Регионално

Снежана Теодоровиќ: Иновативно портфолио и иновативнен маркетинг

19 фев 2018
Снежана Теодоровиќ, директор на маркетинг во „Соко Штарк", деловна единица Слатки и солени производи, „Атлантик група"
 

Поднаслов: Со директорката за маркетинг во „Соко Штарк", деловна единица Слатки и солени производи, во состав на „Атлантик група", разговараме за маркетиншките практики и предизвици на компанијата, за иновативноста и за промените што ја креираат иднината на маркетингот.

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Снежана Теодоровиќ своето професионално искуство го стекнала на позиции бренд-менаџер, раководител на маркетинг и директор за маркетинг. Во 2005 му се придружила на тимот за маркетинг на „Гранд кафе", чекор што го смета за пресвртна точка во нејзиниот професионален развој. Денес, своето 17-годишно искуство го применува во маркетиншкиот настап на компанијата „Соко Штарк", која е, исто така, дел од „Атлантик група".

 
Користењето различни канали на комуникација го зголемува ефектот на компанијата и ја подобрува ефикасноста на маркетингот - ви дава можност да допрете до поголем број потрошувачи, а на вашите потрошувачи им дава можност да ја слушнат вашата порака повеќепати, преку различни канали.
 
Со какви предизвици се соочува директорот за маркетинг на компанијата што ги произведува омилените кондиторски производи на многубројни потрошувачи во Србија и пошироко?
 
„Соко Штарк", која минатата година одбележа 95 години од своето работење, има повеќедецениски брендови со препознатлив квалитет, традиционални рецептури, но и посебна емотивна врска со генерации потрошувачи. Таквата врска е наш капитал, но и голема обврска да не се изневери довербата од потрошувачите што сме ја стекнале со повеќедецениски труд.

Значи, нашата работа не е само со производите, туку комуницираме и со меморијата на нашите потрошувачи, со нивните спомени од детството, со нивното семејство, влегуваме во нивните домови и сме дел од најемотивните мигови во нивните животи, што е голема одговорност. Но, исто така, мораме постојано да бидеме поинакви, да внесуваме иновации во портфолиото и да влегуваме во нови категории. И токму тука е најголемиот предизвик - како да се усогласат тие две нешта, затоа што континуитетот во иновациите е предуслов за успех на компанијата, која потрошувачите, стручната и другата јавност ја препознаваат како лидер на пазарот.

Како се борите со таквите предизвици и како ги надминувате?

Во нашиот систем на работење најважни се креативноста и иновативноста, со кои ги надградуваме вообичаените стандарди и создаваме динамично опкружување, што брзо се приспособува на промените во работната средина. Во 2016 лансиравме 15 сосема нови рецептури, реализиравме 52 акциски производи и производи со ограничени серии и реализиравме повеќе од 50 адаптации на други производи. Иновативноста во производствената програма е проследена и со иновативност во маркетиншката комуникација.

Пазарот на кондиторски производи е многу конкурентен. Во колкава мера маркетиншките активности помагаат потрошувачите да се определат токму за Вашите производи на полицата?
 

Конкуренцијата во кондиторската индустрија е голема, како во земјата така и во регионот, и најголемите конкуренти постојано вложуваат во нови производни линии и во развој на производите и на брендовите. Една од специфичностите на производите на „Штарк" е што не ја стекнале својата препознатливост со помош од реклами, како што е случајот со повеќето познати брендови, туку исклучиво како резултат на квалитетот и специфичниот вкус на самите производи. Се купувале од љубов и биле симбол на убав гест, почит и на најубави желби кон луѓето на кои им биле подарувани. Денес маркетингот и огласувањето играат важна улога во изборот што го прави потрошувачот затоа што конкуренцијата е многу поинтензивна, така што брендовите мораат да се изборат за внимание кај потрошувачите и за место во нивните срца.
 
 
Маркетингот е многу значаен како поддршка за веќе изградените, јасно позиционирани производи, како на полиците така и во срцата на потрошувачот. Најдобар пример за тоа се ефикасните и многу добро забележаните кампањи за Najlepše želje, Smoki, Napolitanke и за Bananica. Исто така, многу е значаен и во развојот на нови брендови, секако, заедно со квалитетот на производите, кој е секогаш носител и ’рбет на развојот на успешни брендови.


