Македонија

Македонски вина промовирани во Швајцарија

06 ное 2019

Седум македонски винарници („Тиквеш“, „Стоби“, „Далвина“, „Бовин“, „Камник“, „Попов“ и „Езимит“)  заеднички ги презентираа своите вина пред дистрибутери, увозници, претставници на угостителски објекти и други професионални купувачи на вино на швајцарскиот пазар.

Промоцијата, што се одржа вчера во Цирих, е дел од редицата промотивни настани за градење препознатливост на македонските вина на интернационалните пазари.

При претставувањето на македонските вина посебен акцент беше ставен на сортата „вранец“, како најзначаен претставник на македонските вина, а беа организирани две Мастерклас дегустации за вранец, кои ги водеше реномираниот вински сомелиер и вински новинар Карстен Фус, соопштија од Здружението „Вина од Македонија” кои го организираа настанот со поддршка на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Проектот за зголемување на пазарната вработливост, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. 

Покрај промотивниот настан ќе се реализираат и поинакви форми на претставување. Во почетокот на 2020 година ќе биде објавена статија со репортажа од македонските вински региони во најпознатиот швајцарски вински магазин „Винум”.

Швајцарија се наоѓа на деветто место на листата топ 10 најголеми увозници на вино во светот и опфаќа 3,2 процента од вкупниот увоз на вино во светот со вредност од 1,2 милјарди американски долари. Извозот на македонските винарници на овој пазар забележува раст од 15 отсто во количина. Истовремено, според податоците за извоз, македонското флаширано вино на овој пазар постигнува најголема извозна просечна цена по единица производ од пет евра за 0,75 литри.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...