Анализи

„Еуромонитор“: Типови потрошувачи и како да ги таргетирате

14 окт 2020

Со рапидно менување на политичките, социјалните и технолошките фактори, за брендовите и за компаниите станува неопходно да се усогласат со вредностите и начинот на живот на потрошувачите

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Во претходниот број на InStore беа анализирани пет типа потрошувачи: импулсивен трошач, минималистички трагач, овластен активист, безбеден традиционалист и непоколеблив борец. Во продолжение ќе прочитате за преостанатите шест типа.

ДИГИТАЛЕН ЕНТУЗИЈАСТ

Потрошувачи што ја вреднуваат и ѝ даваат приоритет на технологијата. Тие ги користат интернет-платформите за секојдневни задачи и се заинтересирани да бидат во чекор со најновите технолошки трендови.

9% од глобалната популација се дигитални ентузијасти

74% од нив ќе бидат „изгубени“ без интернет-пристап

55% од нив се чувствуваат под постојан притисок за да ги завршат работите

Мото: Технологијата е вклучена во секоја област од мојот живот.

Дигиталниот ентузијаст се обидува да ја вклучи технологијата во сите области од животот, честопати повеќе барајќи искуства преку интернет отколку во реалниот свет. Тој веројатно нема да инвестира во личниот имиџ и нема да троши пари на најновите трендови, освен ако не се поврзани со технологијата. Дигиталниот ентузијаст не бара добро познати брендови, производи со висок квалитет или со еколошки и одржливи карактеристики. Наместо тоа, тој е силно фокусиран на цените и на краткорочните потреби. Често експериментира со нови производи и прави импулсни набавки врз основа на ниската цена.

Дигиталните ентузијасти не го ценат материјалниот имот. Тие се обидуваат да го поедностават животот за да го поминат времето на активности што ги ценат. Затоа, подготвени се да потрошат повеќе пари на сервиси што им овозможуваат брза и ефикасна услуга.

Најдобри начини да се таргетираат дигиталните ентузијасти:

  • Едноставен интернет-интерфејс, кој ќе промовира брзо е-купување и споредување на цените;
  • Практичен „пат до полицата“ за да се минимизира времето поминато во купување;
  • Соработка со приспособени виртуелни и мрежни платформи;
  • Јасно означете ги промотивните производи, ниските цени и попустите – особено за основните производи.

Влијание од Ковид-19. Дигиталниот ентузијаст најверојатно ќе го зголеми скромното однесување во текот на пандемијата и ќе продолжи да бара ниски цени и да штеди во време на економска неизвесност. Тој, исто така, најверојатно ќе складира основни производи од акции. Дигиталниот ентузијаст веќе се чувствува целосно удобно со користење на технологија и учеството во виртуелни искуства.

КОНЗЕРВАТИВЕН ДОМАШАР

Потрошувачи што високо ги ценат семејните односи и личните работи. Малку е веројатно дека му придаваат голема важност на сопствениот имиџ и дека ги следат најновите трендови.

9% од глобалната популација се конзервативни домашари

44% од нив го ценат времето поминато со партнерот

23% од нив повеќе сакаат да ги поправат старите работи отколку да купат нови

Мото: Семејството ми е најважно.

Иако можеби нужно нема да потрошат пари, конзервативните домашари уживаат во трговското искуство и да разгледуваат низ продавниците. Незаборавните и уникатни искуства за пазарување, како што се специјалните промоции, попап-продавниците и ограничените изданија, може да ги привлечат конзервативните домашари и да ги наведат на повремени импулсивни купувања.

Овој тип потрошувачи не се одликуваат со висока лојалност кон производот или брендот. Оттука, новите производи на пазарот или приватните трговски марки можат потенцијално да ги освојат конзервативните домашари доколку се со конкурентна цена и имаат слични карактеристики со редовните набавки на овој тип потрошувачи.

Најдобри начини да се таргетираат конзервативните домашари:

  • Промоција на производи што ја подобруваат личната благосостојба и го збогатуваат времето поминато со семејството и блиските пријатели, со посебен акцент на самогрижата;
  • Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
  • Достапност на онлајн и офлајн-платформите, повеќеканално купувачко искуство;
  • Погодни услуги за олеснување на брзите набавки, но и незаборавно и уникатно искуство.

Влијание од Ковид-19. Конзервативните домашари високо го ценат времето поминато со најблиските – непосредното семејство и блиските пријатели. Поради мерките за социјално дистанцирање, овој тип потрошувачи најверојатно ќе се свртат кон виртуелните искуства и платформи за да се поврзат со другите и да одржуваат врски. Со оглед на тоа што тие му придаваат мало значење на материјалниот имот, најверојатно ќе продолжат да ги купуваат редовните артикли и да ги засноваат одлуките врз основа на потребата и цената. Конзервативните домашари се внимателни како ги трошат парите. Тие не се во потрага по познати брендови и луксузни производи, ниту пак се грижат да ги следат најновите трендови. Наместо тоа, обично се држат до суштинските набавки. Врвен приоритет им е посветувањето време себеси и на најблиските.

