Македонија

Се отвораат уште три нови „Роса школи за родителство“ во Струмица, Охрид и Куманово

11 дек 2019

„Пивара Скопје“ и компанијата „Кока кола“ заедно со Министерството за здравство ќе отворат уште три нови Роса школи за родителство до крајот на оваа година, во ЈЗУ „Здравствен дом Струмица“ и во општите болници во Охрид и во Куманово.

Со тоа, на идните родители од овие градови ќе им биде на располагање стручен тим за поддршка и помош во текот на бременоста и првите родителски години. Со отворањето на трите нови школи, во употреба ќе бидат вкупно шест Роса школи, а до крајот на 2020 во здравствените домови во повеќе градови низ земјата на располагање ќе бидат вкупно девет Роса школи.

Сите простории во здравствените домови наменети за Роса школите се комплетно реновирани и опремени од страна на „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока кола“ од средства собрани преку претходно спроведената шестмесечна кампања во која се издвојуваше по 1 денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 литри. Во овој партнерски проект, Министерството за здравство ги одредува здравствените домови каде најмногу има потреба од ваков тип на школи за идни родители и го обезбедува стручниот тим кој ќе ги спроведува обуките. Овој тим е составен од доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, педијатрија, како и медицински и патронажни сестри.

Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во 5 тематски целини кои опфаќаат родителство, здрави стилови при бременоста, психофизичка подготовка, доење и нега на новороденчето. Трудниците и сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се пријавуваат директно во здравствените домови.

Проектот „Роса школи за родителство“ почна во 2018 година, кога свои „Роса“ школи добија Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, Општата болница во Гостивар и Клиничката болница во Битола.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...