Анализи

Еуромонитор: Технолошки иновации во малопродажбата (втор дел)

15 ное 2021

Професионалците од индустријата очекуваат дека пандемскиот период ќе има долгорочно влијание врз социјалното и пазарното однесување на потрошувачите.

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Во соработка со Националната федерација за малопродажба, „Еуромонитор“ го изработи овој извештај, во кој истражува како се промени односот на дигиталните купувачи кон технологијата во текот на пандемијата. Извештајот им дава увид на трговците и на брендовите каде треба да направат технолошки инвестиции сега и во наредните години. Организиран е во пет аспекти: истражување преку интернет; онлајн-купување; пазарување во продавница; плаќање; испорака/преземање. Првите три беа анализирани во претходниот дел.

  1. ПЛАЌАЊЕ

Кризата го иницира интересот за дигитални плаќања, поттикнувајќи ги трговците да експериментираат со бесконтактните опции, вклучително и плаќање со картички и мобилни телефони, за да се намали преносот на вируси. Освен тоа, дигиталните плаќања се зголемија многу и поради порастот на трансакциите преку е-трговијата. Околу 41% од анкетираните професионалци за малопродажба изјавија дека ковид-19 доведе до лансирање или експанзија на опциите за дигитално плаќање, со кои трансакциите станаа поедноставни и во физичките продавници и онлајн.

Однесување и мотивација на потрошувачите

Дигиталните паричници што се користат за плаќање во продавниците и онлајн имаат огромна улога во развојот на дигиталните трансакции. Притоа, практичноста се наведува како клучен USP (Unique Selling Proposition – единствена продажна понуда). Според „Гласот на индустријата: Дигитално истражување“, едноставноста на користење е главната причина поради која потрошувачите ги користат дигиталните паричници.

И покрај тоа што повеќе потрошувачи веќе користат дигитални паричници, сè уште постои потенцијал за понатамошен пораст. Повеќе од една третина од потрошувачите што користат интернет на глобално ниво сè уште не користеле дигитален паричник. Од тие што изјавиле дека плаќале со дигитални паричници во последните 12 месеци, повеќе ги користеле на интернет отколку во физичките продавници.

При анализа на првите 15 причини поради кои потрошувачите се откажуваат од онлајн-купување се забележува дека поголема е веројатноста тие да се откажат поради начинот на испорака отколку поради плаќањето.

Фокус на потрошувачот

Еден од проблемите што се надминуваат со употребата на дигиталните паричници е откажувањето од купување. Околу 75% од потрошувачите што користат интернет изјавиле дека се откажале од купувањето одредени производи. Од нив 44% велат дека тоа е поради начинот на плаќање, додека 51% велат дека тоа е поради пречки поврзани со испораката.

При анализа на првите 15 причини поради кои потрошувачите се откажуваат од онлајн-купување се забележува дека поголема е веројатноста тие да се откажат поради начинот на испорака отколку поради плаќањето. Неочекуваните трошоци за испорака се главната причина за откажување (33%). Фактот што потрошувачите повеќе се загрижени за испораката отколку за плаќањата, може да сугерира дека трговците веќе ги исполнуваат барањата за беспрекорно искуство за наплата.

Перспектива на индустријата и инвестиции

Глобалните трговци ќе продолжат да инвестираат во развој на дигитални паричници и бесконтактни каси. Покрај тоа, ќе се појавуваат и други трендови на плаќање, вклучително и користење блокчејн-технологија за криптовалути, аугментирана и виртуелна реалност за реализација на купувањето и интернет на нештата за автоматизација на купувањето. Сите овие технологии се очекува да имаат поголемо влијание врз трговијата за пет години.

Изгледи

Употребата на бесконтактни картички, мобилни плаќања и дигитални паричници, и на продажните места и на интернет, ќе продолжи да се развива и да станува пошироко достапна. Гласовната трговија ја изгуби силата на забрзување за време на кризата, бидејќи оваа форма на малопродажба без допир не ја елиминира загриженоста за безбедноста. Сепак, очекуваме да оживее бидејќи нејзината клучна додадена вредност е практичноста, која повторно ќе стане поважна за потрошувачите откако акутната загриженост за безбедноста ќе се намали.

Испораката и логистиката се појавија како конкурентни фронтови за трговците и за операторите за испорака од трети страни, што доведе до проширување на услугите.

