Свет

Почина Брајан Шароф, претседател на ПЛМА

26 мај 2020

Брајан Шароф, претседател на Асоцијацијата на производители на приватни трговски марки (ПЛМА), по кратко боледување почина во саботата (23 мај), на 77-годишна возраст.

Шароф беше именуван за претседател на ПЛМА во 1981 година, набргу откако асоцијацијата беше основана. За време на неговиот мандат, асоцијацијата се прошири од седиштето во Њујорк и беа основани меѓународни канцеларии во Амстердам и во Шангај. Во тој период е проширен и бројот на членките – од 200 компании во САД на повеќе од 4.500 производители, доставувачи и трговски посредници низ целиот свет.

Денес е тажен ден за целото семејство на ПЛМА. Благодарение на огромниот фокус и посветеност на Брајан Шароф, ПЛМА порасна толку многу, што стана витален и суштински ресурс за доставувачите и за малопродажните трговците низ целиот свет. На сите ќе ни недостасува раководството на Брајан, рече Лиза Манзолин, директор за продажба во „Релнолдс консумер продуктс“ и претседател на Управниот одбор на ПЛМА.

Годишниот саем, организиран од ПЛМА, наречен „World of Private Label“ (Светот на приватните трговски марки), традиционално се одржува во мај во Амстердам и ги претставува производителите од речиси 75 земји. Оваа изложба привлекува трговци од сите делови на Европа, Азија, Африка и Блискиот Исток. Годинава, поради коронавирусот, саемот се одложи за 2 и 3 декември. Саемот пак што се организира секој ноември во Чикаго, е најголемиот собир од овој тип во САД.

Покрај саемските изложби, ПЛМА организира и бројни конференции и едукативни програми во текот на целата година, на кои презентира ексклузивни истражувања и студии.

In Memoriam

InStore има долгогодишна соработка со асоцијацијата ПЛМА и со години го посетува саемот во Амстердам. Имавме задоволство да соработуваме со Брајан Шароф, а минатата година објавивме и интервју со него, кое можете да го прочитате овде.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...