Македонија

Стопанска Комора: Покачувањето на даноците да оди по календар

01 апр 2019

Да се воведе „даночен календар“ со кој системски ќе се определи дека измени во даночниот систем ќе се носат до 30 јуни, а нивната примена ќе почнува на почетокот на следната година, пoбара Стопанската комора од денешната прес-конференција. 

Од Комората бараат и секоја измена во даночниот систем да не се менува во текот на истата година, односно да трае најмалку една година.

Зоран Јовановски, советник во Управниот одбор на Комората, рече дека со ова  ќе се избегнат неизвесноста, несигурноста, непредвидливоста и дополнителното финансиско оптоварување кај бизнисите предизвикано од последните брзи промени на даночниот систем.

Какви било измени во даночната сфера би се воведувале, би биле донесени и искомуницирани со јавноста најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година. Донесените промени не би почнале да важат веднаш, туку би имале одложено дејство. Би почнале да важат од почетокот на наредната календарска година. Исклучок би биле само промени кои би значеле намалување на даночните обврски за компаниите. Таквите мерки предлагаме да стапат во сила веднаш со оглед дека веднаш би имале и позитивен ефект врз економијата, рече Јовановски.

Предлогот за воведување „даночен календар“ е донесен од Управниот одбор на Комората и ќе биде доставен до Владата деновиве.

Пресметките на Комората се дека ова решение ќе има еднакви поволности како за бизнисмените така и за целокупната економија.

Компаниите ќе бидат заштитени од непредвидливи промени. Втората половина од годината ќе можат да ја искористат за прилагодување кон промените и ќе знаат дека овие промени ќе важат најмалку една година и ќе можат да ги планираат инвестициите. Носителите на економските политики ќе мора долгорочно да ги прават макроекономските проекции, кажа Јовановски.

Тој е оптимист дека Владата ќе го прифати ова барање на Комората, а како системско решение ќе го применува и секоја друга Влада.