Свет

„Бари Колбо“ го презема австралиски „ГКЦ фудс“

28 мај 2020

Светски познатиот производител на чоколада „Бари Колбо“ ја презема австралиската компанија „ГКЦ фудс“. Вредноста на трансакцијата сè уште не е позната.

Швајцарската компанија, со седиште во Цирих, ќе биде присутна на австралискиот пазар со производствен погон. Освен што ќе го зголеми капацитетот за индустриско производство на чоколада, се очекува дека „Бари Колбо“ ќе го поттикне и порастот на категоријата чоколадо на пазарот на Австралија и на Нов Зеланд.

Бен де Шрајвер, претседател на „Бари Колбо“ за Азија и за Океанија, изјави: Сигурни сме во потенцијалот за пораст на категоријата чоколада во Австралија и во Нов Зеланд, затоа решивме да ја зголемиме додадената вредност на нашите производи со купување на „ГКЦ фудс“.

Договорот официјално ќе биде склучен до крајот на годината, откако аквизицијата ќе биде потврдена од австралиските регулаторни тела за конкуренција.

„ГКЦ фудс“ има фабрика за чоколада со магацин во Мелбурн. Компанијата е позната по производството на органско и веганско чоколадо за специјализирани продавници, како и по производство на чоколадо за некои трговци во Австралија и во Нов Зеланд.

По купувањето, „Бари Колбо“ ќе инсталира најсовремена производствена линија во фабриката, а планира да воведе и систем за подобрување на автоматското производство. Од компанијата најавија дека ќе бидат отворени 50 нови работни места.

Потрошувачката на чоколада има огромен потенцијал во Австралија и во Нов Зеланд. Според истражувачката агенција „Еуромонитор“, минатата година просечната потрошувачка на овој популарен десерт по жител во овој дел од светот изнесувала 5 килограми, а порастот на продажбата во Австралија изнесувал 5,2% (во остатокот на светот само 1,3%).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...