ИНСПИРИРАН АВАНТУРИСТ

Потрошувачи што се отворени да експериментираат со нови работи и инвестираат во сопствената иднина, честопати имаат големи лични и професионални цели.

6% од глобалната популација се инспирирани авантуристи

53% од нив веруваат дека ќе бидат финансиски помоќни во следните 5 години

33% од нив сакаат да уживаат во животот и да не се грижат за иднината

Мото: Се стремам да извлечам што е можно повеќе од животот.

Инспирираните авантуристи се претпазливи за тоа како ги трошат парите, честопати бараат квалитетни производи – познати и премиум брендови, но внимаваат и на вредноста за парите. За овој тип потрошувачи, личниот имиџ и статус не се многу важни. Нивните одлуки за купување вообичаено се под влијание на ценатa. Тие се подготвени да пробаат нови производи и услуги, особено ако се со конкурентни цени и ги содржат истите карактеристики како и нивните вообичаени набавки.

Овој тип потрошувачи се насочени кон иднината, често штедат пари и планираат однапред. Постојано се инспирирани да се подобрат себеси, без разлика дали преку кариерата, личното здравје, глобалните проблеми или врските со семејството и пријателите. Нивниот фокус е на физичката и на менталната благосостојба, вежбаат и преземаат превентивни мерки за стареење, редовно консумираат витамини и додатоци.

Најдобри начини да се таргетираат инспирираните авантуристи:

  • Промоција на производи што го подобруваат личното здравје и благосостојбата;
  • Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
  • Погодни услуги за брзи набавки;
  • Производи и услуги за надградување на квалитетот на кариерата и личните врски.

Влијание од Ковид-19. Инспирираните авантуристи се исклучително фокусирани на иднината. Влијанието на Ковид-19 може да ги направи повнимателни кога размислуваат за сопствената иднина, што резултира со помалку трошење пари на краток рок и инвестиција во идни заштеди за стабилна иднина. Тие, исто така, веројатно ќе го искористат овој период да размислат за иднината и да ги преиспитаат плановите, во согласност со тековната економска клима. Инспирираните авантуристи меѓу првите усвојуваат какви било иновации, поврзани со превентивните мерки за здравствена заштита.

ПРЕТПАЗЛИВ ПЛАНЕР

Потрошувачи што се внимателни со своите пари и ретко прават импулсивни набавки. Поверојатно е дека ќе купат испробани и тестирани производи и нема да бидат заведени од најновите трендови.

5% од глобалната популација се претпазливи планери

69% од нив сакаат да го поедностават животот

48% од нив купуваат брендови на кои целосно им веруваат

Мото: Знам што сакам во животот.

Претпазливите планери претходно решаваат што ќе купат. Тие веројатно нема да отстапат од списокот и импулсивно да купат несуштински производи. Пред да направат набавки, ќе спроведат детално истражување преку интернет и во продавниците за да се осигурат дека ќе ја изберат најдобрата вредност за парите. Честопати одвојуваат време и внимателно ги разгледуваат етикетите пред да се одлучат за купување.

Овој тип потрошувачи веројатно нема да бидат привлечени од најновите трендови. Иако им даваат важност на квалитетните и доверливи брендови, заштедата на пари е исклучително важна за претпазливите планери и тие се подготвени да отстапат од вообичаените набавки, доколку алтернативниот производ нуди подобра вредност за парите.

Најдобри начини да се таргетираат претпазливите планери:

  • Јасни и чисти ознаки за цените и карактеристиките, што ќе им овозможи полесно да ги донесат одлуките за купување;
  • Производи со конкурентна цена;
  • Јасно наведени прегледи и сведоштва;
  • Награди, програми за лојалност и попусти за брендовите и производите што редовно ги купуваат;
  • Погодни услуги за олеснување на брзите набавки, но и незаборавно и уникатно искуство.

Влијание од Ковид-19. Како и инспирираните авантуристи, и претпазливите  планери се исклучително фокусирани на иднината. Ковид-19 веројатно ќе ги направи повнимателни – ќе трошат помалку пари на краток рок, а ќе инвестираат повеќе во идни заштеди за стабилна иднина. Претпазливиот планер веројатно ќе го зголеми нивото на скромност, продолжувајќи да бара ниски цени. Освен тоа, најверојатно ќе складира основни производи од акции.

САМОГРИЖЛИВ НАРЦИС

Трендовски потрошувачи, подготвени да трошат пари за да го задржат својот статус, и онлајн и офлајн. Им даваат приоритет на искуствата и на слободните активности, како и на брендовите и луксузните производи.

5% од глобалната популација се самогрижливи нарциси

60% од нив прават физички вежби

44% од нив земаат витамини и суплементи

Мото: На прво место ми се личните потреби и сопствената благосостојба.

Самогрижливите нарциси се фокусираат на себеси. Приоритет им се здравјето и благосостојбата, редовно прават физички вежби, консумираат витамини и додатоци, балансирано се хранат. Сепак, нивниот внатрешен фокус не е само физички. Тие високо го ценат времето што го имаат за себе, семејството и за блиските пријатели. Истовремено, бараат духовност во нивните секојдневни избори.

