Македонија

Малите и средни фирми не растат од непотребни давачки

07 јун 2019

Во Индексот на политики за мали и средни претпријатија на Европската унија државава бележи напредок во областа на иновациите, поедноставувањето на легислативата, поддршката на услугите и пристапот до финансии. Клучни слабости се нотирани кај небанкарското финансирање, процедурите за лиценци, постапките за стечај и претпримничкото учење и вештини.

Нотирано е и дека програмите што ги спроведуваме преку Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за иновативност и за претпримеништво на Министерството за економија даваат резултати, но секако има делови каде треба да работиме уште повеќе, како што е областа на стечајот за што се работи на ново законско решение во соработка со Светска банка, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на презентацијата „Индексот на политики за МСП за Западен Балкан и Турција – проценка на имплементација на актот за мали бизниси“.

Според раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во нашата држава Никола Бертолини, малите бизниси сѐ уште се попречувани во развојот.

Бизнис средината за работата на малите и средни претпријатија сѐ уште е попречена од одредени фактори, како недоволен институционален капацитет на граѓанските судови за решавање на стопански спорови, нетранспарентна и честопати непредвидлива регулативна рамка и недоволно транспарентни и доследни инспекциски процедури. Тука е и товарот од парафискални наплати, значителениот неформален сектор кој создава неправична конкуренција за останатите, структурните проблеми во функционирањето на пазарот на труд. Ова се некои од предизвиците кои постојат, а генерално потребни се дополнителни напори за справување со корупцијата, да се подобри владеење на правото и да се зајакнат институците со цел да се промовира конкурентноста , рече Бертолини.

Во државава, како што укажа Бертолини, функционираат 55.000 мали и средни компании, кои обезбедуваат околу 77 проценти од вредноста на стопанството и подеднаква понуда на вработувања. Микро компаниите се одговорни за обезбедување на една третина од вработените од бизнис секторот.

Индексот на политики за мали и средни претпријатија се пресметува во рамки на Актот за мали бизниси што го усвои Европската комисија во јуни 2008 со десет принципи кои ја сочинуваат рамката на политики за мали и средни претпријатија.