Македонија

Македонија забрани увоз на свинско месо од Србија

12 авг 2019

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска донесе забрана за увоз на свинско месо и негови преработки, како и увоз и транзит на живи домашни и диви свињи од Србија, по веста дека во оваа земја се појавила африканска чума.

Зоран Атанасов, директор на АХВ, потврди дека во Србија има африканска свинска чума, и тоа во околината на Белград, Младеновац, Смедеревска Паланка…

Претходно, на прес-конференција Атанасов рече  дека во Македонија ја нема болеста. Состојбата будно се следи, а превентивните мерки се подигнати на максимално ниво.

Од петокот во сила е Решението за задолжително лабораториско испитување на секоја увозна пратка свинско месо, производи и преработки. Пратките нема да се пуштаат во промет се додека не се добие наодот од лабораториското испитување, рече тој. 

Отстрелот на дивите свињи кој се планира како превентивна мерка, се уште не е почнат. Утре на состанок во Велес, АХВ и Ловечката федерација ќе ги утврдуваат динамиката и начинот на заловување на дивите свињи.

Алармот за африканската свинска чума се запали по информацијата дека во Бугарија е зголемен бројот на жаришта на оваа болест.