IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 24.04.2018 || „Агрокор“ продолжува непречено да работи од 15 јули?  |  „П & Г“ презеде дел од портфолиото на „Мерк“ за 3,4 милијарди евра  |  „Гринјард“ бара снабдувачи во Македонија  |  „Сите сити“ - нов систем за донирање вишок храна  |  Медицинска опрема од „Жито лукс“ за четири болници  |  Во „Веро“ - Тафталиџе бесплатен паркинг 30 минути  |  „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |   ||
   

ИНТЕРВЈУ: Предизвици, потреби и предлози за подобро утре

29.12.2017

Само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив пораст и развој. Немаме време за реформи што ќе ни покажат дека треба да правиме реформи.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија  

Како ја дефинирате македонската економија денес, зошто по толку години транзиција не успеавме да обезбедиме одржлив економски развој?

Македонската економија денес, е економија која е зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности што овозможуваат избегнување на закани и искористување на потенцијалните можности.

Македонија, денес, по 27 години од осамостојувањето, со 5.237 американски долари номинален домашен бруто-производ по жител, или со 4.980 американски долари национален бруто-доход по жител за 2016 година, според  рангирањето на Светска банка, е на долната скала од земјите со повисок среден доход (земји што имаат БДП по жител од 4.036 до 12.236 американски долари). Македонската економија, по речиси три децении, не успеа да се искачи на погорните скалила од средно развиените земји во транзиција. Обидувајќи се да не падне во стапицата на среден приход на почетокот на 1990-те, земјава падна во стапицата на транзицијата, од која сè уште не може да излезе.

Постигнатиот економски пораст, со неговата структура, односно со структурните дисбаланси што ги има, не ги обезбедуваше основните претпоставки за забрзан и стабилен одржлив развој.

Една од причините е негативната просечна годишна стапка на БДП од -0,8% во деценискиот период од 1990 до 2000 година, како и недоволно динамичниот економски пораст со стапка од 2,9% во следните 16 години (од 2000 до 2016 година), особено поради заостанувањето во текот на деведесеттите години и изгубениот потенцијален БДП од 1990 до 2000 година.

Втора причина е структурата на порастот. Просечната стапка на пораст на додадената бруто-вредност на услугите од 0,5% од 1990 до 2000 година и 2,8% од 2000 до 2016 година (односно 1,65% просечен годишен пораст за изминатите 26 години), условија учеството на додадената бруто-вредност на услугите во формирањето на БДП континуирано да се зголемува, од 18,9% во 1991 година, на 27,5% во 2000 година, за во 2016 година да достигне 38,4% од додадената бруто-вредност во БДП.

Истовремено, реалниот сектор оствари пониски стапки на пораст од услугите и тоа:

  • Земјоделството евидентира пораст од 0,2% од 1990 до 2000 година и 1,5%  од 2000 до 2016  година, или 0,7% просечна стапка за изминатите 26 години;
  • Индустријата има негативна стапка од 2,3% од 1990 до 2000 година, а позитивен пораст од 5,2% од 2000 до 2016 година, што е 1,45% просечен годишен пораст за 26 години;
  • Преработувачката индустрија, како дел од индустријата, забележа пад за 5,3% од 1990 до 2000 година и пораст за 4,2% од 2000 до 2016 година, или -1,1% просечно годишно намалување за изминатите 26 години (што ја потврдува деиндустријализацијата во земјава). Дополнителен податок кон оваа теза е и фактот што учеството на додадената бруто-вредност на реалниот сектор во формирањето на БДП од повеќе од 27% во 1990 година, се намали на 17,3% во 2000 година, за да падне на само 12,9% во 2016 година.

Пониските стапки на пораст на реалниот сектор условија намалување на нивното учество во БДП од 46,8% во 1990 година (земјоделството  8,2%, индустријата 31,5% и градежништвото 7%), на 36,9% во 2000 година (земјоделството 10%, индустријата  22,5% и градежништвото  4%), за во 2016 година да се сведе на 33% (земјоделството  9%, индустријата 17% и градежништвото  7%).

Со други зборови, услугите беа главните компоненти на економскиот пораст во услови кога заостанувањето на порастот на производството и на додадената бруто-вредност на разменливите добра, го ограничи порастот на извозот и супституираше дел од домашната понуда на внатрешниот пазар со понудата од увоз.  Во прилог на таа констатација е податокот дека увозот забележа повисок пораст од извозот  за 128 индексни поени во изминатите 26 години. Покриеноста на увозот со извозот во 1990 година беше 73%, во 2000 година 58,3%, а во 2015 година – 70%. Тоа укажува дека во делот на урамнотежување на основните надворешно-трговски агрегати, состојбата во 2016 година е за 3 процентни поени понеповолна во однос на истата од 1990 година.

