Маалска продавница

Претставуваме: „Нова“ - Прилеп

14 сеп 2018

Една деценија со малите и големи потрошувачи

Продавница која се труди да понуди сè што е квалитетно и проверено, во доволно количество. Место каде што се работи точно и навремено, потпирајќи се на текот на новите трендови

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Во текот на десетгодишното работење полиците на маркетот „Нова“ секогаш се полни со производи кои ги следат потребите на своите редовни потрошувачи, од најмалите до најголемите. Љубезноста, точноста, навремената исплата, доволното количество резерви... Тоа се нештата со кои се гордее Љупчо Петрески, и кои се причината за долгогодишното успешно работење, како сопственик на овој маркет.

Маркетот „Нова“ се наоѓа на одлична локација, во близина на основно училиште, па најчестите потрошувачи се токму најмалите и нивните родители. Љубовта кон трговијата ја наследува од татко му: Бидејќи веќе го имав објектот, чија локација беше одлична, иницирав да отвориме маркет и тука почна приказната која трае до денес, се присети Љупчо.

Маркетот се простира на 150 м², со асортиман од 10.000 производи и магацин од 30 м². Тој истакнува колку на еден маркет му е потребен магацинот: За мене, многу е важно да имаме резерва од речиси сè што имаме и на полица. Не можам да си дозволам да дојде купувач, да побара, да речеме две кутии вино, а јас да немам. Знам дека на тој начин ќе го изгубам тој потрошувач.

Тој додава дека имањето поголемо количество од производите овозможува попаметно калкулирање на цените и на тој начин успева да понуди висок квалитет, пониски цени и добра услуга.

Сакам широк асортиман, сакам купувачите да имаат избор, да речеме од десет вида чоколада, од пет вида омекнувачи за алишта и сл. Им верувам на веќе докажаните брендови и тие се вклучени во асортиманот. Сакам во маркетот да го имам најквалитетното и најдоброто бидејќи најверни потрошувачи ни се децата. Секако, им давам простор и на другите брендови, додава Љупчо.

Успешноста на маркетот се должи на напорното работење во кое е вклучена и неговата сопруга: Таа ми е најголемата поддршка. Таа е задолжена за водењето на финансискиот дел, средување фактури и слично. Таа е „виновникот“ што во маркетот вклучивме и голем број здрави и органски производи, што се должи на нејзиниот начин на исхрана.

Во маркетот се вработени 10 луѓе, од кои 6 се тука од почетоците. Тој објаснува дека приоритет во односот со вработените е навременото исплаќање на платите и придонесите, коректен и лојален однос. Иако е така, во последно време се соочува со недостиг на вработени, што, според него, се должи на односот на младите кон оваа професија. Во принцип владее мислењето дека во трговијата платите се многу ниски, но во нашиот маркет успеавме да го надминеме и тоа. Од нив барам секогаш убаво да ги пречекаат купувачите, со учтиво „добар ден, повелете“. Повеќе не барам.

Освен посветеноста на работењето, тоа што ни остави впечаток од разговорот со Љупчо е неговото размислување за конкуренцијата. На неа гледам како поттик за подобрување на моето работење, истакнува тој и додава: Следам што имаат големите синџири за, според можностите, да го имам во мојот маркет – од подобрување на работењето во поглед на технологијата, вклучување производи што дотогаш сум ги немал и сл. Трендовите брзо се менуваат, но секогаш се обидувам да вклучам нешто ново за да ги подобрам работењето и работната атмосфера во маркетот.

Тоа што го одликува во односот со дистрибутерите и производителите е што и со нив има изградено лојален и коректен однос, кој се базира на навремена исплата. Сакам кога сè е навремено и точно, така градам професионален однос со нив. Секогаш соработувам со директните и ексклузивни дистрибутери на производите бидејќи со нив можам да се договорам и за дополнителни промоции, акции, промотивни материјали...

По приказната за почетоците и развојот следуваше прашањето за идните планови, на што одговори: Сè почесто го слушам прашањето кога ќе отворам нов маркет. Сакам, но не сум имал добра можност за тоа бидејќи потребни се добра локација, енергија за нови почетоци и сл. Не избрзувам со одлуките.

Инспирирани од ентузијазмот и посветеноста, пред крајот на разговорот Љупчо ни откри уште неколку нешта што обезбедуваат успех.

Треба да се работи домаќински, коректно, да се создаваат лојални вработени и потрошувачи. Со помали очекувања и целосно вложување за нивна реализација можат да се постигнат сигурни и задоволувачки резултати



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...