  1. ИСПОРАКА И ПРЕЗЕМАЊЕ

Зголемените трошоци за испорака до последната милја и загриженоста за животната средина ги мотивираат трговците да трагаат по нови методи за испорака и преземање. Повеќе од половината од глобалните трговци (51%) на испораката гледаат како на клучен тренд што влијаел врз нивниот пазар во 2020 година. Испораката и логистиката се појавија како конкурентни фронтови за трговците и за операторите за испорака од трети страни, што доведе до проширување на услугите, како на пример, купување преку интернет и преземање од продавница.

Однесување и мотивација на потрошувачите

Потрошувачите имаат низа опции за е-трговија кои им се достапни на еден клик. Тие може да имаат речиси сè доставено до нивниот праг, понекогаш и за еден час. Очекувањата за брзината се зголемија со текот на времето бидејќи гигантите за е-трговија – „Амазон“ и „Алибаба“ продолжуваат да го подигнуваат нивото. Најпосакуваната карактеристика на испораката меѓу потрошувачите на глобално ниво е бесплатната услуга со 68%, додека за речиси 30% најпосакувана карактеристика е испораката да биде следниот или истиот ден.

Со пандемијата се засили фокусот на испораката до последната милја. Иако овој вид испорака сè уште е попопуларен од опциите за преземање на нарачката од одредено место, голем дел од трговците почнаа да нудат опции „клик & колект“ како алтернатива за намаленото трошење во физичките канали.

Електрониката и апаратите и понатаму се водечка категорија за услугите „клик & колект“, при што 53% од потрошувачите велат дека барем некои од нивните купувања ги прават на тој начин, а 12% велат дека ги прават сите купувања на тој начин. Храната и пијалаците забележаа најсилен пораст на годишно ниво бидејќи потрошувачите бараа побезбедни начини да ги добијат неопходните прехранбени производи.

Фокус на потрошувачот

Кинеските потрошувачи се најотворени за нови концепти за испорака. Врз основа на резултатите од „Гласот на индустријата: Дигитално истражување“, 70% од нив изјавиле дека е практично да ја добијат испораката преку дрон или робот. Иако ова чувство е најсилно меѓу милениумците, постои силно прифаќање и од повозрасното кинеско население. Всушност, помалку од 5% од целото кинеско население се против овој метод на испорака.

Во текот на минатата година кај американските потрошувачи се забележа најголем скок во нивното прифаќање да примаат испорака преку дрон или робот. Повеќе од половина од населението во САД се чувствува удобно со овој метод на испорака, што е скок од 8% од истражувањето во 2020 година.

Перспектива на индустријата и инвестиции

Во текот на минатата година голем дел од трговците ги насочија операциите онлајн за подобро да им служат на дигиталните потрошувачи. Тоа подразбира проширување на опциите за испорака до последната милја и преземање на нарачката од одредено место, како и воведување искуства со повеќе технологија. Други склучија нови партнерства за да ги прошират можностите за испорака и направија технолошки инвестиции за да ги забрзаат можностите за преземање и испорака или да ги намалат трошоците за е-трговија.

Изгледи

Реинвенцијата на испораката и преземањето се очекува да остане важна тема во годината што следува. Трговците на мало ќе продолжат да експериментираат и да трагаат по решенија како баланс на зголемениот интерес за е-трговија и зголемените трошоци. Услугата „клик & колект“ може да стане главна потпора. Во Северна Америка, преземањата од рабникот (curbside pickup – купувачите нарачуваат онлајн, а нарачката ја земаат од одредено место во близина на локалната продавница) станаа доминантен начин. Дел од трговците ќе истражуваат и високотехнолошки опции, како што се роботиката и испораката со дронови, што може да биде ветувачко во области со густа населеност.

ЗАКЛУЧОК

Ковид-19 целосно ја трансформира економската и потрошувачката слика, воведувајќи „нова нормала“ речиси преку ноќ. Професионалците од индустријата очекуваат дека овој период ќе има долгорочно влијание врз социјалното и пазарното однесување на потрошувачите. Уште минатата година тие беа уверени дека ковид-19 ќе доведе до трајна промена во однесувањето на потрошувачите кои купуваат онлајн и повеќе работат од дома. Тоа уверување годинава е уште поголемо.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...