Актуелно

Мислења и коментари: Ќе се оствари ли владиниот економски оптимизам?

19 фев 2019

На прагот сме на економски бум или на уште една просечна година – иако Владата веќе ја прогласи 2019 за година на економијата, стопанствениците посочуваат уште мерки што треба да се спроведат за да се стигне за проектираниот економски раст од 3,2 отсто. 

Подготви: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ

Крешник Бектеши, министер за економија

Сите индикатори што ги имаме ни даваат за право да ја прогласиме 2019 година за економска година. Но мислам дека ако го фатиме бранот на НАТО и ЕУ-интеграциите, со решени крупни политички прашања, Македонија ќе има одлични шанси за голем економски раст што вистински ќе го почувствуваат и самите граѓани.

Посветеноста на Владата и забрзаното темпо за решавање на сите прашања за економски развој се доволен показател за создавање поволна клима за работа, за привлекување нови странски инвестиции, поддршка на домашните компании и за владеење на правото. Денес Македонија е попредвидливо место за инвестирање, без никакви претходни договори, без поделби на домашни и на странски компании и без огромни трошоци за светски промоции и кампањи. Покрај инвестициите што се реализирани лани и оние што се на пат за реализација, покрај мерките за фер и солидарно општество, од типот на раст на платите, вработувањата и мерките од социјалната политика, продолжуваме со поддршката за компаниите. Програмата за конкурентност и претприемништво 2019 (КИП) во континуитет бележи зголемување на буџетот, согласно популарноста на мерките во неа и интересот на МСП за користење на средствата од овие мерки. Со сите предвидени мерки, од типот мерки што се реална потреба на бизнис-секторот, како и со зголемениот буџет во поедините делови и во програмата во целост, верувам дека ќе го поддржиме зголемувањето на конкурентноста на малите и средните претпријатија, а со тоа и зголемувањето на вработувањата во нив и подобрувањето на конкурентноста на домашната економија во целост. Целиот пакет на економски реформи, на социјалните реформи се прави за да се создаде подобар амбиент за сите граѓани во нашата земја, кој ќе биде доволно примамлив, особено за младите луѓе при одлуката да останат во Македонија.

Секој е добредојден, и домашен и странски инвеститор, условите се транспарентни и важат за сите еднакво.

ЕКСПЕРТСКИ СТАВ

Шенај Хаџимустафа, професорка по бизнис и економија, Универзитет на Југоисточна Европа (ЈИЕ)

Рационалните очекувања на економските актери се пресудни за тоа какви ќе бидат резултатите во 2019 година. Тие се базираат на информациите што ги добиваат од економското опкружување во земјата. Имено, економските перформанси на земјата во голема мера зависат од реализацијата на Преспанскиот договор, кој им нуди поголема сигурност и оптимизам на домашните и на странските инвеститори, како и на обичниот граѓанин. Ако трасата на Македонија е поставена во насока на влез во НАТО и во ЕУ, таа треба да биде подготвена да се исправи пред многубројни реформи кои би значеле подобро функционирање на институциите, владеење на правото, поголема транспарентност, отчетност, намалена корупција и враќање на моралните вредности во нормала. Посветеноста на институциите во оваа насока е клучна. Со постоење добра и јасна визија за земјата, стратегија и план по кој секој од нас ќе треба да го исполни својот дел од задачата, позитивните економските перформанси порано ќе се почувствуваат. Високата реализација на капиталните инфраструктурни инвестиции, како јавни така и приватни, е клучна за придвижување на економијата.

Предизвиците за македонската економија во 2019 се поврзани со реформите во институциите во насока на создавање општество кое ќе се базира на принципите на добро владеење, политики со кои ќе се оствари одржлив економски раст и развој. Ризиците се поврзани со политичка нестабилност, која може да биде од домашната или од надворешната сцена. Што се однесува до претстојните претседателски и евентуални предвремени парламентарни избори, факт е дека во нашата земја секое организирање на избори одзема значаен дел од времето и енергијата на политичките актери. Тоа може да  влијае врз економијата, но во 2019 година клучен фактор за македонската економија се позитивните решенија од надворешната политика.

