Винарската визба „Тиквеш“ ги донесе на македонскиот пазар првите четири вина произведени во француската винарница „Château de Gourdon“, која од ноември 2018-та година е дел од „Тиквеш“. Тоа се премиум вината: Fontaine du Sud (бело), Mistral au Jardin (розе) и Vase de Pierre (црвено), како и белото ‘icon’ вино Terrasse au Soleil.
Овие четири вина се дел од целосно обновеното портфолио на винарницата „Château de Gourdon“ кое го сочинуваат вкупно седум вина. Планирано е останатите три вина од ова портфолио да пристигнат на домашниот пазар до крајот на годинава.
Верувам дека со овие вина, кои гордо можеме да ги наречеме – француски, а наши – сме чекор поблиску до остварувањето на нашата стратешка цел, да го внесеме „Тиквеш“ во групата водечки производители на вино во светот и да ја зголемиме продажбата на интернационалните пазари, изјави претседателот на управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски
Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и имаат уникатен карактер кој ги отсликува дистинктивните карактеристики на самиот локалитет.
Поседот „Château de Gourdon“ е сместен во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција. Првите лозови насади на оваа локација биле подигнати уште во 1870 година, а денес се простираат на 50 хектари, во ридест предел.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.