Актуелно

Зоран Богетиќ: Несигурноста на новата елита

25 фев 2019

Загрижува приливот од решенија copy-paste, често за нас незабележливи. Последица од нив се деловната безличност и проблематичниот опстанок.

Автор: Зоран Богетиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, zoran@bogetic.com

Не е лесно да се почне успешен стартап-бизнис на ридестиот Балкан. Неопходна е инвентивноста, која честопати ја нема во книгите и во решенијата на големите консултантски куќи. Луцидната креативност им е уште понеопходна на средните и на големите претпријатија поради притисокот и ризикот што ги носат. Загрижува приливот од решенија copy-paste, често за нас незабележливи. Последица од нив се деловната безличност и проблематичниот опстанок.

Соработувајќи подолго време со низа респектабилни принципали на планот дистрибуција на производи на овдешните пазари, покрај големиот број добри искуства, стекнав и тежок впечаток за лошите предрасуди за нас. Тоа значи оправдана претпоставка за долг период на соработка пред да се развијат довербата и неопходното партнерство во работата. Честото исцрпувачко бизнис-тестирање, ефектуирано во квалитетни деловни релации, неминовно води до низа лични пријателства што траат.

Балканот и феноменот на балканизацијата прилично оптоварувачки се доживуваат од западната бизнис-елита, која развива низа стравови што ја попречуваат соработката. Оттука и искуството за неопходно трпение, кое е потребно за да се развие бизнисот и да се постигнат солидни резултати. Повеќе од материјалната сатисфакција во работата со некои од светските водечки FMCG-компании ми значат односите што потврдуваат дека странците можат многу да научат и од нас. Често удобно сместени во стабилноста на своите матични бизнис-амбиенти, западните претприемачи не можат ни да претпостават кој степен на деловна инвентивност треба да го имаат на Западен Балкан за одржливо и успешно да работат подолго време.

Не е толку голем проблемот што странците деловно нè  омаловажуваат. Поголем е проблемот што честопати самите се потценуваме, заборавајќи на трнливиот „пат до ѕвездите“, поплочен со учење и со креативност.

Не е едноставно да се развивате себеси за да може да се развива и компанијата што ја водите. Претприемачката храброст, проникливоста и динамичната адаптација биле дел од предусловите за формирање и стабилизирање на голем број денес успешни претпријатија. Меѓу тие успешни претпријатија, формирани кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, постои солиден број на тие чиј развој може да се смета за професионално респектабилен, а со тоа и вреден за внимание. Овој текст е наменет токму за компаниите што немаат позначајни „опашки“ од минатото, а некои се соочуваат и со големите „пречки“ од новото време.

Претприемачкиот ентузијазам и креативната адаптибилност ги наследија поголемите организации, со повремено квалитетна менаџерска структура. Организациите се развиваат, а газдите се затекнати од развојот на случувањата. Тие доаѓаат во сè поделикатна ситуација, со постојаното прашање: Како да полетам? Од една страна, проблемот е во несмасноста поради преголемата делегирана одговорност на „посветените“, кои честопати се со недоволно знаење. Од друга страна, пак, несмасноста доаѓа и од армијата стандардизирани менаџери, кои работат по стерилни шаблони и го имаат последниот збор. А ридестиот Балкан и понатаму бара динамична креативност и инвентивност, често непозната во стабилните бизнис-амбиенти.

Доаѓаме до темата на текстов: не е толку голем проблемот што странците деловно нè  омаловажуваат. Поголем е проблемот што честопати самите се потценуваме, заборавајќи на трнливиот „пат до ѕвездите“, поплочен со учење и со креативност. Веројатно човек се изморува од долгогодишната работа и посакува готови бизнис-решенија, а најслатки се од брендовите-авторитети. Високо брендираното и скапото е лек за комплексите на многу избраници од новата елита, но штетата може да биде многу голема кога бизнис-решенијата не се соодветни за конкретната организација во специфични услови.

Сè повеќе на балканските пазари се прифаќаат бизнис-решенија што некаде далеку се развиени и потврдени, за некои други луѓе и во некои други околности. Сè помалку впечатливи примери на оригиналност и на креативност се среќаваат во балканското стопанство. Плагијаторството не е хит само во новокомпонираните научни кругови, туку е и сè појасна реалност во стопанството, особено во средните и во големите претпријатија. На нечесните научници ќе им судат идните поколенија, времето нема да ги избрише нивните траги од интелектуалната кражба. На претприемачите што ги негуваат решенијата copy-paste неминовно пазарот ќе им суди сурово. Особено загрижува оцената на сè помалата креативност во сè поголемите компании...

На крајот, би сакал да го охрабрам сè уште присутниот претприемачки ентузијазам за развој на оригинални стратегии, со бизнис-решенија што конкуренцијата не може да ги сфати. Потребна е верба во себе и негување на креативноста. Тие се појдовните точки за секој деловен успех. Се разбира, втемелени на суштинското разбирање на бизнис-алтернативите во различни околности.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...