Македонија

Околу 50 компании се вклучија во системот за донирање храна

19 јун 2019

Околу 50 компании досега се вклучија во мрежата „Сите сити“, преку која храната што е здрава и употреблива се доставува до граѓаните на кои им е потребна наместо да завршува на депонии.

Оваа иницијатива ја поддржа и Владата, а премиерот Зоран Заев најави и дека ќе се донесе Закон за донирање храна. 

Од денешната донаторска конференција за храна тој го повика бизнис секторот да даде свој придонес кон иницијативата. 

Солидарноста е одлика на нашиот приоритет, едно општество за сите. Безрезервно ја поддржуваме програмата за обезбедување храна за ранливите категории граѓани. Според ФАО, 30 отсто од храната во нашата земја завршува како отпад и тоа е голема штета. Ние како Влада се вклучивме. Упатувам јавна покана во функционирањето на системот да се вклучат и останатите субјекти, рече Заев. 

Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, рече дека во Македонија има 12 тони вишок храна со која можат да се нахранат 26.000 граѓани. 

Благодарам што се обидинивме сите заедно и се надевам дека со вас како компании, до 2020 година ќе имаме системско решение за донирањето храна, рече Царовска. 

Блаже Јосифовски, претседател на „Сите сити“, ги нагласи придобивките за компаниите кои се вклучуваат во иницијативата: зголемување на нивната продажба затоа што луѓето сакаат да купуваат од општествено одговорни компании, намалување на трошоците и даночни ослободувања преку Законот за донации и спонзорства.

Стигнавме до мрежа од 31 граѓанска организација во десет градови и помагаме околу 7.000 граѓани. Вкупно 460.000 наши граѓани ги немаат сите оброци во тек на денот. Се фрла 10.000 тони безбедна храна. Нејзината вредност е 15 милиони евра. Заедно можеме да направиме голема разлика за во нашата земја да нема гладни, рече Јосифовски.   

„Виталиа“ беше претставена како компанија која е најголем донатор во мрежата „Сите сити“. Искра Ветеџакоска Муцунска, директорка на „Виталиа“, кажа досега донирале 15 тони храна и ќе ја продолжат поддршката со истиот интензитет, при што ќе се обидат да ги мотивираат и нивните соработници да се вклучат во иницијативата.  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...