Македонија

АД „Европа“ ќе овозможи скратено работно време за родителите

15 мар 2019

И компанијата АД „Европа“ ќе овозможи три месеци скратено работно време за своите вработени на кои им се родил нов член во семејството и станале родители.

Со тоа, АД „Европа“ е третата компанија која овозможи ваква бенефиција, по „Макпрогрес“ и „Витаминка“, од која потекна иницијативата. Во сите три компании, вработените кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, во наредните три месеци по завршување на редовните девет месеци (или 15 месеци за две или повеќе деца) добиваат право да работат со скратено работно време (половина од полното работно време), а притоа им се исплаќа целосен личен доход и ги уживаат сите други привилегии од работниот однос заснован на полно работно време. 

Компанијата АД „Европа“ како една од најстарите фабрики за кондиторски производи на Балканот со големо задоволство ја прифати оваа иницијатива. Фабрика „Европа“ постои од далечната 1882 година и претставува една голема фамилија со околу 400 вработени од кои над 300 се жени на различна годишна возраст. Секој член од тимот на “Европа” е ценет подеднакво, a поради ефикасната соработка која постои меѓу секторите се охрабрува сечиј успех, развој и цел, соопштија од АД „Европа“.

Од таму најавуваат дека ова е само една од новините со која се најавува модернизирањето на компанијата. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...