости...