Актуелно

Горан Теменугов: Сурфај нежно

04 мар 2019

Сурфајќи на висок бран наречен најекономска година, останавме затечени од објавениот пензиски криминал, најавениот поврат на 15% ДДВ, донесен, па повлечен Закон за пазарџиите...

Горан Теменугов, економски новинар

Да не се лажеме. Директно да си кажеме. Нашата, Македонија, наскоро и Северна, е држава на гангстери. Единствено што е организирано во овие нешто повеќе од 25.000 квадратни километри држава е криминалот. 12 години, неверојатна деценија и две години, од државниот пензиски фонд не се префрлале средства за во вториот приватен фонд. 12.000 граѓани се оштетени. И затоа сегашната Влада, предводена од СДСМ и ДУИ, ќе ги обесштети со 19 милиони евра.

Неверојатно. Фрапантно. Некој ограбил 12.000 граѓани, а сега ние - два милиона ќе го плаќаме тоа. Некој во времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не само што не го почитувал законот, туку имало и класична „омерта“, закон на молчење. Молчеле сите институции што требаше да алармираат бидејќи суштината на нивното постоење е контролата на законското работење. Е баш во тие институции и во Владата, во Министерството за финансии се молчело или потполно не се следела работата на Фондот за пензиско осигурување.

Кој е виновен и одговорен, допрва ќе се утврдува. Најверојатно никогаш нема да има правна разврска. Како што немало за ниту едно злодело против граѓаните на оваа наша мала, ама со криминал полна држава.

Сурфајќи на бранот на голиот популизам, без јасна претстава какви резултати ќе дадат усвоените закони и без политичка волја да се истрае во мерките што се преземаат, бранот може да стане цунами што ќе ја потопи економијата

И да. Вака ни стартуваше 2019 година. Најекономската од безбројте досега економски години. Годината во која нашата економија треба да се вивне во големи височини и да расте како квасец на топло. Зад ветувањето дека оваа година ќе биде чудо стои лично премиерот Зоран Заев. Најави дека освен економскиот пораст, ќе го спроведат предизборното ветување дека на граѓаните за приложени фискални сметки ќе им се вратат 15 отсто од данокот на додадена вредност.

Тамам Заев го кажа ова, а од Министерството за финансии абер немаа да објаснат дали 15 отсто ќе се враќаат на целата сума или само на 18-те отсто ДДВ. Она што не сакаа или во моментот не знаеја да го објаснат беше ако одреден производ чини 1.000 денари, а со ДДВ од 18% вкупно 1.180 денари, дали 15% ќе бидат од целата сума, што е 177 денари, или само на 180-те денари што се од ДДВ. Ако е ова второто, враќањето ќе биде само 27 денари.

Исто така, годината ни почна и со бунтот на пазарџиите. И тоа поради Законот кој стапи во сила и ги тераше да извадат лиценца. Таа лиценца да важи само за една тезга, односно ако сакаш повеќе тезги, ти требаат повеќе лиценци, а тоа се повеќе трошоци за продавачите, а поголеми приходи за овластената Комора на трговци. Плус им беше забрането на пензионерите и на хонорарците да продаваат. Законот беше донесен по предлог на ДУИ. Целта беше да се стави ред во оваа сфера на работење и да се сузбие сивата економија.

И како што бидува сè кај нас, по краткотрајниот бунт, пратениците решија да го одложат Законот за една година. Во овие речиси 11 месеци до 2020 ќе има јавни расправи за да се вметнат забелешките на пазарџиите. Секако, ова не можеше да се направи пред да се донесе Законот, туку мораше откако стапи во сила и откако имаше реакции во јавноста. Едноставно, толку од политичката волја да се спроведе еден закон. Настрана што беше донесен под радарот на јавноста, но, сепак, ако веќе е донесен, логично би било и да се спроведува и да се види дали ќе даде резултати.

Вака, сè кај нас се сведува на гол популизам. И оваа влада го јавна бранот на енормно додворување на гласачите, кои како да им го свртеа грбот по сè што направија со правниот систем и ветената, а никаде на виделина правда, а само за да обезбедат 80 пратеници во Собранието за промена на името.

Затоа, сурфајќи на бранот на голиот популизам и без јасна претстава околу тоа какви резултати ќе дадат усвоените закони, и без политичка волја да се истрае во мерките што се преземаат, едноставно економијата нема да биде квасец на топло, туку брзо тесто кое се подготвува за само 15 минути, што не би требало да биде. И да, бранот кој Владата го јава лесно може да се претвори во цунами што ќе ја потопи економијата. Манифестираната слабост и немањето правна држава ќе придонесат сите да почнат сè да бараат и, секако, сè да добиваат. Ваква слаба Влада, која за да истурка каква било одлука мора да прави болни политички договори и отстапки, мора конечно да се охрабри и да му каже „не“ на силувањето на правниот систем. Едноставно, без правна сигурност и почитување и спроведување на законите, економија нема да има.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...