Овој тип потрошувачи претежно се задоволни од животот, не се грижат премногу за сопствениот имиџ. Настојуваат да го поедностават животот, без да користат многу технологија. Не се насочени премногу кон глобалните проблеми, како што е одржливоста. Наместо тоа, ги насочуваат времето и енергијата кон себеси. Повеќе претпочитаат да трошат на меѓународни патувања и културни искуства отколку на материјални работи.

Најдобри начини да се таргетираат самогрижливите нарциси:

  • Промоција на производи што го прават поефективно времето поминато со семејството и блиските пријатели;
  • Промоција на производи што ја подобруваат личната благосостојба – физичка, ментална и здравствена;
  • Маркетинг-производи и услуги кои вклучуваат патувања и културни искуства.

Влијание од Ковид-19. Самогрижливите нарциси ги ценат меѓународните патувања и културните искуства, кои се различни од нивните секојдневни. Од почетокот на пандемијата туристичката индустрија беше најпогодена, а тоа ќе има значителни долгорочни последици. Самогрижливите нарциси ќе бидат принудени да ги променат патувачките навики и да се фокусираат на домашните и локални активности. Исто како и инспирираните авантуристи, овој тип потрошувачи се меѓу првите што ќе усвојуваат какви било иновации поврзани со превентивните мерки за здравствена заштита.

БАЛАНСИРАН ОПТИМИСТ

Тоа се потрошувачи што практикуваат балансиран начин на живот, фокусиран на уживањето во сегашноста и планирањето на иднината. Често му даваат приоритет на времето поминато со пријателите и со семејството.

3% од глобалната популација се балансирани оптимисти

62% од нив го ценат виртуелното онлајн-искуство

73% од нив сакаат да го поедностават животот

Мото: Сигурен сум во себе и во иднината.

Балансираните оптимисти се прагматични потрошувачи, претпазливи во трошењето на парите. Ним многу им значи личната среќа, па затоа честопати прават мали импулсивни набавки за да си „угодат“ себеси, на семејството или на пријателите. Иако тие обично трагаат по силни брендови и премиум производи, во зависност од поводот, сепак ги вреднуваат и производите со ниски и конкурентни цени.

Овој тип потрошувач ужива во искуствата, обидувајќи се да го збогати животот со учење за различни култури. Го цени времето што го троши за себе, како и активностите во слободното време со пријателите. Вообичаено бара едноставни и удобни искуства и услуги при купувањето, кое не трае долго. Генерално, балансираниот оптимист не им придава голема важност на глобалните теми, како што се одржливоста или политиката. Едноставно, оптимист е дека неговите сегашни активности ќе му овозможат светла иднина.

Најдобри начини да се таргетираат балансираните оптимисти:

  • Промоција на производи што ја подобруваат личната благосостојба и го збогатуваат времето поминато со семејството и блиските пријатели, со посебен акцент на самогрижата;
  • Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
  • Достапност на онлајн и офлајн-платформите, повеќеканално купувачко искуство;
  • Погодни услуги за олеснување на брзите набавки, но и незаборавно и уникатно искуство;
  • Приоретизирање на карактеристиките за идна благосостојба и долгорочна среќа во производите и услугите.

Влијание од Ковид-19. Како и конзервативните домашари, балансираните оптимисти високо го ценат времето поминато со најблиските – непосредното семејство и блиските пријатели. Поради мерките за социјално дистанцирање, овој тип потрошувачи најверојатно ќе се свртат кон виртуелните искуства и платформи за да се поврзат со другите и да одржуваат врски. Овој тип потрошувачи имаат тенденција да бидат екстремни оптимисти за иднината, но Ковид-19 веројатно ќе ги направи повнимателни. Можеби ќе трошат помалку пари на краток рок и повеќе ќе инвестираат во идни заштеди.

Заклучок

Сегментацијата и анализата на „Еуромонитор“ за типовите потрошувачи може да биде моќна алатка и да им помогне на компаниите да ги разберат и соодветно да пристапат до целните пазари. Надминувајќи ја типичната сегментација, која се заснова врз демографските карактеристики, како што се возраста и полот, и групирајќи ги потрошувачите врз основа на заедничките карактеристики и преференции, компаниите можат подобро да ги развијат производите и маркетинг-кампањите за клучните купувачи.

Со рапидно менување на политичките, социјалните и технолошките фактори, за брендовите и за компаниите станува неопходно да се усогласат со вредностите и начинот на живот на потрошувачите за да бидат успешни во иднина.

tags:


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Еуромонитор: Како ќе се развива FMCG-пазарот по коронавирусот?

07 јун 2020

ИГД: Технологијата во функција на безбедноста

07 јун 2020

Керни: Добре дојдовте во „ненормалноста“

07 јун 2020

Тони Дурам: 5 чекори што треба да ги преземете сега

07 јун 2020

Керни: Подем на FMCG-компаниите на следната генерација

07 јун 2020

Еуромонитор: Tипови потрошувачи и како да ги придобиете

07 јун 2020
Вчитува уште новости...