Свет

Се зголемија глобалните цени на храната по двомесечен пад

03 сеп 2021

Глобалните цени на храната во август повторно забележија пораст, откако имаа двомесечен пад, поттикнати од силниот меѓународен скок на цените на шеќерот, пченицата и растителни маслата, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените за храна, кој ги следи месечните промени на петте основни прехранбени групи – млеко, месо, житните култури, шеќер и растителни масла, во просек изнесуваше 127,4 поени во август, што е за 3,1 проценти повеќе од јули и за дури 32,9 проценти повисоко во споредба со истиот месец во 2020 година.

Цените на шеќерот се зголемија за 9,6 проценти минатиот месец во споредба со јули, пред сѐ, како последица на загриженоста што ја предизвика мразот кој ги оштети посевите во Бразил, најголемиот извозник на шеќер во светот.

Цените на растителните масла се зголемија за 6,7 проценти во август, при што цените на палминото масло се вратија на историско највисокото ниво поради континуираниот неуспех во однос на производствениот потенцијал, што резултира со намалување на резервите во Малезија. Цените на сончогледовото и на маслото од маслодајна репка исто така се зголемија.

Цените на производите од житни култури се зголемија во просек за 3,4 проценти во август во споредба со претходниот месец, додека пченицата забележаа скок од 8,8 проценти поради предвидената послаба жетва во дел од поголемите извозни земји. Спротивно на тоа, цените на пченката се намалија за 0,9 проценти, поради подобрите перспективи за принос во Аргентина, ЕУ и во Украина, неутрализирајќи ги намалените прогнози за производство во Бразил и во САД.

Меѓународните цени на месото* малку поскапеа во извештајниот месец, поддржани од силните кинески набавки на овчо и говедско месо, како и од солидната побарувачка за увоз во Источна Азија и Блискиот Исток за месо од живина.

Индексот на цените на млекото на ФАО маргинално опадна во август во споредба со јули, но сепак беше за 13,6 проценти над неговата вредност во август минатата година. Тоа се должи пред сѐ, на слабата глобална побарувачка за увоз, во комбинација со сезонскиот пораст на можностите за извоз во Океанија, што го компензираше порастот на цените на путерот и на сирењето.

* За разлика од другите групи, поголемиот дел од цените што се користат за пресметка на индексот на цените на месото не се достапни кога се пресметува и се објавува овој извештај. Вредноста на индексот на цените на месото е изведена од комбинација на проектираните и на забележаните цени.

Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) ја мери месечната промена на меѓународните цени на потрошувачката кошница. Тој се состои од просекот на индексите на цените на петте групи прехранбени производи, пондерирани со просечните извозни удели на секоја од групите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...