Анализи

Инсајдер ИД: Ковид-19 – можност или бариера за економиите во развој, петти дел

29 апр 2020

Истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ направи анализа на последиците и предизиците што ги носи кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. InStore во пет продолженија ја објавува целата анализа, која се осврнува на појаснување на кризата, дефинирање на трендовите од кризата, ефектот врз бизнисот и проактивното поставување, професионални менаџерски тимови за управување од повеќе компании и кластери и конзорциуми како начин на подобрување на работењето.

ПОЈАСНУВАЊЕ НА КРИЗАТА

ДЕФИНИРАЊЕ НА ТРЕНДОВИТЕ ОД КРИЗАТА

ЕФЕКТ ВРЗ БИЗНИСОТ И ПРОАКТИВНО ПОСТАВУВАЊЕ

ПРОФЕСИОНАЛНИ МЕНАЏЕРСКИ ТИМОВИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СОСТАВЕНИ ОД ПОВЕЌЕ КОМПАНИИ

КЛАСТЕРИ И КОНЗОРЦИУМИ КАКО НАЧИН НА ПОДОБРУВАЊЕ НА РАБОТЕЊЕТО

Според консултантите на „Инсајдер ИД“ за држави и економии како балканските, кластерите и конзорциумите се една од можностите за окрупнување на бизнисите, поделба и оптимизација на ресурсите и подобро менаџирање, а со тоа преживување на кризата и потенцијален пробив на странски пазари. Во време на светска рецесија, понудата на производи и услуги од домашните компании што се ценовно високо конкурентни на странските пазари, може да биде уште поатрактивна. Потенцијалот за домашните бизниси за добивање нови клиенти надвор е пред сè, поради тоа што компаниите (домашни и странски) ќе се обидуваат да ги намалат оперативните трошоци во следните неколку години за да ја компензираат загубата што е предизвикана од неработењето за време на кризата или пад на економската активност на среден рок. Бидејќи домашните компании се ценовно конкурентни, странските многу поедноставно би можеле да ги оптимизираат трошоците и ги намалат загубите со користење на балкански бизниси како соработници, наместо нивните локални партнери.

За да бидат домашните компании атрактивни и да одговорат на поголемите барања на компаниите од развиените економии, потребно е групирање на бизнисите во поформален вид, како конзорциуми или кластери. Овој начин е понапреден од претходно обработениот „Професионални менаџерски тимови составени од повеќе компании“, бидејќи за разлика од него, во кластерите и во конзорциумите постои поделба на ресурси и поблиска секојдневна соработка меѓу компаниите.

Потребно е државата да пронајде инструмент и канал за поддршка на тој начин на соработка меѓу компаниите, бидејќи тоа е една од ретките алтернативи за која не се потребни големи финансиски средства за реализација. Тоа би резултирало со зголемување на професионалноста на компаниите и директно ќе влијае на подобрување на економската активност во државата. Пред сè, потребна е едукација за придобивките што би се оствариле преку овој начин на соработка.

Во Македонија речиси и не постојат успешни примери на конзорциуми и кластери што работат подолг временски период. Стопанските комори се вид на здружувања, бидејќи ги штитат интересите на компаниите, но потесната соработка меѓу компаниите е доброволна. Најчесто целите се поставени на макро-економски план, нема поделба на ресурси и на крај, нема извршување на заеднички секојдневни бизнис-активности. Соработка во конзорциуми, кластери или „keiretsu“ е многу потесна и секојдневна, се однесува на исполнување на заеднички бизнис-цели, како што се освојување нови пазари, пренесување на знаења, оптимизација на ресурси, намалување на трошоци, унапредување на процеси и слично. Конзорциумите и кластерите можат да бидат иницирани од Стопанските комори, имајќи го предвид големото членство што го имаат и можноста директно да пристапат кон голем број компании. Всушност, во конзорциум/кластер компаниите соработуваат како една поголема компанија/организација, но ги зачувуваат сопствените идентитети и самостојност.

Од дефинираните трендови јасно е дека ќе има оптимизација и унапредување на поголемиот дел од функциите на компаниите, а единствениот начин тоа да се постигне при ограничени финансиски ресурси, е преку здружување (со акцент на малите и средните), кои заеднички би ги надминале предизвиците и би ги искористиле претходно дефинираните трендови.

Бизнис-кластер е здружување на меѓусебно поврзани бизниси, доставувачи и соработници, кои се на иста географска позиција и во одредена област на дејствување. Се смета дека кластерите ја зголемуваат продуктивноста, преку која компаниите можат да конкурираат на национално и на глобално ниво. Пример за кластер, е доколку една или повеќе компании за производство на кондиторски производи, позиционирани во одреден регион, се поврзат меѓу себе и со доставувачите на репроматеријали, дистрибутерите, транспортерите или со дополнителни производители од сродни гранки.