Што е тоа што, според Вашите сознанија, најмногу влијае врз одлуката на купувачот да купи одреден производ на самото место на продажбата?

Многу е важен фактот дека 70% од одлуките за купување се носат на самото продажно место, а дури 68% од одлуките за купување се импулсивни. Тоа особено важи за одредени категории, а повеќето од категориите од нашата програма се такви. Знаеме дека денес „шоперот" (крајниот купувач) посветува максимум 15 секунди од своето време за купување производи од една категорија и затоа е многу важно да го познаваме - кој е, каква е неговата купувачка мисија, какво е неговото „дрво на одлуки", односно како ги носи одлуките за купување во одредени категории, потоа, како го наведуваме до конечната одлука да го купи нашиот бренд или производ. Во тој процес голема улога играат видливоста и достапноста на брендот или на асортиманот производи, пакувањето и дизајнот на пакувањето, стандардите за мерчендајзинг, комуникацијата на местото на продажбата, цената и промоцијата. Намерно велам „шопер", а не „потрошувач" затоа што, знаеме, оној што купува не секогаш е и тој што го консумира производот. Посветуваме многу големо внимание на тоа да го разбереме шоперот, неговите потреби, како и на развојот на шопер-маркетинг програма со цел да го зголемиме купувањето на нашите брендови и производи во продажните објекти.

Какви сè маркетинг-пристапи користите во Вашето работење?

Иновативноста во производствената програма е проследена и со иновативност во маркетиншката комуникација. Суштината повеќе не е само во добрата рекламна кампања, туку, би рекла, во интегрирана комуникација кон потрошувачот (кампања 360). Интегрираните комуникации се клуч за успехот на кампањата. Денес потрошувачите не користат само еден уред или само еден канал. Тргнете од себеси - со колку канали, со колку уреди имате контакт во текот на денот? Користењето различни канали на комуникација го зголемува ефектот на компанијата и ја подобрува ефикасноста на маркетингот - ви дава можност да допрете до поголем број потрошувачи, а на вашите потрошувачи им дава можност да ја слушнат вашата порака повеќепати, преку различни канали. Меѓу маркетиншките активности што минатата година ги имавме во изобилство особено наградена од стручната јавност беше акцијата „Najlepše želje - кажи го тоа со чоколадо", која беше оценета како најдобар проект за комуницирање со еден бренд и во категориите: промоција на местото на продажбата, однос кон купувачите и директен маркетинг. Акцијата беше спроведена во продавниците на „Штарк" на празниците со зголемено внимание (Денот на заљубените и Денот на жената), како можност купувачот да ѝ подари чоколадо на некоја драга личност, со лична порака изгравирана со краснопис од стручно лице - калиграф.

Кампањата Pranks („Местенки"), која го следеше проширувањето на портфолиото со најновиот подбренд Najlepše želje LOL со конкурс за најдобро видео, е пример за креативно анимирање на потрошувачот.

Што можат да очекуваат трговците и потрошувачите од „Соко Штарк" во претстојниот период?

Ние постојано се развиваме, не само преку нови вкусови и палета на брендови туку низ сите процеси, што на крајот резултира со исполнети очекувања кај нашите потрошувачи. Од минатата година фокусот ни е нагласено врз потрошувачот. Идејата за промени ја градиме во неколку насоки, но првенствено преку развој на компетентноста за поподготвено да одговориме на новите сознанија за нашите потрошувачи. Значи, ќе можеме побрзо да внесуваме иновации во нашето портфолио, засновани на сигналите од пазарот. 

Исто така, со користење на новите, дигитални алатки истовремено држиме чекор и со технологијата и го оптимизираме времето што е потребно за обработка на информациите и за носење одлуки. Отвораме можност за набљудување на секој потрошувач на индивидуална основа и за комуникација што ќе ни овозможи на секој поединец да му го понудиме тоа што токму за него е најголема додадена вредност.

Имајќи го предвид сè поголемото влијание на современите технологии и дигитални средства врз маркетингот, како ја гледате иднината на традиционалните канали на огласување?

Иднината на маркетингот е во интегрирањето на сите канали на комуникација и создавање единствена и ефикасна стратегија за комуникации. Возењето во еден колосек одамна не дава резултати. 


 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...