Имено, извозот на стоки во 2016 година (од 4.787.200.000 американски долари) е поголем за 2,1 пати (со индекс 313) од извозот во 1990 година (1.113.000.000 американски долари). Увозот, пак, на стоки во 2016 година (од 6.757.400.000 американски долари ) е поголем за 3,4 пати (со индекс 441) од увозот во 1990 година (од 1.531.000.000 американски долари).

На тој начин, со намалување на понудата на стоки за извоз и пораст на побарувачката за увезената стока, се продлабочи јазот на основните надворешно-трговски агрегати. Увозот на стоки беше поголем од извозот и тоа 37,5% во 1990 година, 49,8% во 1996 година, 58,3% во 2000 година, а 41% во 2016 година (намалениот диспаритет во 2016 година, пред сè e резултат на намалените економски активности во текот на годината, кои не правеа притисок во делот на увоз на суровини и  репроматеријали).

Директното влијание на оваа структурна деформација е зголемувањето на учеството на дефицитот на стоки и на услуги (што претставува негативен нето-извоз) во подмирувањето на вкупната домашна побарувачка, што, пак, од своја страна условуваше непрекинато зголемување на дефицитот на трговскиот биланс (салдото на тековна сметка на билансот на плаќања  во 2000 година изнесуваше  -771,3 милиони американски долари, а во 2016 година – 1.970,2 милиони американски долари). Истовремено, се зголемуваше и негативното салдо на тековната сметка на платниот биланс, -103,1 американски долари во 2000 година, на -265 милиони американски долари во 2016 година, со учество од  -2,7%, односно -2,8% во БДП.

Наведените движења условија во структурата на БДП по расходен метод во 1990 година да имаме диспаритет во надворешно-трговската размена од 9,2 процентни поени, односно повисоко учество на увозот од извозот во БДП  (извозот на стоки учествуваше со  25%, а увозот со  34,2% во БДП), во 2000 година диспаритетот е 25 процентни поени (извозот на стоки учествуваше со  37%, а увозот со 62% во БДП), во 2016 година 20 процентни поени (извозот на стоки учествуваше со 35%, а увозот со  54,2% во БДП).

Ваквиот диспаритет на увозната и на извозната страна, покажува дека како општество повеќе трошиме отколку што произведуваме. Бројките покажуваат дека во 1990 година сме потрошиле за 9% повеќе, а во 2016 година 20% повеќе отколку што сме произвеле.

Деиндустријализацијата и несоодветниот развој на приватниот сектор, резултираше со пораст на стапката на невработеност, која на крајот од 2016 година изнесуваше 23,7%,  што пак од своја страна го услови и третиот клучен диспаритет од 1 вработено наспроти 2,3 работоспособно население.

Изнесените аргументи потврдуваат дека наследените структурни диспаритети на преминот од планското кон пазарното стопанисување, наместо да се намалат, се продлабочуваат и се изострија како фрактури на системот, што го чини забрзаниот пораст и развој неизвесен.

Впрочем, по преминот од планскиот кон пазарниот систем на општествено управување, очекувавме дека приватниот сектор, во борбата за поголем профит, ќе оствари пораст на конкурентноста на македонското стопанство,  пораст на продуктивноста, производството, и на извозот, и со тоа ќе ги совладаме наследените структурни нерамнотежи на патот кон одржливиот развој. Но, тоа не се случи. Големите производствени капацитети ги растуривме, а не создадовме нови конкурентни на отворениот пазар. Затоа, денес сме со многу понизок капацитет на приватниот сектор, со ниска основа на реалниот сектор, со преработувачка индустрија од само 12% учество во БДП. Сето тоа ги лимитира можностите за повисоки стапки на пораст на македонската економија.

Дополнително, во последниве неколку години, притисоците се зголемуваа и поради влошената фискална дисциплина и растечкиот јавен долг. Македонија има еден од најбргу растечкиот надворешен бруто-долг, кој од 2,503 милиони евра во 2006 година (со 45,7% учество во БДП), во 2016 година достигна 7,217 милиони евра (со 74,2% учество во БДП), што за десетгодишен период е зголемување за огромни 188% (со индекс 288).