Конзорциум е група основана од минимум две индивидуи, компании или државни институции, кои работат заедно за остварување на заедничката цел. Вклучените страни користат заеднички ресурси, но се одговорни само за обврските што ги имаат преземено во меѓусебниот договор. Секој субјект, дел од конзорциумот, ја задржува самостојноста и продолжува со нормални деловни операции, нема влијание во другите субјекти што извршуваат операции и се надвор од делокругот на конзорциумот.

Третиот начин на здружување, кој што е целосно непознат во европски рамки е јапонскиот „keiretsu“. Се однесува на бизнис-мрежа од различни компании, кои имаат блиски релации и честопати и сопственички удели меѓу себе, додека оперативно остануваат посебни ентитети. Посочениот систем на работа има најголем подем по завршувањето на Втората светска војна (кризен период), како начин за надминување на економската криза и кревање на јапонската економија како една од најбрзорастечките и најголеми во свет. Како најсоодветни примери за „keiretsu“ се Mitsubishi и Toyota. Со оглед на фактот што европските лидери ја наведуваат кризата со Ковид-19 како најголем предизвик по Втора светска војна и економската криза која е потенцијално една од најразорните во последниот век, примената на „keiretsu“ како начин на здружување, иако е несвојствен за локалните економии, не треба да се исфрли како можност за потенцијално надминување на дел од проблемите.

Најголемата придобивка од организацијата на претходно дефинираните опции, е можноста за окрупнување и заеднички настап на надворешни пазари, со понуда на поширок спектар на производи и услуги со оптимизирани цени. Претходно дефинираните трендови ја надминуваат организацијата на компаниите за каков било вид на потесна соработка и се насочени кон позитивен развој, особено во управувањето, поделбата и оптимизација на ресурсите и процесите (вклучувајќи ги и вработените), а со тоа и во воведувањето на корпоративно управување со бизнисите. При потесна соработка со други компании, потребно е поставување правила, норми, задачи, буџети, обврски и одговорности меѓу учесниците, што директно влијае на професионализацијата на работењето и зголемувањето на стандардите. Едноставно, сите членови на „организацијата“ ќе бидат заинтересирани да ја проценат вредноста и влијанието на новата инвестиција на една членка, бидејќи нефункционалната инвестиција директно ќе влијае врз работењето на сите.

Од аспект на оптимизација на ресурсите и процесите, доколку соодветно се организирани кластерите/конзорциумите/keiretsu и се застапени компании од различни области, учесниците нема да имаат потреба дел од процесите да ги развиваат интерно во компаниите (на пример, маркетинг). Тие ќе имаат можност да користат услуги од друга компанија (маркетинг-агенција), која ќе отстапи дел од интерниот тим според специјални услови. Со тоа, компанијата-корисник ќе има уште попрофесионален тим на располагање од тој што интерно би го развивала.

Генерално, без разлика на тоа кој од посочените методи на групирање на бизнисите ќе се избере, најголемиот предизвик е успешно да се имплементира. Имајќи ги предвид трендовите што сè повеќе се интензивираат, нема да биде прашање дали компаниите треба да се професионализираат, здружат, да го променат бизнис-моделите или да користат надворешни соработници, туку, едноставно, ќе мора тоа да го имплементираат. Економската криза допрва ќе почне да се развива и да се појавува нефункционирањето на системите. Единственото што можат локалните економии да го направат, е да ги искористат трендовите, соодветно да се позиционираат и на долг рок да излезат со позитивен економски резултат. Моменталниот фокус само на тековните финансиски проблеми, кои даваат моментален резултат, може да биде погубно за компаниите што ја користат таа помош, но и за економијата во целина. Потребно е фокусирање на целата слика на краток, среден и на долг рок за постигнување оптимални резултати.

Инсајдер ИД“ е специјализирана агенција за истражување и стратегиски консалтинг. Е-пошта: info@insider.mk, тел.: +389 71 210 471

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Еуромонитор: Што, кога и како се купува?

25 апр 2020

Керни: Како генерацијата Z влијае врз малопродажбата?

25 апр 2020

Делоит: Во ек на двојната криза

25 апр 2020

FFI: Иднината на трговијата по Ковид-19

25 апр 2020

Нилсен: Кој е кој меѓу приватните трговски марки во Европа

25 апр 2020

Инсајдер ИД: Ковид-19 – можност или бариера за економиите во развој, четврти дел

25 апр 2020
Вчитува уште новости...