Македонија

И „Макпрогрес“ се приклучи на иницијативата на „Витаминка“

14 мар 2019

 

И „Макпрогрес“ Виница ја прифати иницијативата за дополнителни три месеци скратено работно време за родителите што се враќаат од породилно отсуство, откако тоа претходно го направи прилепска „Витаминка“. 

Станува збор за бенефиција со која вработените кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, во следните три месеци по завршување на редовните 9 месеци (или 15 месеци за две или повеќе деца одеднаш) ќе може да работат со скратено работно време (половина од полното работно време), а притоа ќе им се исплаќа целосен личен доход и ќе ги уживаат сите други привилегии како да работеле со полно работно време.

Со оваа одлука уште еднаш покажуваме дека вработените се најголемата вредност за компанијата, и дека грижата за нив, нивната едукација и обезбедувањето на најдобри услови за работа се нешто што претставува императив во работењето. Дека вработените имаат можност за напредок, за градење кариера во нивното родно место, а притоа имаат бенефиции како во некои од најразвиените западно европски земји, соопштија од „Макпрогрес“. 

Компанијата има над 600 вработени и е најголем работодавач од прехранбената индустрија во источниот дел на Македонија. Во моментов производите се продаваат на пазарите во повеќе од 55 држави во светот.