Свет

Германија го ограничува бројот на работни визи за Балканот

07 јул 2020

Германија одлучува дали да ги продолжи правилата за вработување нискоквалификувана работна сила од Западен Балкан, пренесоа германските медиуми. 

Правилата беа воведени во 2016 година и се очекува да важат до крајот на оваа година, а набргу германските политички партии треба да одлучат дали сакаат да го продолжат правилото по истекот на оваа година, пишува „Независне“. Извесно е дека правилото ќе биде продолжено, но дека ќе биде воведена годишна квота од 15.000 работници од сите земји од Западен Балкан.

И покрај недостигот на информации, германскиот весник „Велт ам сонтаг“ објави статија во која се тврди дека парламентарниот клуб ЦДУ-ЦСУ, односно партијата од која доаѓа канцеларката Ангела Меркел, ќе даде поддршка за продолжување на оваа одредба, но со воведување квота.

Како што велат во Сојузното министерство за труд, управувањето со миграцијата е можно со издавање дозволи, односно визи, во согласност со, како што објаснуваат, потребите на пазарот на трудот, доколку за специфични работни места нема кандидати од Германија или други земји од ЕУ.

Според неодамна објавената статистика, минатиот месец Германија имала дури 600.000 повеќе невработени од претходната година. Сепак, многумина истакнуваат дека напорната физичка работа на градилиштето сè уште не привлекува значителен број Германци и покрај зголемената невработеност, а токму тоа е браншата во која најчесто се вработуваат неквалификувани работници од Западен Балкан.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...