Згора на тоа, стареењето на населението, заедно со високото ниво на невработеност, го прави пензискиот систем неодржлив.

Иако во последниве години стапката на сиромаштија се намали, во голема мера поддржана со фискалниот стимул, сепак, одржливоста предизвикува загриженост, бидејќи сè уште во екстремна сиромаштија живеат речиси 100.000 луѓе.

Епилогот е – македонската економија денес е економија зависна од увоз и од штедење, со висока изложеност на надворешните фактори на ризик, без значајни предности што овозможуваат избегнување на закани и искористување на можностите поврзани со глобалните промени.

Клучното прашање е што стои во заднината на немоќната економска политика, по толку години да обезбеди одржлив економски развој? Јасно е дека тоа е нереформираниот јавен сектор и недоизградените институции. Нереформираниот јавен сектор е фундаментот на економскиот модел, каков што постоеше и сè уште постои, бидејќи тој беше скалата на капиталните трансфери што доаѓаа од надвор, преку приватизација или кредити, и неговиот трансфер кон  потрошувачката.

Со кои предизвици ќе се соочи Македонија во 2018 година, што треба да се направи за да се запрат негативните трендови во економијата и да се зголеми  конкурентноста на македонските компании?

Како мала и отворена економија, која главно се потпира на надворешната побарувачка, Македонија не може да го постигне сопствениот економски пораст доколку не се соочи со долгорочните ризици, како што се: ниското ниво на производство; ниското ниво на извоз, а со тоа низок економски пораст;  ниското ниво на домашни, како и ниското ниво на прилив на странски директни инвестиции, отежнато задолжување на реалниот сектор и на државата.

 Клучен предизвик за 2018 година е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар, кон вистински инвестиции во производството, во функција на пораст на конкурентноста, односно производството и извозот.

Затоа, макроекономската рамка мора фокусот да го стави на елиминирање на клучните присутни диспаритети меѓу вкупното производство и потрошувачката, увозот и извозот што се покрива со задолжување. Овие стратегиски нерамнотежи мора да бидат ориентир за редефинирање на политиките што се клучни за идниот економски пораст и за развој на нашата земја.

Македонија мора да продолжи со структурни реформи, сè додека дефинитивно не се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на ЕУ. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија.

Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија.

Актуелната влада на Македонија тргна во таа насока, што се потврдува со досега донесените или предложените развојни документи:

  • Идентификувани се најважните стратешки приоритети, дефинирани во Одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија  („Службен весник на Република Македонија" бр. 96 од 28.7.2017 година);
  • Предложена е програма за реформа на управувањето со јавните финансии од 2018 до 2021 година;
  • Изработена e Програма на економски реформи од 2018 до 2020 година, чијашто цел, меѓу другото, е зголемување и поддршка на развојот на индустриско-преработувачки капацитети што ќе бидат извозно ориентирани и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност, поддршка на индустриските капацитети што ќе овозможат супституција на увозот.

Иако сегашната Влада се стреми да создаде избалансирана економија, не постои лесен и безболен пат за премин од економија, која е зависна од увоз и задолжување, кон одржлив и инклузивен пораст.

Излезот од структурната криза бара сложена програма, во која паралелно со економската, треба да се води и социјална политика, водејќи сметка за животната средина, еколошките стандарди, како и за актуелните промени во ЕУ.

  • Планот за економски пораст преточен во неколку мерки, кој го промовира заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, генерално ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за кои Стопанската комора континуирано имаше предлози и укажувања до креаторите на економската политика. 
  • Мерките во планот за економски пораст се креирани и координирани од докажани и потврдени бизнисмени од реалниот сектор, кои истовремено се и носители на највисоки политички функции во Владата.  
  • Клучната поента е дека планот за економски пораст дефиниран преку три столба,  има за цел остварување на поголем економски пораст, преку поддршка на компании што се во добра кондиција и истовремено, може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски пораст...

Затоа, клучен предизвик за 2018 година е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар, кон вистински инвестиции во производството, во функција на пораст на конкурентноста, односно производството и извозот. Досегашната политичка нестабилност ја зголеми и економската нестабилност, со што ја поткопа можноста за интеграција на Македонија во ЕУ. Пролонгирањето на активностите во процесот на пристапување, во комбинација со недостиг на средства и вештини за следење на водечките актуелни трендови, доведува до заклучок дека главниот предизвик на земјава е и како да се забрза порастот почитувајќи ги насоките од Стратегијата  на ЕУ 2020, односно  целите зацртани во Стратегијата на ЈИЕ 2020 (инклузивност, екологија, заштита на животната средина итн.).