Политичките решенија се темел за растот во 2019 година, сигнали кои ќе ги обликуваат одлуките на реалниот сектор, како и обичните луѓе.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ

Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија

Сојузот на стопански комори испорача седум приоритети од приватниот сектор за да се создадат предуслови да има реална основа 2019 да биде економска година. Секој од приоритетите во себе содржи по десет барања кои беа истакнати од средбите со над 20.000 члена од различни сектори и региони на Македонија. Сите приоритети имаат еднаков степен на важност за реализација, токму поради фактот што ги обединуваат сите сектори и се надоврзуваат еден со друг. Минатата година најгласно се говореше за  интензивирање на борбата со сивата економија, демонстрирање волја за воспоставување на владеење на правото и гаранција на правната сигурност на приватниот сектор за да може да се отпочне со инвестиции, но  и неопходноста од консултација за сите законски решенија што го засегаат стопанството со цел нивно непречено спроведување.

Во моментов на компаниите прво им е потребно да се создаде сигурен и стабилен деловен амбиент. Тоа подразбира политичка стабилизација и креирање долгорочна национална стратегија за економски раст, со можни потенцијали за развој по сектори. Имплементирањето на структурните економски реформи е неопходно да биде од национален приоритет на секоја влада. Поаѓајќи од фактот што стопанството во Македонија 99,7% го сочинуваат мали и средни претпријатија, потребно е да се изготват модели за  даночни олеснувања и дерегулација на малите компании и претприемачите. Само така ќе им се даде квалитетна можност на претприемачите со добри и иновативни идеи да ја гледаат својата иднина во Македонија. Фокусот исто така треба да биде на подобрување на инфраструктурата, поттикнување на иновативноста, инвестирање во кадар и во технологија, но и во дефинирана поддршка на извозно ориентираните компании, кои се само 3.500 или 5% од вкупниот број активни трговски субјекти во земјата.  

Економијата треба да функционира како систем на пазарни вредности, систем на еднакви можности за отпочнување и градење сопствен бизнис и бренд, овозможувајќи приватниот сектор да се движи напред и да биде одржлив, а тоа може да се постигне единствено во стабилен и сигурен деловен амбиент. Клучот е во редовните консултации со приватниот сектор, со цел реализација на плановите за постигнување раст на стопанството и на националната економија воопшто, а со тоа и подобрување на животниот стандард за сите граѓани.  

Во моментов на компаниите прво им е потребно да се создаде сигурен и стабилен деловен амбиент, да имаат предвидливост и да можат да изготвуваат повеќегодишни бизнис и финансиски планови.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ

Даница Личанин-Блажевска, директорка на маркети „Рептил“

Оптимистички се најавите дека 2019 ќе биде година на економијата, но депримирачки се фактите. Почетокот на годината не најавува дека ќе има подобрувања. Постојаното зголемување на трошоците нè принудува да размислуваме и да планираме кратење на буџетите и намалување на вработените. Зголемувањето на сивата економија и на нелојалната конкуренција е на високо ниво, а со овој факт не гледам дека ќе има некое подобрување.

Очекувањата ми се дека Владата вистински ќе преземе мерки, ќе обезбеди средства и ќе ги намири обврските.  Обратно е тргнат процесот, треба да се зголеми и подобри економијата, па потоа да се зголемуваат даноците и да се наметнуваат дополнителни давачки.

Освен даноците, покачена е цената на електричната енергија и има ред други давачки што не се коментираат никаде. Нè чека тешка и пресудна година без разлика на кое ниво ќе се зголеми економијата бидејќи веќе две години наназад ги трпиме последиците од настаните во државата.

Што се однесува до ФМЦГ-секторот, тој се разводни многу и не останува многу можност за потенцијал. Мислам дека ќе треба да се оди во правец на окрупнување и зголемување на профитните маргини за да се покријат наметнатите трошоци. Зголемувањето ќе донесе ризици и последици на двете страни бидејќи веќе е намалена куповната моќ на граѓаните.

Нè чека тешка и пресудна година без разлика на кое ниво ќе се зголеми економијата бидејќи веќе две години наназад ги трпиме последиците од настаните во државата.

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...