Анализи

Потрошувачки трендови во Источна Европа

07 јул 2021

Иако пандемијата се одразува на трендовите на глобално ниво, честопати се забележуваат регионални варијации и забележителни разлики

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Како што покажа истражувањето „Топ-10 потрошувачки трендови за 2021 година“ (објавено во InStore, бр. 83 и 84), коронавирусот (ковид-19) има големо влијание врз однесувањето на потрошувачите, принудувајќи ги бизнисите да ги реконструираат стратегиите и да ги приспособат на новонастанатата побарувачка. Иако пандемијата се одразува на трендовите на глобално ниво, честопати се забележуваат регионални варијации и забележителни разлики во начинот на кој реагираат потрошувачите во рамките на тие широки модели. Тимот специјалисти на „Еуромонитор“ од Вилнус (Литванија) идентификуваа два од глобалните потрошувачки трендови што имаат најголемо влијание врз пазарот во Источна Европа.

  1. КОПНЕЖ ЗА ПОГОДНОСТ

Експанзија на инфраструктурата за испорака и внесување ново искуство во домот

Пред пандемијата моделот на набавка во Источна Европа вклучуваше чести посети на локалните продавници и ресторани. Карантинот ја наруши оваа шема, како резултат на препораките на здравствените власти за физичка дистанца. Од таа причина, најголемите трговци со прехранбени производи ги приспособија активностите и повеќе се фокусираа на продажбата и промоциите преку интернет.

Во 2020 година вредносниот удел на е-трговијата во Источна Европа забележа пораст од 41% и достигна до 10,5%. Во Чешка уделот на е-трговијата изнесуваше 16,6% (пораст од 26%), во Полска 14,4% (пораст од 41%), а во Русија 10,5% (пораст од 47%) (графикон 1).

Водечките е-трговци, како што се „Вајлдберис“ во Русија и „Алегро“ во Полска, забрзано го проширија асортиманот на производи, додавајќи повеќе прехранбени производи, и ги зголемија операциите за испорака преку нови логистички центри за управување со зголемената побарувачка. „Вајлдберис“ вложи значителни инвестиции во инфраструктурата, за самопослужни места за подигнување на нарачките низ целиот регион, обезбедувајќи поевтина алтернатива за испорака до домот. Е-трговецот ги постави местата за подигнување на нарачките во непосредна близина на станбените области. Вреди да се истакне и дека „Вајлдберис“ ја прошири мрежата на места за подигнување на нарачките од 7.500 на 26.000 во 2020 година. Други позитивни примери се трговските компании што се здружија со локални провајдери на услуги за испорака, кои ја проширија сопствената инфраструктура.

Додека потрошувачите „навалија“ на е-продавниците за време на карантинот, и ресторанското искуство исто така еволуира на неколку начини. Платформите за достава на храна низ Источна Европа бележат голем бран на побарувачка, како резултат на зголемената потреба на потрошувачите за ресторанското искуство и погодност да го пренесат во домот. Овој нов феномен во побарувачката ги поттикна компаниите да ја зголемат мрежата на возачи што ќе испорачуваат производи до домот, додека други, како што е „Јандекс“ во Русија, ги прераспределија вработените таксисти, бидејќи патувањата во голема мера се намалија. Со оглед на тоа што за потрошувачите стануваше сѐ поскапо секојдневно да нарачуваат храна од ресторани, новите услуги на е-трговците почнаа да вклучуваат комплетни пакети за оброк, украсени со слики од „фенси“ состојки и со упатства и рецепти за едноставно приготвување на храната. Забележителни примери се „Шефмаркет“ и „Јандекс.шеф“ во Русија – поекономични алтернативи, кои освен парите, на потрошувачите им ги заштедуваат и времето и напорот за приготвување на храната.

Потрошувачите што ја претпочитаат погодноста бараат решенија што се едноставни за употреба, а испораката на начинот кој ним им одговара е голема дополнителна корист.

  1. ПРЕТПАЗЛИВИ ШТЕДАЧИ

Пандемијата го катализира штедливиот начин на размислување

Расположливите приходи на потрошувачите од Источна Европа уште пред пандемијата вообичаено беа пониски од глобалниот просек, што значи дека тие веќе беа ценовно освестени. Поради финансиската несигурност поврзана со работните места и економските перспективи, пандемијата го зголеми и го забрза тој тренд. Во 2020 година Источна Европа ја забележа третата најголема контракција на потрошувачките трошоци на глобално ниво (по Западна Европа и Јужна Америка), која изнесуваше -5% (графикон 2).

Додека историски Источна Европа заостануваше зад економски развиените региони, пред пандемијата таа бележеше пораст, со што напредуваше во насока на напредните економии од западниот дел од континентот. Сепак, дури и додека се подобруваа економските показатели, потрошувачките навики за трошење во Источна Европа беа побавни во развојот, делумно поради ниското ниво на доверба во банките. Како резултат на тоа, во финансиски понестабилните земји, како што се Русија и Украина, просечниот потрошувач веќе беше релативно штедлив и претпазлив. Бизнисите уште претходно мораа да се грижат и да се приспособат кон претпазливите потрошувачи – процес што го катализира пандемијата.

Во 2021 година Источноевропејците бараат економични производи и услуги, но по можност без премногу компромис за квалитетот. На пример, кога станува збор за апарати за домаќинството, пазарот станува сè пофрагментиран бидејќи поголемите брендови го губат теренот пред поевтините алтернативи, најчесто кинески компании како што е „Хаиер груп“. Големите брендови, исто така, бргу се приспособија бидејќи компаниите како „Епл“ лансираа поевтини опции во линијата на iPhone, додека економскиот бренд Xiaomi зема сѐ поголем дел од пазарниот удел на Huawei. Потрошувачите избираат и напредни варијанти на LCD-екрани, како што е QLED, која обезбедува висок квалитет на сликата, а е поевтина од технологијата OLED. За да ги финансираат овие набавки, голем дел од трговците нудат бескаматен кредит – „купи сега, плати подоцна“. Оваа опција им помага на деловните субјекти да ја зголемат големината на потрошувачката кошница на претпазливите штедачи.

Постојаната финансиска несигурност има дополнително влијание врз куповната моќ и приоритетите на потрошувачите.

Заштедата на пари и на време ја поттикнува е-трговијата

Трендовите што беа анализирани во овој текст ја илустрираат зголемената потреба за бизнисите да ги приспособат решенијата, услугите и производите, со цел да ги задоволат потрошувачите од источноевропскиот пазар.

Потрошувачите што ја претпочитаат погодноста бараат решенија што се едноставни за употреба, а испораката на начинот кој ним им одговара е голема дополнителна корист. Постојаната финансиска несигурност има дополнително влијание врз куповната моќ и приоритетите на потрошувачите.

Сепак, економиите почнуваат полека да заздравуваат по падот на стапката на инфекции и зголемената дистрибуција на вакцини. Глобалните потрошувачки трендови на „Еуромонитор“ ја покажуваат потребата од брза флексибилност на бизнисите во новата средина и неопходното искористување на можностите за пораст што јасно се појавуваат. Прогнозите се дека заштедата на време и на пари е најважната придобивка од е-трговијата, чија вредност до крајот на 2025 година речиси двојно ќе се зголеми.

* Австралија, Нов Зеланд, Нова Гвинеја и соседните острови во Тихиот Океан

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...