Маалска продавница

Претставуваме: „Филипос“ - Македонски Брод

14 дек 2018

Во чекор со денешницата

Надминувањето на предизвиците при работењето во мал град значи умешност, но и секојдневна борба за успешно завршен работен ден. И во таква ситуација „Филипос“ успева да се избори за она во што верува и на своите лојални потрошувачи да им обезбеди полни полици и пристапни цени на производите

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Разговорот со сопственикот на продавницата „Филипос“, Сашо Филипоски, имаше една интересна мелодија испреплетена со емоции, на моменти имаше силно крешендо, а на моменти благо декрешендо. Причината за ваквата мелодија е ситуацијата со која се соочуваат сите што работат во мал град - иселување на жителите.

На ул. „Мирче Ацев“ бр. 30 во Македонски Брод во 2005 година беше отворена продавницата „Филипос“, на површина од 100 м². Во времето кога бил отворен дуќанот, бил меѓу поголемите маркети во градот.

Развојот на работата се одвиваше добро, и сега не е лошо, се трудам да ги следам трендовите, побарувачката и потребите на купувачите. Има производи кои наменски ги пласирам, доколку има празници, настани и сл. Многу работам и на тоа да има пристапни цени, да има акции и пониски цени, истакна Сашо, но додаде дека имаат друг проблем: Генерален проблем е иселувањето. Кога почнавме со работата, 5.000 луѓе живееја тука, а сега немаме повеќе од 1.900. Млади луѓе немаме, сите што заминаа на студирање или на работа во странство повеќе не се вратија.

Во тој период имало и поголема конкуренција, сега веќе го нема ниту тоа. Многу од маалските продавници со помала квадратура што претходно работеле, веќе не работат. Во градот сега функционираат еден поголем маркет и неколку помали маркети од „Филипос“. Друг проблем што го истакнува Сашо е близината на Кичево, каде што многу од жителите работат. Во овој град има големи маркети, кои имаат можност да продаваат и по пониски цени, поради што таму се прават големите пазарувања.

Сашо истакна дека имаат одлична соработка со дистрибутерите, тие нудат нови производи и тој често ги вклучува во асортиманот, оти сака на своите купувачи да им понуди сè што е актуелно, но внимава тоа да бидат производи што реално имаат потенцијал да бидат продадени. Сепак, смета дека и кај нив се одразува ситуацијата во земјава: На почетокот доставувачите што доаѓаа кај мене нудеа производи и даваа рок за исплата и до 30 дена, сега веќе не е така, некои најмногу даваат до 15 дена, така што стануваме платежно немоќни.

Тоа што може да се забележи во продавницата е богатиот асортиман на производи. Сашо потврди дека имаат сè што во една ваква продавница обично има, освен пластични производи со кинеско потекло. Според него, добриот избор на производи и пристапните цени прават да се разликува една продавница од друга. Освен тоа, разликата е и во услугата.

Услугата е многу битна. Со луѓето што доаѓаат секој ден во продавницата се знаеме со години, се чувствуваат како дома. И вработените се тука да помогнат, да услужат. Ова особено важи за пензионерите, кои сакаат и имаат потреба од посебен третман, објасни Сашо.

Во продавницата работат пет луѓе, заедно со Сашо, кои се грижат за добрата услуга. Доказ дека соработката и со вработените е на високо ниво е тоа што четворица се тука веќе 10 години.

Во градот платите се мали, не можам и јас да давам високи плати, но се трудам со вработените да имам човечки однос, заснован на разбирање на нивните потреби и проблеми, додава Сашо.

Продавницата е присутна и на „Фејсбук“ и оваа социјална мрежа ја користи за промоција на своите производи и за акциски понуди, намалени цени и сл.: Имав идеја да примам нарачки преку „Фејсбук“ и да вршам достава на производите до домовите. Но, идејата не ја реализирав, повторно поради малиот број на жители. Тие што се останати се пензионери, кои дури нема ни да сакаат да доплатат за производите да им ги донесеме до дома.

Кога раскажувањето на приказната за „Филипос“ се приближуваше до крајот, го прашавме што би им препорачал на своите колеги, соработници и сл. Тој со насмевка одговори дека сме требало да го прашаме пред неколку години, бидејќи ќе имал нешто позитивно да каже.

Можам да кажам само дека е многу тешко. Но, мора да се следи брзиот тек на денешницата, на купувачите да им се понуди нешто интересно, корисно и ново. Тоа е единствениот начин за работа на продавницата. Дополнително, потребни се поголеми маркети каде што може да се работи со поголем асортиман и пониски цени, оти работењето со малите продавници, со мала квадратура, е навистина тешко.