Маалска продавница

Претставуваме: „Шака лака“ - Делчево

21 мар 2019

Посилни сме ако се здружиме

Расположени за разговор и секогаш подготвени да понудат свежи производи по достапни цени - е описот што го добивме за продавницата „Шака лака“ од Делчево.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Сопственикот на продавницата „Шака лака“, која се наоѓа на ул. Острец бр. 52 во Делчево, Маријанчо Георгиевски, поради наоѓање начин за самовработување дошол до идејата да отвори маалска продавница.

Тешко можеше да се најде работа во тоа време кога ја отворив продавницата. Се сеќавам дека беше 25 декември 1994 година кога првпат отидов по стока и почнав со работа, се присети Маријанчо.

Во продажниот простор од 24 м² и во магацинскиот простор од 16 м² Маријанчо уверува дека ги има производите што им се потребни на луѓето од неговото маало, оние што секојдневно доаѓаат и пазаруваат во „Шака лака“. Тој и сопругата, како единствени вработени, секогаш се грижат да го има сето тоа што им е потребно на потрошувачите и најглавно, сите производи да се свежи, а просторот да е чист. Тоа е причината што имаат голем број лојални потрошувачи, но и минувачи што пазарат кај нив.

Во поглед на конкуренцијата, Маријанчо потврди дека во близина на продавницата има поголеми маркети, но во нивното маало се единствени.

Ги имаме секогаш истите артикли, а цените не се разликуваат толку многу од поголемите маркети. Имаме зеленчук и овошје кои се секогаш свежи и набавени од локални земјоделци, а и јајцата што ги продаваме се исто така од локални фарми. Тоа е нашата основна цел, сè да биде свежо, чисто и достапно, ги објасни нештата по што се разликува „Шака лака“ од другите продавници. Маријанчо додаде дека секојдневно планираат што да се донесе и во колкаво количество за да може лесно да се продаде и да им се исплати на набавувачите. Како што истакнува: На тој начин и потрошувачите добиваат секогаш свежи производи, но и со партнерите секогаш сме со коректни односи.

Новите производи, по препорака на комерцијалистите, се вклучуваат во асортиманот на продавницата, а Маријанчо се сложи и со тоа дека рекламите на телевизија и во печатените медиуми влијаат врз одлуката дали да се продаваат во „Шака лака“.

Пред разговорот со Маријанчо, „Шака лака“ го најдовме и на „Фејсбук“, поради што го прашавме како оваа социјална мрежа му помага во работењето. Промоцијата на продавницата на „Фејсбук“ е значајна за работењето затоа што новите производи и производите на акција или промоција ги сликам и ги закачувам на профилот. Има доста луѓе што нè следат и што доаѓаат да го бараат токму тој производ што го имам ставено.

Имаме зеленчук и овошје кои се секогаш свежи и набавени од локални земјоделци, а и јајцата што ги продаваме се исто така од локални фарми. Тоа е нашата основна цел, сè да биде свежо, чисто и достапно.

Маријанчо постојано е во контакт со сопствениците на маалски дуќани од Источна Македонија и според него, сите се соочуваат со истиот проблем, а одржливоста на ваков тип бизниси ја гледа во работење со членови од семејството. Причината за ваквото мислење е малиот буџет со кој на крајот од месецот располагаат и со кој треба да се намират сите трошоци.

Со оглед на долгогодишното искуство, го прашавме Маријанчо што е тоа што е потребно за маалските продавници да опстојат: Здружение, оти здружени сме посилни. Имавме веќе таков обид за здружение од најмалку 30 сопственици на продавници, занаетчии и сл. Јас бев иницијатор, а идејата беше сите месечно да даваме по 20 евра. Парите што ќе ги собереме да му ги дадеме на првиот на листата со членови, која ја направивме по азбучен ред, а тој средствата да ги искористи за бизнисот. Дополнително, имавме идеја еден книговодител да ги води работите за сите нас, така што ќе ги делиме трошоците.

Маријанчо ја истакна и идејата што ја имале да се здружат маалските продавници, така што ќе работат под една иста фирма, со различни жиро-сметки. Тоа требало да биде како следен чекор од претходната иницијатива која, меѓу другото, требало да ги зближи сите членови. Сепак, иако тој го гледал ова здружение како можност заеднички да дејствуваат, да ги скратат трошоците, а да имаат подобри цени од доставувачите, замислата не се остварила.

На крајот, за иднината на маалските продавници, Маријанчо изрази жалење што во иднина сè помалку ќе има ваков тип продавници. Денешните млади тешко дека ќе се одлучат за овој бизнис. И на чинија да го сервирам сето тоа што сум го направил досега, нема да се одлучат да работат оти заработката е многу мала, а работните обврски се големи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...