Македонија

Одбележан Светскиот ден на „вранецот“

07 окт 2019

Повеќе од 28 илјади хектари под лозови насади од винско грозје има во моментов во Македонија. Од нив, 11 илјади хектари се под сортата „вранец“. Тој податок ја прави нашата држава најголем производител на грозје и вино од оваа сорта во регионот, беше посочено на конференцијата што во Скопје се одржа по повод Светскиот ден на „вранецот“.

На конференцијата, која прв пат се одржува во земјава и е во организација на здружението „Вина од Македонија“ присуствуваа и гости од Бугарија, Велика Британија, Романија, Грција, Албанија, БиХ, Косово, Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, САД, Сингапур, Либан, Нов Зеланд, Германија...

Видео обраќање пред присутните имаше премиерот Зоран Заев. 

Сортата „вранец“ претставува нераскинлив дел од винскиот и културниот идентитет на целиот Балкан. Се гордееме со „вранецот“ затоа што со него го промовираме заедништвото на земјите од регионот, рече Заев.

Швајцарската амбасадорка Сибиел Зутер Техад нагласи дека винската индустрија е економски многу важна за земјава – придонесува меѓу 17 и 20 проценти од вкупниот земјоделски бизнис и обезбедува допонителен приход за над 20.000 домаќинства.

Според Светозар Јаневски, претседател на „Вина од Македонија“, допрва почнуваат вистинските промени во винската индустрија.

Се работи за „голема“ винска сорта која има потенцијал да застане рамо до рамо со веќе етаблираните и добро познати „каберне совињон“ или „мерло“ и да ужива меѓународна репутација. Сега е вистинското време да се посветиме на регионалната компонента и на она што нѐ прави различни, уникатни и ни овозможува да обезбедиме заслужено место во винската индустрија во глобални размери токму преку оваа значајна иницијатива – „Светски ден на вранецот“. Целта е, не само нашата земја, туку и сите земји кои се денес овде присутни со нас преку своите претставници, да имаат бенефит при промоцијата на вината создадени од „вранец“, како и да ја отвориме вратата и за останатите автохтони сорти на светскиот пазар, рече Јаневски. 

Државата за промоција на „вранецот“ како сорта досега потроши повеќе од два милиони евра. .

Преку мерките од програтама за директни плаќања во 2019 година овозможуваме за 20 отсто повисоки субвенции за одржување на лозови насади за лозарите со развоен потенцијал. Со новата мерка за субвенционирано гориво за земјоделската механизација, лозарите ќе имаат порентабилно производство, бидејќи 30 отсто од трошоците за гориво ги покрива државата. Во делот на винската индустрија зголемена е поддршката за промоција на македонските вина на меѓународните заеми од половина на еден милион евра, со што ќе се овозможи поголем пробив на нашите квалитетни вина и отворање на нови пазари за извоз, рече министерот за земјоделство, Трајан Димковски. 

Вкупното производство на вино во Македонија се движи од 115 до 125 милиони литри. Од нив, околу 80 милиони завршуваат на странските пазари, при што годишниот девизен прилив изнесува 50 милиони евра. Виното во шише постепено го зазема местото на наливното вино во рамки на вкупниот извоз. Додека во периодот од 2000-2010 година односот на вино во шише/наливно вино беше 10 отсто шише, остатокот наливно, во последните неколку години оваа разлика е промената на сметка на виното во шише и сега приближно 30 отсто од виното што се извесува е вино во шише. Освен во традиционалните земји увознички Германија, Хрватска, Словенија, Србија, БиХ, сега е зголемен извозот и во САД, Канада, Кина и Јапонија.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...