Што е потребно да се преземе на краток и на долг рок, за да се обезбеди одржлив пораст и развој на домашната економија?

Само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив пораст и развој. Немаме време за реформи што ќе ни покажат дека треба да правиме соодветни реформи.

Развојната политика мора да се концентрира на решавање на темелните структурни проблеми, во кои, основен приоритет е индустријализацијата. Во следниот период, Македонија мора да се сврти кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап кој подразбира  динамичен пораст на инвестициите, пораст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста. Потребно е да се обезбеди и висока стапка на пораст за извозот на стоки и вработување во индустриските капацитети. На тој начин, ќе се создаде многу поатрактивен инвестициски амбиент за вложувања во преработувачката индустрија.

Краткорочно, потребно е да се преземат итни мерки што ќе го запрат падот на економските активности и ќе создадат услови за неодложни структурни и системски реформи, за обезбедување на макроекономската стабилност, со што би се избегнале оправдувањата за одложување на неопходните реформи.

Приоритети се: решавање на проблемите на неликвидност, зајакнување на финансиската дисциплина, создавање услови за посилна кредитна активност кон стопанството, зголемување на инвестициите во инфраструктурата и во производството наменето за извоз, намалување на трошоците на стопанисување преку укинување на непотребни административни процедури, укинување или намалување на одредени неданочни и парафискални давачки, елиминирање на „сивата" економија и евидентирање на средствата во легалните текови, зголемување на транспарентноста и ефикасноста на јавните набавки.

Долгорочната цел треба да биде постигнување на годишната стапка на пораст од околу 4,5%, во услови на макроекономска стабилност, односно ниска и стабилна инфлација, одржливост на фискалната и платнобилансната позиција, стабилност на финансискиот пазар и на  пазарот на трудот. За остварување на оваа цел неопходно е:

  • Консолидација на јавните финансии, намалување на јавната потрошувачка на ниво на земјите со слична фаза на развој, односно учество од околу 35% од БДП, како и промени на  структурата на јавните расходи;
  • Реформа на јавниот сектор, чии приоритети се: пензискиот систем, системот за здравствено осигурување, јавните претпријатија преку деполитизација и професионално управување;
  • Да се комплетира регулативата и да се изгради инфраструктура за јавно-приватно партнерство и концесии, со оглед на ниската ефикасност, застареноста и неразвиеноста, ниската продуктивност на јавните претпријатија и на комуналните претпријатија, за да се создадат услови за ефикасно инвестирање во јавниот сектор;
  • Воспоставување на ефективни механизми за заштита на доверителите и договорите, паралелно со даночните реформи;
  • Реформа на пазарот на труд преку реформа на образованието и негово ставање во функција на потребите на работодавачите.

Колку Стопанската комора на Македонија може да придонесе во постигнувањето на овие цели? 

Мисијата на Стопанската комора е преку конструктивни предлози да придонесе владата на Македонија паралелно со политичкото и нормативното приближување кон ЕУ, покрај неизбежната политика на фискалната консолидација и дисциплина, да се сврти и кон неопходните економски реформи за да обезбеди зголемување на економската база, како основен фундамент за пораст на извозот и вработувањето.

Комората го отвори тоа прашање уште во 2010 година, со предлог-мерки во таа насока, систематизирани во предлогот за нов модел за забрзан економски развој, водејќи сметка и почитувајќи го постигнатото на сите дотогашни влади и државни институции, во многу тешките услови на дејствување (осамостојување на земјата, ембарга, блокади, воени дејствија, кризи). Но, како што е познато, активностите продолжија во истата насока, односно кон пораст на БДП врз основа на порастот на потрошувачката покривана со нови задолжувања.

Факт е дека сите позитивни работи треба да се почитуваат и да се развиваат понатаму. Но, факт е и дека констатираните слабости ќе мора да се менуваат во интерес на развојот и иднината на нашата економија. Затоа Комората, секогаш со идеја како да се поправи системот, кој е во длабока структурна криза, а не да се критикува, давала и ќе дава предлози за мерки и активности во интерес на позитивното деловно опкружување за приватниот сектор.

Извор и фото: Стопанска комора на Македонија


Назад
 

 
 
 
back to top